Драг ЕМИТЕР,
Пријатно е да се забележи како со секој нов број сте сè подобри и подобри, па се надевам тоа така и ќе остане. Ви се јавувам со цел да придонесам ако е можно со моите забелешки квалитетот на нашето списание да се подобри, по можност за истата цена на чинење. Да почнам со ред:
Идејата за издавање на брошури не е лоша, напротив, но со тоа да не им се одземе можноста на некои од читателите да не го купат Емитер заради зголемената цена.
Исто така ја подржувам и идејата за повеќе текстови каде што ќе бидат споени можностите на компјутерите со другите области на електрониката (комуникациите, мерната техника и друго). Добар пример за тоа е написот за Caller ID декодерот во бројот 1/2000. Мислам дека со тоа на многу читатели би им се дало прилика подобро да ги користат своите компјутери, и тоа не само персоналните компјутери туку и тие што ги прегазило времето, како Спектрум или Комодоре, затоа што сметам дека многу е поважно да се сфати принципот на работа отколку моќта на соодветниот компјутер.
Сметам дека добра пракса би било кога за објавените проекти покрај листата на употребени елементи би биле дадени и некои адреси каде што тие елементи би можело да се набават.
Знам дека тежите кон тоа текстовите и проектите да бидат ориентирани кон пошироката читачка публика но сметам дека не би било лошо дел од текстовите и проектите да бидат наменети и за оние со поголемо искуство. На тој начин и тие што се почетници би имале прилика да дојдат во контакт со понапредни теми. За пофалба би било и кога би имало написи и проекти како ''електрониката во служба на екологијата'' или нешто близу тоа.
И за крај на ова писмо - не е лошо за секој автор да објавите и негова e-mail адреса преку која читателите лесно би контактирале со него. Сметам дека тоа и за авторите би било корисно.
Многу успеси во 2000-та од
Влатко У. преку e-mail
Благодарам за пофалните зборови, искажаните сугестии и желби за натамошно успешно работење на ЕМИТЕР.
Наш план е во иднина да има повеќе проекти и апликации за разни хардверски додатоци за компјутер кои ќе овозможат компјутерот да извршува најразлични работи - од контрола на светло до контрола на некој индустриски процес. Со оглед на сложеноста на уредите кои имаат "еколошка намена" (детектори на разни материи што вршат загадување) не би можел да ветам дека наскоро ќе имаме и такви теми во списанието, но сепак ќе се потрудиме и тоа да го направиме.
Редакцијата настојува, а верувам дека во голема мера и успеваме во тоа да имаме соодветна застапеност на теми наменети за почетници и теми наменети за поискусни електроничари. Помалку искусните електроничари дури и нè критикуваат за "големата" застапеност на посложени проекти и написи. Како и да е ние и во иднина ќе настојуваме во ЕМИТЕР да има теми за сите групи на читатели - од почетници до професионалци.
Наведувањето на адреси од каде би можело да се набават елементите за прикажаните проекти, иако го сметам за добро (од аспект на читателите), сепак, до сега не е реализирано и не планираме да се реализира главно заради две причини: првата е за да не се доведеме во непријатна ситуација некој од нашите спонзори да се почувствува запоставен, а втората е што прибирањето податоци за тоа кои елементи каде ги има и по кои цени е голема работа и во наши услови е невозможно да се изведе целосно и на време. Единствен исклучок се елементите за кои знаеме дека кај нас ги нема - за нив како и до сега ќе даваме информација од каде можат да се нарачаат.
Што се однесува до предлогот да ги објавуваме адресите на нашите соработници повторно ќе ги кажам причините зошто тоа до сега не сме го направиле и не ни е во план да го направиме:
1. Да ја сочуваме приватноста на нашите соработници (некои читатели можат да бидат многу настојчиви во барањето одговори и совети);
2. Да му дадеме доволно време на нашиот соработник да подготви квалитетен одговор (каков што во телефонски разговор не може да се даде);
3. Да овозможиме најинтересните прашања и одговори да бидат објавени во списанието и така да ги направиме достапни за сите останати читатели (со ова се избегнува одговарање по неколку пати на исти прашања од различни читатели).
