Емитер во секциите по електроника

Почитувана редакцијо,
И јас би сакал да се придружам кон многубројните пофалби од читателите за вашето и наше списание од оваа сè поинтересна област за младите луѓе. Со ова писмо ќе се потрудам да ги искажам моите размислувања, а воедно и да ви предложам некои идеи за ваша понатамошна работа.
Јас како наставник во О.У. "Стив Наумов" од Скопје веќе трета година редовно го користам ЕМИТЕР во мојата работа со секцијата по електроника и, веднаш да ви кажам, предизвика голем интерес меѓу учениците, а и мене многу ми помага. Со појавата на ЕМИТЕР секоја учебна година заинтересираноста е сè поголема така што оваа учебна година во мојата секција членуваат над триесет ученика. Од ЕМИТЕР ги користам само поедноставните склопови кои благодарение на вас се со помалку грешки и што се вели проработуваат од прва. Сето тоа предизвикува кај моите ученици голема радост кога склопот ќе проработи од прва, а и воедно големо разочарување ако не проработи, што кажува дека ние не сме професионалци за да можеме самите да ги најдеме грешките. За среќа тоа многу ретко се случува во вашето списание.
Искажувам голема благодарност на вашиот уредник Слободан Таневски за серијата прилози "Почетен курс по практична електроника" од каде моите ученици и јас многу научивме. Добро би било таа серија да продолжи и понатаму и ако е можно сето тоа да го споите и објавите во една книга. Кога сум тука би го предложил следново: Списаниево ви е во голема мерка професионално, мислам наменето за средните училишта и понатаму. Тоа е добро, меѓутоа ако сакате да навлезете и во основните училишта (има заинтересираност на дечиња уште од петто одделение) одвојте барем две страници и симнете се на пониско ниво со поедноставни и поевтини склопови, кои ќе проработат од прва, бидејќи до сега вашите склопови можеа да ги изработат само ученици од осмо и многу ретко од седмо одделение. За помалите кои за среќа се позаинтересирани, се снаоѓам со трепкачи, индикатори и сл. Тие помалите многу се радуваат на склопови со звучни или светлосни ефекти – пр. краткодометни ФМ предаватели, приемници. Ми носат такви исти од Бугарија, минијатурни и доста интересни. Сигурно и вие можете да направите такви.
Голем поздрав и благодарност од електронската секција и мене.
Симо Костовски,
наставник по ТО во ОУ "Стив Наумов", Скопје

Вашето писмо особено ме израдува, не толку заради упатените пофалби, колку за информацијата дека во Вашето училиште постои голема секција по електроника. Уште порадосен факт е дека заинтересираноста за членување во таа секција е сè поголема благодарение на ЕМИТЕР. Баш поради тоа, како награда за овој ентузијазам и поттик за натамошната работата на Вашата секција, Ви испраќаме десетина плочки со печатени кола и исто толку примероци од постарите броеви на ЕМИТЕР.
Се сложувам дека во ЕМИТЕР има малку написи кои се прилагодени за учениците од основните училишта, па затоа ќе вложиме напори тоа во иднина да не биде така, односно, како што велите и Вие, во секој број да има по нешто и за најмладите електроничари.
Поздрав и голема благодарност до Вас и Вашите млади електроничари.
Слободан Таневски