Најверојатно претходно не го прецизирав добро прашањето, па добив неочекуван одговор. Имено, јас го имам направено мостниот засилувач со TDA7294 (од Емитер 10/03), а го напојувам со извор за напојување кој е предимензиониран – трафо со моќност од околу 400W, со излезни напони 2x28 Vac, односно 2x40 Vdc после насочувачот. За да не дојде до протекување на големи струи низ интегрираните кола, сега користам два 8-омски сериски поврзани звучници. Бидејќи веќе имам доволно моќен извор за напојување идејата ми е кај овој мостен засилувач да ја зголемам максимално дозволената струја по углед на решението кај 400W засилувач (од Емитер 7-8/09). Сметам дека со додавање на соодветни излезни транзистори во мостниот засилувач, слично како кај 400W засилувач, би го искористил максимално напојувањето кое го поседувам, на начинот кој го споменавте, со паралелно поврзување на истите звучници ќе добијам импеданса од 4 ома, а излезните транзистори би ја поддржале таа струја.
Дали мојата идеја е во ред и дали треба да направам и некои измени кај повратната врска и кај диодите за одредување на мирната струја?
Поздрав,
Горан Илиевски
Во вашето прво писмо не беше ништо кажано за напонот на напојувањето и за импендансата на звучникот, па затоа направив претпоставка дека го имате изработено мостниот засилувач со TDA7294 според оригиналниот проект објавен во ЕМИТЕР 10/03. Во овој проект е предвидено напојувањето да биде со напон од ±24V, а како потрошувач да се користи звучник со импеданса од 8 оми. Бидејќи напојувањето со кое располагате е со напон од ±40V и моќност од 400W, со вградување на излезни транзистори (слично како кај 400W засилувач објавен во ЕМИТЕР 7-8/09) може да се добие засилувач со поголема излезна моќност, под услов да се намали импедансата на звучникот од 16 оми на 8 оми или во краен случај на 4 оми. Со други зборови, ова би значело дека наместо сериска комбинација од два звучника со 8 оми, на излезот треба да приклучите само еден звучник со импеданса од 8 оми или двата звучника од 8 оми да ги поврзете паралелно за да добиете еквивалентна импеданса од 4 оми.
Ако се одлучите за првата варијанта (на излезот да приклучите само еден звучник од 8 оми), тогаш треба да се очекува максималната излезна струја да биде под 10A, што би значело потреба од вградување на два пара излезни транзистори на едно интегрирано коло или вкупно 8 транзистори по канал. Во овој случај, излезната моќност на засилувачот би била околу 300W (RMS), а напојувањето со кое располагате би било доволно за напојување на само еден канал (моноверзија).
Доколку се одлучите за втората варијанта (на излезот да приклучите два звучника од 8 оми врзани паралелно), тогаш треба да се очекува излезната струја да биде под 20A, па во овој случај бројот на излезните транзистори ќе треба да се зголеми на 4 пара за едно интегрирано коло или вкупно 16 транзистори за еден канал. Во овој случај излезната моќност би била поголема од 500W (RMS), што значи дека постојното напојување не би било доволно за напојување на овој засилувач. Моќноста на изворот за напојување на овој засилувач би требало да биде најмалку 800W за еден канал.
За да нема нови недоумици (и прашања) околу тоа како да се изведат сите врски во прилог е комплетната електрична шема за реализација на мостен засилувач со две ИК TDA7294 и 16 излезни транзистори, кој со соодветно напојување би требало да дава излезна снага од најмалку 500W на 4 оми! За сите други детали околу градбата на овој засилувач погледнете во погоре спомнатите проекти.
Дејан Трпески
Би сакал да ве прашам дали има спас од ова. Пред некоја недела купив нов мобилен телефон и ми рекоа дека батеријата треба да се полни 12 часа откога ќе се испразни. Но, мене ми требаше телефонот и морав да го исклучам од полнење. Кога стаса за наредно полнење, мене телефонот пак ми притреба и сега батеријата "држи" само еден ден. Дали има некое решение да се поправи тоа за батеријата да држи повеќе.
Христијан Златаноски, преку е-маил
Батеријата покажува симптоми дека некогаш била испразнета до крај. Дали тоа сте го направиле вие или така сте ја добиле, останува непознато. Во начело, во телефонот е вградена автоматика која оневозможува празнење на акумулаторската батерија до ниво од кое нема "враќање". Но, не смееме да се обложиме на тоа! Имено, настојчивоста може да направи чуда, така што во исклучителни случаи возможно е да се испразни батеријата до граница од која нема враќање, особено ако упорно настојуваме да ставиме во погон мобилен телефон со празна батерија.