Заради овие причини одлучено е кореспонденцијата помеѓу читателите и соработниците во врска со објавените написи да се изведува преку редакцијата и тоа преку писма и e-mail. Овој начин навистина е поспор, но од аспект на претходно кажаните причини е подобар, а е исто така сигурен – како што забележувате Вашиот e-mail упатен до нашиот соработник Добре Блажевски не остана без одговор. Комуникацијата помеѓу читателите, членовите на редакцијата и соработниците планираме да ја интензивираме со отварање на "Клуб на читатели на ЕМИТЕР" и со отварање на наша web страница во рамките на која планираме да има и chat-room.
Слободан Таневски
Почитуван г-дине Блажевски,
Со интерес го прочитав вашиот напис за проектот DTMF/Caller ID декодер и би укажал на некој ситни пропусти а и на добрите работи. Да почнам со ред:
- Во листингот на слика 4 имате направено пропуст бидејќи во текстот се зборува за програмска линија три, десет, дваесет итн. а програмските линии немаат број па заморно е да се бројат за да се види за која програмска линија станува збор. Според старата програмерска пракса линиите требало да се означат со број и тоа 10, 20 ,30 итн. заради прегледност.
- Не знам дали би имало некои пречки во работата на колото ако на напојувањето, по диодите D1-D3, се додаде еден електролит од 47 до 100 µF, така и би се подигнал напонот на напојување на 5V.
- На крајот имате нешто спомнато за проблеми со пренапон, кои во случајов и не се мали знаејќи го квалитетот на телефонските и мрежните инсталации кај нас. Зар тоа не може да се реши со варистор или пак соодветни зенер диоди.
- Мислам дека би можело шемата на слика 3 да се нацрта попрегледно.
- Избраниот порт е многу често во употреба за периферните компјутерски уреди (печатач, скенер ...). Не знам од кои причини не сте го одбрале портот RS 232 кој мислам дека поретко се користи и во тој поглед е попогоден.
- Се надевам дека имате e-mail па би можеле e-mail адресата да ја оставите на крај на текстот заради контакт со читателите и повратна информација за вашите написи. Оваа забелешка важи и за другите автори на текстови. Ако немате e-mail адреса, можете да ја добиете и кај нас, на пример на Plugin (622-379).
Сега за поубавите работи:
Генерално гледано убава работа е тоа што текстот претставува заокружена целина во која сите информации за успешна градба се дадени детално и без закинување, и тоа: блок шема на употребеното коло со добар опис на неговата работа, податок каде специфичните делови може да се набават, детален опис на влезовите и излезите на целиот проект и нивниот начин на работа, информации за оние поамбициозните каде може да дојдат до потребни податоци за понатамошни унапредувања. Како и да е, ова е еден доста корисен уред како и пример за практична употреба на комјутерите и за други намени освен за играње и како машини за пишување.
Се најубаво во новата година и честит Божиќ!
Влатко У. преку e-mail
Вашето писмо е повеќе од интересно и корисно. Контактот на читателите со авторите и редакцијата на Емитер воопшто, не може да наштети никому, бидејќи читателите се тие кои му го покажуваат патот на Емитер. Вашата e-mail порака со внимание ја прочитав и во контекст на неа Ви ги давам следните одговори:
1) Најпрво, се сложувам со вас за пропустот во програмскиот листинг од слика 4. Секако дека би било полесно доколку програмските линии би биле обележани онака како што предлагате. Верувам дека посебна тешкотија била за оние наши читатели, кои допрва ги прават почетните чекори во областа на електрониката и програмирањето. Вашата забелешка со задоволство ја прифаќам за во иднина, бидејќи имам во план да разработувам и други софтверско-хардверски проекти. Сепак би сакал да напоменам дека листингот е пишуван во QBasic (како што е наведено во текстот на проектот), а таму почесто се користат цели имиња за блокови од програмата наместо бројки кој ја означуваат програмската линија. Токму тоа е причината заради која и листингот е даден во таа форма.
2) Воопшто не е проблем доколку после диодите D1, D2 и D3 се додаде електролитски кондензатор. Во проектот тоа не е сторено заради напонските карактеристики на новите серии на ИК MT8870. Нивниот оптимален работен напон е некаде околу 3,3V (како што специфицира производителот), па така напонот обезбеден од паралелниот порт на компјутерот (како што е наведено во проектот) е сосема доволен за работа на самото интегрирано коло. Сакам да споменам дека ова интегрирано коло го користам веќе 7 години и често го имам користено во слични проекти. Кога пред 7 години прв пат го употребив ова ИК ми беше потребно многу повеќе од еден електролитски кондензатор за да го обезбедам потребното напојување, но со денешната верзија, како што кажав, тоа не е случај.
