Барам совет од вас, бидејќи некаде велите дека компресионата кутија е подобра од бас-рефлекс (почесто), а некогаш препорачувате бас-рефлекс кутии. Планирам да земам Simsonik GF-620S. Каква кутија да направам за него, или можеби да ми предложите некој друг, не многу скап звучник? Сè што сакам е добар бас.
Поздрав,
Иван Ивановски, via e-mail

За жал, добар бас може да се добие само од скап бас-звучник. Дали одреден бас-звучник ќе работи во компресиона или во бас-рефлекс кутија – ќе зависи само од неговите Thiele-Small параметри но, понекогаш некои специфични услови на експлоатација ќе бидат одлучувачки. Ако бас-звучникот има Thiele-Small параметри погодни за компресиона кутија и ако од него се бара да свири многу гласно (особено во ниските тонови), тогаш неопходно потребно е тој бас-звучник да има многу голема вредност за Xmax – односно треба да има многу долга намотка на движечкиот калем (voice coil), а тоа е многу скапо да се постигне. Бас-рефлекс кутиите имаат предност во тоа што поместувања на мембраната кај ниските тонови се многу помали во однос на компресионите кутии, па затоа се доволни звучници со релативно мали вредности за Xmax.
Евтините бас-звучници секогаш имаат релативно голема вредност на параметарот Qts, што значи дека се погодни само за компресиона кутија. Исто така, таквите евтини звучници секогаш имаат мал Xmax – што значи дека при погласна музика движечката намотка ќе излезе од хомогеното магнетно поле и во тој случај таа компресиона кутија ќе звучи полошо од бас-рефлекс кутија! Така, ако музиката ја слушате не многу гласно, тогаш најдобро решение е компресиона кутија. Но ако сакате погласна музика со истиот бас-звучник, тогаш подобро решение е СТРУЧНО проектирана бас-рефлекс кутија.
Досега сум измерил Thiele-Small параметри на неколку евтини звучници од фирмите Simsonik, Tele, Protegy и Boomers, а како најдобар за таа цена се покажал Simsonik GF-620S. Следниот подобар (со понизок Qts параметар) веќе е двојно поскап! Thiele-Small параметрите на Simsonik GF-620S се погодни за компресиона кутија со волумен од 30 литри (или поголем), но ако сакате гласна музика, тогаш ќе биде потребна бас-рефлекс кутија.
Владимир Филевски


Здраво!
Најпрвин да ви се заблагодарам што ми одговоривте на првото писмо во врска со еквилајзерот за гитарскиот засилувач. Го послушав вашиот совет и многу сум задоволен од добиените резултати. Имам едно прашање: правам бас-рефлекс звучна кутија, според ЕМИТЕР 6/98, но никаде не сретнав информации за местоположбата на звучникот и на бас-рефлекс цевката. Звучната кутија е со надворешни димензии 589x415x748 mm, а користам звучник Eminence Beta 12 LTA, наменет за гитарски звучник. Пожелно би било бас-рефлекс цевката да биде поставена од предната страна.
Однапред ви се заблагодарувам,
Мирослав Петроски, од Тетово

