Здраво на сите ентузијасти,
Ова што го правите веќе пет години навистина ме одушевува, верувам не само мене. Верен читател сум ви од првиот број, од '95-та година. Имам пропуштено неколку броеви од 1998 година за кои на минатогодишниот саем "ТЕХНОМА" дознав дека ги имате само како фотокопии, што многу ме разочара, па се прашувам дали има можност да се организира акција да се пријават заинтересирани за истите броеви и доколку има доволно заинтересирани тие броеви да се отпечатат повторно. Знам дека ова ќе ве чини многу повеќе, но јас сум подготвен да платам и двојно по примерок.
Според искуството, самиот се сметам за електроничар аматер. Мене лично ми недостасува теоретското знаење, но со вашата серија написи "Почетен курс по практична електроника", почнав да го поткрепувам моето практично знаење со теорија.
Ми треба помош околу едно прашање: Поседувам мини-систем Marantz со еден влез за дополнителен аудио уред, кој што го искористив за приклучување на видео рикордер. Проблемот е во тоа што излезот од видео рекордерот е моно, а јас би сакал доколку постои можност да изградам некој, по можност пасивен, уред кој што ќе "симулира" уште еден канал. Значи моно влез, стерео излез.
Однапред благодарам, и бог да ве благослови за оваа работа што ја правите.
Александар Андоновски од Скопје
Во денот исполнет со многу работа и проблеми вистинско задоволство е кога ќе се слушнат вакви пофални зборови.
Судејќи според порачките на старите броеви и обраќањата на читателите до Редакцијата не сте единствениот што пропуштил некои броеви од списанието. Меѓутоа сепак сметам дека не би имало доволно интерес доколку од потрошените броеви допечатиме по 300 примероци, колку што е некој печатарски минимум за цената да не отиде до небо. Баш би сакал читателите со својот интерес да ме демантираат, па затоа Вашиот повик и јас го повторувам. Доколку оваа акција не успее, или пак не сакате да чекате, Ви препорачувам саканите броеви да ги побарате преку малите огласи - можеби некој читател ќе сака да Ви ги продаде своите примероци.
Моно сигналот може да добие одредена просторност (лажен стерео ефект), но тоа е тешко да се изведе само со пасивни елементи. Поедноставно и поквалитетно е тоа да се реши со активни елементи, најчесто со операциски засилувачи. За такво коло кое на моно сигналот му дава просторност (моно влез - "стерео" излез) сме пишувале во два наврати (во Е1/97 и Е2/98) па препорачувам да примените една од тие електронски конструкции.
Слободан Таневски