3) Она што на крајот од текстот го имам наведено е сосема оправдано. Најпрво не можеме да знаеме колку еден кондензатор сеуште ги има оние карактеристики кои се напишани на него. Потоа јасно е дека со текот на времето секој кондензатор ги губи своите карактеристики. Се разбира некој побрзо а некој поспоро. Потполно се сложувам со вас дека пренапонската заштита може да се подобри со додавање на диоди. Најдобро е ако може телефонската линија потполно да се оддели од уредот (оптички или индуктивно). Но, причината заради која проектот е направен само со два влезни кондензатора за одвојување е заради фактот дека ваква конфигурација масовно се користи во уредите на мрежата од British Telecom. Тоа го имам сретнато во литература, а како пример го наведува и самиот производител Mitel. Мислам дека ова беше и добар пример за нашите помлади читатели на дело да се уверат што може еден кондензатор.
4) Шемата ја нацртав најдобро што можев со она што ми го овозможуваа оригиналните библиотеки на програмот Protel. Ќе се потрудам во иднина во консултации со радакцијата, шемите да изгледаат подобро иако самиот уредувачки одбор не ми даде забелешки за тоа.
5) Се сложувам дека серискиот RS232 порт е многу малку искористен. Верувам дека постои и голем интерес кај сите оние што се занимаваат со електроника и компјутери, серискиот порт да го искористат на начин како што е искористен и паралелниот порт во овој проект. Решение постои. Причината заради која во овој проект е искористен паралелниот порт е цената на чинењето на уредот. Како што може да се забележи од шемата на уредот, самиот декодер има паралелен излез. Информацијата од тој излез треба претходно да се обработи пред да се прочита на серискиот RS 232 порт. Тоа значи повеќе компоненти и повеќе пари. Постоеше и друга варијанта за изработка на проектот и тоа со PIC коло. Во тој случај визуелниот приказ на информациите ќе беше на некој дисплеј или на PC со користење на RS 232 портот. Но, сепак едноставната примена на паралелниот порт беше клучна во одлучувањето. Со тоа се обезбеди едноставна конструкција и ниска цена на декодерот, а на дел од читателите на ЕМИТЕР им се прикажа едноставноста на употребата на овој порт. Се надевам дека во иднина употребата на серискиот RS 232 порт нема да биде запоставена.
6) E-mail адреса имам и редовно ја користам. Постојат повеќе причини заради кои таа не се наведува (како и моите генералии) и за тоа е веќе пишувано во оваа рубрика. Впрочем тоа е одлука на редакцијата која морам и јас да ги почитувам. Вие не сте првиот, а сигурно не и последниот читател кој сакал да контактира со некој од авторите. Но, ви напоменувам Вам како и на сите читатели на ЕМИТЕР, сите прашања, критики и предлози за авторите слободно да ги доставувате до списанието, а тие сигурно ќе стигнат до оној за кој се наменети и поголемиот дел од нив ќе бидат одговорени на било кој начин. Мислам дека ова мое писмо до Вас е вистинска потврда за тоа. Лично ќе ми претставува големо задоволство доколку во иднина Вие или било кој ми се обрати за помош или дискусија, бидејќи она што се објавува во ЕМИТЕР е наменето за неговите читатели, а не само за да биде објавено.
На крајот би сакал да Ви се заблагодарам што контактиравте со мене, благодарам за пофалните зборови и да знаете дека поптолно се сложувам со вашиот заклучок. Ви посакувам се најдобро во новиот милениум.
Добре Блажевски-Доц
Здраво,
Имам забелешка за проектот движечко светло од Е1/2000: напонот од 220V кој доаѓа од кабелот кој е поврзан на излезниот бафер (точка Jt0) доаѓа во точката Jt0 на основната плочка, која преку бакарен вод е поврзана со еднонасочниот напон за напојување на основната плочка Ucc од +5V. Така истовремено се доведува напон од 220V на изводот 16 од интегралното коло CD4017 (IC2).
