Бас-рефлекс звучник и намотки за уредот за комуникација преку 220V-на мрежа

Здраво!
Најпрвин да ви се заблагодарам што ми одговоривте на првото писмо во врска со еквилајзерот за гитарскиот засилувач. Го послушав вашиот совет и многу сум задоволен од добиените резултати. Имам две прашања:
1. Правам бас-рефлекс звучна кутија, според ЕМИТЕР 6/98, но никаде не сретнав информации за местоположбата на звучникот и на бас-рефлекс цевката. Звучната кутија е со надворешни димензии 589x415x748 mm, а користам звучник Eminence Beta 12 LTA, наменет за гитарски звучник. Пожелно би било бас-рефлекс цевката да биде поставена од предната страна.
2. Го разгледав проектот "Уред за комуникација преку 220 волтна мрежа" од ЕМИТЕР 2/2k и би сакал подетално да ги опишете намотките од Tr2 на предавателот и приемникот, димензиите на феритните лончиња и вредноста на индуктивитетот на намотките. Во иднина пожелно е во проектите каде што се употребуваат намотки да биде даден и нивниот индуктивитет, за попрецизно изработување.
Однапред ви се заблагодарувам,
Мирослав Петроски
од Тетово

Нè радува што нашите совети довеле до резултати со кои сте задоволни.
1. Како што пишува во каталогот на Eminence, широкопојасниот звучник Eminence Beta 12 LT е проектиран и наменет за PA системи, а не за гитарски засилувачи. Иако тој може добро да послужи и за гитара, сепак најдобро е за таа намена да се употреби звучник кој е специјално конструиран како гитарски звучник – на пример одличниот Eminence LE 12-50 (или Eminence LE 12-35), но веројатно овие звучници се поскапи. Бидејќи веќе сте го купиле Eminence Beta 12 LTA (буквата A на крајот означува верзија од 8Ω), еве некои совети како би можеле што подобро да го искористите. Ако имате бас-гитара, тогаш звучната кутија што сте ја направиле е со коректен внатрешен волумен (околу 149 литри). Но ако имате соло гитара, тогаш кутијата е непотребно голема. Најнискиот тон што го дава соло гитарата е околу 80 Hz, така што ни звучната кутија нема потреба да дава пониски тонови од 80 Hz – затоа направете нова бас-рефлекс звучна кутија со внатрешен волумен од 62 литри (62 dm3), а резонантната фреквенција fb наместете ја на 49 Hz. Бас-рефлекс цевката слободно поставете ја на предната страна.
Како што веќе напишав во серијата "Бас-рефлекс звучни кутии" (ЕМИТЕР 1/98, 2/98, 4/98 и 6/98), проектирањето на ваков тип звучни кутии е обременето со многу проблеми, кои само делумно можев да ги набројам – со оглед на малиот простор. Проектирањето и конструирањето на бас-рефлекс звучни кутии не го препорачувам на аматери, бидејќи е неопходна мерна опрема и големо знаење. Резонантната фреквенција fb секогаш мора да се провери со мерење, и тоа не само минимумот на движење на мембраната на бас-звучникот, туку исто така и максимумот на зрачењето на бас-рефлекс цевката. Во пракса многу често се случува максимумот на зрачењето на бас-рефлекс цевката да не се поклопува со минимумот на движење на мембраната, што значи дека нема да се добие рамна амплитудно-фереквентна карактеристика. Обликот на амплитудно-фреквентната карактеристика на зрачењето на бас-рефлекс цевката исто така е непредвидлив и треба внимателно да се вкомпонира со менување на резонантната фреквенција.
Местоположбата на бас-рефлекс цевката има некое влијание (како што веќе напишав во ЕМИТЕР 4/98), но тоа е скоро невозможно теоретски да се предвиди, па повторно е неопходно мерење. Единствена олеснителна околност е тоа што местоположбата на бас-звучникот во кутијата нема некое големо значење.
Со оглед на наведените (и ненаведените) проблеми, можам само да Ви пожелам многу среќа во конструирањето на Вашите бас-рефлекс звучни кутии.
2. Замерката што ја давате дека не е наведена индуктивната вредност на намотките на Tr2 во предавателот и приемникот во случајов не ,,држи" , затоа што улогата што ја врши Tr2 како во предавателот, така и во приемникот, е улога на трансформатор, а не на пригушница. Затоа индуктивноста не е важна, а важни се бројот на навивки и типот на јадрото. Конкретните феритни лонци што се употребени во проектот се производство на ,,SIEMENS“ сочинети од по две идентични половини со надворешен пречник од 15 милиметри, височина 10 милиметри, а пречникот на внатрешниот столб изнесува 6 милиметри. Истите се со ознака 1100 163.
Како што и беше наведено во текстот, феритните лонци се извадени од стари растурени уреди. Уредите беа со дата на производство од 1971 година. Затоа било каков феритен лонец да набавите уредот ќе работи, а со малку експериментирање во бројот на намотките веројатно би го извлекле максимумот од феритниот лонец што сте успеале да го набавите.
В. Филевски и Д. Јовановски