Почитувана редакцијо,
ЕМИТЕР го читам од 9/98 год., и за мене е едно од најценетите списанија во Македонија. Ви пожелувам успешна и долготрајна работа.
Имам желба за правење на уреди според проекти од постарите брови, како на пример: димер, кодирана брава, уред за снимање на телефонски разговори, автоаларм и т.н. Прочитав дека ќе објавите додаток на ЕМИТЕР каде ќе ги објавите старите шеми, но до сега го нема...
Имам направено многу работи од ЕМИТЕР, само мелодичното ѕвоно споро работи...
Во петоканалниот еквилајзер од бројот 9/99 има повеќе електролитски кондензатори на сликата отколку на шемата. Би сакал да ја знам точната шема.
Со срдечен поздрав,
Ќенан Сакипи од Скопје
Ви благодарам за пофалните зборови и убавите желби за ЕМИТЕР.
Книгата во која ќе бидат објавени некои од проектите и апликациите од претходните броеви на ЕМИТЕР (од 1995 и 1996 г.) заедно со некои нови проекти и апликации сè уште е во првата фаза на техничка подготовка. Нејзиното излегување го планираме за напролет. Проектите што ги спомнувате се објавени во 1998 и 1999 година и нема да бидат вклучени во книгата. Од тие броеви сè уште имаме одредена количина, па ако сте заинтересирани за некои од нив можете да ги порачате од Редакцијата.
Нè радува што успешно сте изработиле многу од нашите проекти и апликации. Ако мелодичното ѕвоно споро ја свири мелодијата пробајте да ја забрзате со тример потенциометарот P2. Ако на промените на тримерот ѕвоното не реагира тогаш проверете ја неговата исправност и како е поврзан на плочката, а проверете ги и другите елементи околу него, пред сè кондензаторот C4. Ако нема грешка во спојувањето и исправноста на надворешните елементи тогаш најверојатно ИК не е добро поврзано или пак е неисправно.
Шемата на петканалниот еквилајзер од Е9/99 е сосема точна. Тоа што на сликата се забележуваат повеќе електролитски кондензатори отколку на шемата се должи на тоа што во прототипот кондензаторите C16, C18, C21 и C22 се електролитски бидејќи авторот немал блок кондензатори со таква вредности, а конструкцијата на ова коло е таква што тие кондензатори можат да бидат и електролитски. Сепак, со оглед на тоа што електролитските кондензатори имаат далеку послаб квалитет од пластичните ("блок") кондензатори, а и предвидените вредности (1µF и 0,33µF) не се многу големи препорачуваме спомнатите кондензатори да бидат со диелектрик од пластична фолија. Поради оваа причина во текстот не ја ни спомнавме можноста тие да бидат електролитски.
Слободан Таневски