Бидејќи немам големи познавања ме интересира што е причината за доведувањето на напонот од 220V (грешка или..?).
Тони Илиевски преку e-mail
Точно дека на прв поглед оваа врска е крајно нелогична, но кога подобро ќе се разгледа шемата може да се забележи дека напонскиот извор од кој се напојува уредот е изведен со трансформатор кој галвански го одделува уредот од мрежата. Во овој случај уредот кој се напојува со секундарниот напон "виси" во однос на примарниот напон и доведувањето на 220VAC на водот за +Ucc нема да има никакво влијание врз уредот. Ова е исто како и поврзувањето на масата од уредот со заземјувањето на мрежната инсталација.
Благој Ќупев
Почитувана редакцијо,
ЕМИТЕР го читам од 9/98 год., и за мене е едно од најценетите списанија во Македонија. Ви пожелувам успешна и долготрајна работа.
Имам желба за правење на уреди според проекти од постарите брови, како на пример: димер, кодирана брава, уред за снимање на телефонски разговори, автоаларм и т.н. Прочитав дека ќе објавите додаток на ЕМИТЕР каде ќе ги објавите старите шеми, но до сега го нема...
Имам направено многу работи од ЕМИТЕР, само мелодичното ѕвоно споро работи...
Во петоканалниот еквилајзер од бројот 9/99 има повеќе електролитски кондензатори на сликата отколку на шемата. Би сакал да ја знам точната шема.
Со срдечен поздрав,
Ќенан Сакипи од Скопје
Ви благодарам за пофалните зборови и убавите желби за ЕМИТЕР.
Книгата во која ќе бидат објавени некои од проектите и апликациите од претходните броеви на ЕМИТЕР (од 1995 и 1996 г.) заедно со некои нови проекти и апликации сè уште е во првата фаза на техничка подготовка. Нејзиното излегување го планираме за напролет. Проектите што ги спомнувате се објавени во 1998 и 1999 година и нема да бидат вклучени во книгата. Од тие броеви сè уште имаме одредена количина, па ако сте заинтересирани за некои од нив можете да ги порачате од Редакцијата.
Нè радува што успешно сте изработиле многу од нашите проекти и апликации. Ако мелодичното ѕвоно споро ја свири мелодијата пробајте да ја забрзате со тример потенциометарот P2. Ако на промените на тримерот ѕвоното не реагира тогаш проверете ја неговата исправност и како е поврзан на плочката, а проверете ги и другите елементи околу него, пред сè кондензаторот C4. Ако нема грешка во спојувањето и исправноста на надворешните елементи тогаш најверојатно ИК не е добро поврзано или пак е неисправно.
Шемата на петканалниот еквилајзер од Е9/99 е сосема точна. Тоа што на сликата се забележуваат повеќе електролитски кондензатори отколку на шемата се должи на тоа што во прототипот кондензаторите C16, C18, C21 и C22 се електролитски бидејќи авторот немал блок кондензатори со таква вредности, а конструкцијата на ова коло е таква што тие кондензатори можат да бидат и електролитски. Сепак, со оглед на тоа што електролитските кондензатори имаат далеку послаб квалитет од пластичните ("блок") кондензатори, а и предвидените вредности (1µF и 0,33µF) не се многу големи препорачуваме спомнатите кондензатори да бидат со диелектрик од пластична фолија. Поради оваа причина во текстот не ја ни спомнавме можноста тие да бидат електролитски.
Слободан Таневски
Здраво на сите ентузијасти,
Ова што го правите веќе пет години навистина ме одушевува, верувам не само мене. Верен читател сум ви од првиот број, од '95-та година. Имам пропуштено неколку броеви од 1998 година за кои на минатогодишниот саем "ТЕХНОМА" дознав дека ги имате само како фотокопии, што многу ме разочара, па се прашувам дали има можност да се организира акција да се пријават заинтересирани за истите броеви и доколку има доволно заинтересирани тие броеви да се отпечатат повторно. Знам дека ова ќе ве чини многу повеќе, но јас сум подготвен да платам и двојно по примерок.
Според искуството, самиот се сметам за електроничар аматер. Мене лично ми недостасува теоретското знаење, но со вашата серија написи "Почетен курс по практична електроника", почнав да го поткрепувам моето практично знаење со теорија.
