Звучна кутија за гитара

Здраво!
Најпрвин да ви се заблагодарам што ми одговоривте на првото писмо во врска со еквилајзерот за гитарскиот засилувач. Го послушав вашиот совет и многу сум задоволен од добиените резултати. Имам едно прашање: правам бас-рефлекс звучна кутија, според ЕМИТЕР 6/98, но никаде не сретнав информации за местоположбата на звучникот и на бас-рефлекс цевката. Звучната кутија е со надворешни димензии 589x415x748 mm, а користам звучник Eminence Beta 12 LTA, наменет за гитарски звучник. Пожелно би било бас-рефлекс цевката да биде поставена од предната страна.
Однапред ви се заблагодарувам,
Мирослав Петроски, од Тетово

Нè радува што нашите совети довеле до резултати со кои сте задоволни.
Во каталогот на Eminence пишува дека звучникот Eminence Beta 12 LT е проектиран и наменет за PA системи, а не за гитара, а особено не за бас-гитара. Иако тој може добро да послужи и за соло/ритам гитара, сепак најдобро е за таа намена да се употреби звучник кој е специјално конструиран како гитарски звучник – на пример Eminence LE 12-50 или Eminence LE 12-35. За овие звучници распрашајте се во продавницата "Мими", на тел. (02)-120-361.
Бидејќи веќе сте го купиле Eminence Beta 12 LTA, ќе Ви дадам некои совети како би можеле што подобро да го искористите. Звучната кутија што сте ја направиле е со коректен внатрешен волумен (околу 150 литри), но ако имате соло гитара, тогаш кутијата е непотребно голема. Најнискиот тон што го дава соло гитарата е околу 80 Hz, така што ни звучната кутија нема потреба да дава пониски тонови од 80 Hz – затоа направете нова бас-рефлекс звучна кутија со внатрешен волумен од 62 литри (62 dm3), а резонантната фреквенција fb наместете ја на 49 Hz. Бас-рефлекс цевката слободно поставете ја на предната страна.
Како што веќе напишав во серијата "Бас-рефлекс звучни кутии" (ЕМИТЕР 1/98, 2/98, 4/98 и 6/98), проектирањето на ваков тип звучни кутии е обременето со многу проблеми, кои само делумно ги набројав. Проектирањето и конструирањето на бас-рефлекс звучни кутии не го препорачувам на аматери, бидејќи е неопходна мерна опрема и големо знаење. Резонантната фреквенција fb секогаш мора да се провери со мерење, и тоа не само минимумот на движење на мембраната на бас-звучникот, туку исто така и максимумот на зрачењето на бас-рефлекс цевката. Често се случува максимумот на зрачењето на бас-рефлекс цевката да не се поклопува со минимумот на движење на мембраната, што значи дека нема да се добие рамна амплитудно-фреквенциска карактеристика. Обликот на фреквенциската карактеристика на зрачењето на бас-рефлекс цевката исто така е непредвидлив и треба внимателно да се вкомпонира со менување на резонантната фреквенција.
Местоположбата на бас-рефлекс цевката има некое влијание (како што веќе напишав во ЕМИТЕР 4/98), но тоа е скоро невозможно теоретски да се предвиди, па повторно е неопходно мерење. Големината на предната плоча на звучната кутија и местоположбата на звучникот на неа исто така имаат влијание, но ни тоа не може едноставно да се предвиди – неопходно е мерење.
Владимир Филевски