Нè радува што нашите совети довеле до резултати со кои сте задоволни.
Во каталогот на Eminence пишува дека звучникот Eminence Beta 12 LT е проектиран и наменет за PA системи, а не за гитара, а особено не за бас-гитара. Иако тој може добро да послужи и за соло/ритам гитара, сепак најдобро е за таа намена да се употреби звучник кој е специјално конструиран како гитарски звучник – на пример Eminence LE 12-50 или Eminence LE 12-35. За овие звучници распрашајте се во продавницата "Мими", на тел. (02)-120-361.
Бидејќи веќе сте го купиле Eminence Beta 12 LTA, ќе Ви дадам некои совети како би можеле што подобро да го искористите. Звучната кутија што сте ја направиле е со коректен внатрешен волумен (околу 150 литри), но ако имате соло гитара, тогаш кутијата е непотребно голема. Најнискиот тон што го дава соло гитарата е околу 80 Hz, така што ни звучната кутија нема потреба да дава пониски тонови од 80 Hz – затоа направете нова бас-рефлекс звучна кутија со внатрешен волумен од 62 литри (62 dm3), а резонантната фреквенција fb наместете ја на 49 Hz. Бас-рефлекс цевката слободно поставете ја на предната страна.
Како што веќе напишав во серијата "Бас-рефлекс звучни кутии" (ЕМИТЕР 1/98, 2/98, 4/98 и 6/98), проектирањето на ваков тип звучни кутии е обременето со многу проблеми, кои само делумно ги набројав. Проектирањето и конструирањето на бас-рефлекс звучни кутии не го препорачувам на аматери, бидејќи е неопходна мерна опрема и големо знаење. Резонантната фреквенција fb секогаш мора да се провери со мерење, и тоа не само минимумот на движење на мембраната на бас-звучникот, туку исто така и максимумот на зрачењето на бас-рефлекс цевката. Често се случува максимумот на зрачењето на бас-рефлекс цевката да не се поклопува со минимумот на движење на мембраната, што значи дека нема да се добие рамна амплитудно-фреквенциска карактеристика. Обликот на фреквенциската карактеристика на зрачењето на бас-рефлекс цевката исто така е непредвидлив и треба внимателно да се вкомпонира со менување на резонантната фреквенција.
Местоположбата на бас-рефлекс цевката има некое влијание (како што веќе напишав во ЕМИТЕР 4/98), но тоа е скоро невозможно теоретски да се предвиди, па повторно е неопходно мерење. Големината на предната плоча на звучната кутија и местоположбата на звучникот на неа исто така имаат влијание, но ни тоа не може едноставно да се предвиди – неопходно е мерење.
Владимир Филевски


Почитувана редакцијо,
Имам прашање за проектот 500 W излезен засилувач (Емитер 3/98). Засилувачот го изработив во верзија од 200 W кој без излезните транзистори одлично работи, измерив еднонасочен напон од 15 mV на излез од засилувачот. Потоа ги поврзав излезните транзистори, потенциометарот P1 го поставив на min отпорност, а влезот го споив кратко со влезната маса. Го приклучив на напојувајне и прегореа сите излезни транзистори, отпорникот R21 и транзисторот T9.
Дали треба потенциометарот P1 да биде на min. или max. вредност? Би ве замолил да ми кажете нешто повеќе за подесување на мирната струја на засилувачот.
Однапред ви благодарам,
Димче Маркоски, via e-mail

Проектот за изработка на излезен засилувач со моќност од 500 W беше мошне популарен и многу од читателите го изработија во најразлични варијанти и ден денес се задоволни од звукот во кој уживаат. Како што напоменав и на почетокот на текстот во Емитер 3/98, ова е проект само за поискусните самоградители.
Што се однесува до постапката, изгледа дека сè сте спровеле како што треба. Потенциометерот прво се поставува во положба во која има минимална отпорност, а потоа отпорноста му се зголемува сè додека амперметарот приклучен во колекторското коло на транзисторот T11 не покаже вредност од 150mA. Се разбира мерењето се изведува дури откако ќе се уверите дека на излез од засилувачот (со излезни транзистори) има напон помал од 100mV. Процедурата пред да ги монтирате излезните транзистори е веќе опишана во текстот за засилувачот. Што се однесува до фактот дека излезните транзистори ви прегореле може да ги наведам следните најчести грешки кои се прават во вакви случаи:
- потенциометарот има min. отпорност кога е свртен кон транзисторот T5
- излезните транзистори треба да се изолирани од ладилниците со лискунски подлошки и подметки за шрафовите. Тоа треба да се провери со инструмент: отпорноста треба да е бесконечна од ладилникот до колекторот на транзисторот
- различно се поврзуваат излезните транзистори ако се комплеметарни (NPN/PNP) и ако се квазикомплементарни (NPN/NPN)
- внимавајте на распоредот на изводите на излезните транзистори.
- една од можните причини е и самоосцилација на засилувачот. Единствен начин да се открие дали засилувачот осцилира без сигнал на влез е да се употреби осцилоскоп приклучен на излезот на засилувачот пред да се приклучат излезните транзистори.
Токму заради овие причини треба да се има поголемо искуство во градбата на вакви уреди, а потребни се и мерни инструменти.
Коста Карпузовски