Звучник со добар бас

Барам совет од вас, бидејќи некаде велите дека компресионата кутија е подобра од бас-рефлекс (почесто), а некогаш препорачувате бас-рефлекс кутии. Планирам да земам Simsonik GF-620S. Каква кутија да направам за него, или можеби да ми предложите некој друг, не многу скап звучник? Сè што сакам е добар бас.
Поздрав,
Иван Ивановски, via e-mail

За жал, добар бас може да се добие само од скап бас-звучник. Дали одреден бас-звучник ќе работи во компресиона или во бас-рефлекс кутија – ќе зависи само од неговите Thiele-Small параметри но, понекогаш некои специфични услови на експлоатација ќе бидат одлучувачки. Ако бас-звучникот има Thiele-Small параметри погодни за компресиона кутија и ако од него се бара да свири многу гласно (особено во ниските тонови), тогаш неопходно потребно е тој бас-звучник да има многу голема вредност за Xmax – односно треба да има многу долга намотка на движечкиот калем (voice coil), а тоа е многу скапо да се постигне. Бас-рефлекс кутиите имаат предност во тоа што поместувања на мембраната кај ниските тонови се многу помали во однос на компресионите кутии, па затоа се доволни звучници со релативно мали вредности за Xmax.
Евтините бас-звучници секогаш имаат релативно голема вредност на параметарот Qts, што значи дека се погодни само за компресиона кутија. Исто така, таквите евтини звучници секогаш имаат мал Xmax – што значи дека при погласна музика движечката намотка ќе излезе од хомогеното магнетно поле и во тој случај таа компресиона кутија ќе звучи полошо од бас-рефлекс кутија! Така, ако музиката ја слушате не многу гласно, тогаш најдобро решение е компресиона кутија. Но ако сакате погласна музика со истиот бас-звучник, тогаш подобро решение е СТРУЧНО проектирана бас-рефлекс кутија.
Досега сум измерил Thiele-Small параметри на неколку евтини звучници од фирмите Simsonik, Tele, Protegy и Boomers, а како најдобар за таа цена се покажал Simsonik GF-620S. Следниот подобар (со понизок Qts параметар) веќе е двојно поскап! Thiele-Small параметрите на Simsonik GF-620S се погодни за компресиона кутија со волумен од 30 литри (или поголем), но ако сакате гласна музика, тогаш ќе биде потребна бас-рефлекс кутија.
Владимир Филевски