Ми треба помош околу едно прашање: Поседувам мини-систем Marantz со еден влез за дополнителен аудио уред, кој што го искористив за приклучување на видео рикордер. Проблемот е во тоа што излезот од видео рекордерот е моно, а јас би сакал доколку постои можност да изградам некој, по можност пасивен, уред кој што ќе "симулира" уште еден канал. Значи моно влез, стерео излез.
Однапред благодарам, и бог да ве благослови за оваа работа што ја правите.
Александар Андоновски од Скопје
Во денот исполнет со многу работа и проблеми вистинско задоволство е кога ќе се слушнат вакви пофални зборови.
Судејќи според порачките на старите броеви и обраќањата на читателите до Редакцијата не сте единствениот што пропуштил некои броеви од списанието. Меѓутоа сепак сметам дека не би имало доволно интерес доколку од потрошените броеви допечатиме по 300 примероци, колку што е некој печатарски минимум за цената да не отиде до небо. Баш би сакал читателите со својот интерес да ме демантираат, па затоа Вашиот повик и јас го повторувам. Доколку оваа акција не успее, или пак не сакате да чекате, Ви препорачувам саканите броеви да ги побарате преку малите огласи - можеби некој читател ќе сака да Ви ги продаде своите примероци.
Моно сигналот може да добие одредена просторност (лажен стерео ефект), но тоа е тешко да се изведе само со пасивни елементи. Поедноставно и поквалитетно е тоа да се реши со активни елементи, најчесто со операциски засилувачи. За такво коло кое на моно сигналот му дава просторност (моно влез - "стерео" излез) сме пишувале во два наврати (во Е1/97 и Е2/98) па препорачувам да примените една од тие електронски конструкции.
Слободан Таневски
Здраво,
Списанието ви е добро со исклучок што нема видео техника. Бидејќи сте единствени во Македонија всушност сте и најдобри.
Сакам да ве прашам нешто. Дали знаете некоја адреса или фирма, на пример од Бугарија, од каде може да се порача некоја книга во врска со електрониката, бидејќи стручни книги во Македонија нема.
Однапред ви благодарам.
Дарко Петрески преку e-mail
Ви благодарам за пофалбата. Меѓутоа Вашата констатација "... Бидејќи сте единствени во Македонија всушност сте и најдобри..." не ја сметам за пофалба бидејќи таа сугерира дека според Вас ЕМИТЕР нема некој голем квалитет, но бидејќи е единствен во Македонија го сметате за најдобар. Во врска со ова сакам да Ви обрнам внимание дека ние во Редакцијата воопшто не размислуваме на тој начин ("ЕМИТЕР е единствен па каков и да биде ќе биде најдобар") бидејќи ако така размислуваме ЕМИТЕР ќе имаше многу помалку страници, многу помалку написи кои ќе беа непроверени и со слаб квалитет. Наша амбиција уште од почетокот е да направиме списание за електроника кое по квалитет ќе биде рамо до рамо со светски познатите списанија од оваа област. Дека ЕМИТЕР не заостанува многу зад сличните странски списанија, а во некои случаи и е подобар, ќе се уверите и Вие ако прочитате некои од нив. За Ваша информација неколку од странските списанија за електроника можат да се купат и во Македонија - ги има во некои продавници за електронски материјали и поголеми трафики во Скопје (на пример салонот на DIPRESS на бул. Даме Груев), а претпоставувам и во некои градови низ Републиката. Достапни се англиските списанија Elektor, по цена од 620 денари, Everyday with Practical Elektronics, по цена од 390 денари и Elektronics and Wireless World по цена од 520 денари, а повремено и српските списанија Инфо Електроника, Електро и МикроЕлектроника по цена од 150 до 300 денари.
Во врска со Вашиот интерес за бугарски книги од областа на електрониката Ве упатувам да се обратите до фирмата Електронинвест (Софија, ул. "Кнез Борис I", бр. 162) која е еден од најпознатите издавачи на ваков вид литература во Бугарија - тие имаат издадено повеќе книги, а го издаваат и списанието "Електрон даижест".
Со уверување дека го задоволив Вашиот интерес, срдечно Ве поздравувам.
Слободан Таневски