Постои и веројатност да не е само до батеријата. Некои полначи (или адаптери) кои одат со мобилните телефони навистина се "очајни". Дури има случаи каде со нов телефон оди полнач кој не е оригинален. Затоа предлагам, за да утврдите дали навистина се работи за неисправност на батеријата, да купите нова батерија! Резервна батерија секогаш се наоѓа "при рака", а не е ни скапа. Ако е некоја "кинеска", таа нема да чини повеќе од 400 денари, но сигурно ќе држи 2 - 3 пати подолго од сегашната. При купувањето, внимавајте на моделот, но и на капацитетот (колку mAh) – некои модели се испорачуваат со различни капацитети! Не е препорачливо да купите батерија со различен капацитет, бидејќи автоматиката во мобилниот телефон е токму приспособена за тој капацитет, а не за некој друг! Понатаму, ви препорачувам батеријата да ја купите од некоја од продавниците за галантерија за мобилни телефони. Никако по зелените пазари каде што ем ќе ви наплатат повеќе ем ќе добиете примерок кој ги "испробал" сите можни ветришта, но и сите можни несносни горештини!
Емилијан Иљоски
Во ЕМИТЕР бр. 10/09 и бр.11/09, имавме можност помеѓу другите содржини да прочитаме и два написа на тема перпетуум-мобиле, со поента дека "според физичките закони, таков механизам реално не може да постои". На таквата констатација се спротивстави читателот г. Вани Николов во рубриката ПИСМА, но со сосема погрешни гледишта, кои може да ги заведат другите читатели на ЕМИТЕР, па тоа ме наведе да го напишам овој коментар.
Ќе започнам од поимот перпетуум-мобиле. На латински јазик тој израз значи "вечно движење", но на јазикот на физиката, тоа е општ назив за механизам кој би требало сам од себе да создава енергија без надворешен извор, и така да врши перманентна механичка работа.
Механичка работа во физиката значи совладување на отпор, кој мора да го врши некоја сила, за да одржува некое тело во перманентно движење, кое на телото му дава кинетичка енергија (закон за кинетичка енергија). Од тука произлегува дека за перманентна механичка работа нужна е перманентна обнова на кинетичката енергија во механизмот, а таа не може да се создава од ништо, туку од некој друг вид енергија! Тоа го налага законот за запазување на енергијата, кој гласи: "енергијата не може ниту да се создава, ниту да се уништува, туку само да се претвора од еден во друг вид (кинетичка, потенцијална, електрична, топлинска, хемиска, нуклеарна…).
Сега можеме да се вратиме на перпетуум-мобилето. Тој систем, веќе рековме, ниту произведува, ниту добива од надвор некој вид енергија, па според тоа не може да врши механичка работа!
Оваа констатација главно беше изнесена и во написите во ЕМИТЕР од Томе Скендеровски, но читателот г. Вани Николов очигледно не ја разбрал, и ја нарекол "догма" - цититрам: "Во прилогот Перпетуум-мобиле 2. дел бев непријатно изненаден од написот на г. Томе Скендеровски, кој претпоставувам, припаѓа на светот на науката, а ваму ни сервира една догма, односно догматско гледање на работите". Понатаму тој напишал: "Зачудува тоа што тоа свое тврдење го темели на магла, односно без ниту еден аргумент".
Па, ајде да расчистиме што е тоа догма? Според научните енциклопедии таа е начело во кое "мора да се верува без да се проверува"! Се разликува од научните принципи по тоа што "не мора да се докажува". Од тука поимот догматизам значи некритичко прифаќање на некое начело како вистина, која "не треба, или не смее, да се проверува" (случај кај религијата). Гледајќи од тој аспект, констатацијата дека перпетуум-мобилето не постои во реалноста, не може да биде догма, како што тоа го тврди г. Николов, туку таа е логички заклучок произлезен од физички закони, кои, исто така, не може да се "магла", туку елементарни физички начела. Ова е првата заблуда на г. Николов.
Но, еве ја и неговата втора заблуда, цитирам: "Па господа "технички писмени" сетете се, ако малку го следите историскиот развој на технолошкиот напредок, колку такви како вас го повторувале тој збор, а потоа останувале со отворена уста…во науката не постои збор не може, само што перпетуум мобилето бара многу повеќе размислување и работа и еден ден ќе биде решен и тој проблем".
Овде г. Николов ја протолкувал реализацијата на проекти, порано незамисливи, но денес реализирани благодарејќи на технолошкиот напредок, како божем тие да беа реализирани надвор од физичките закони!? Во тој контекст и многумина неупатени грешат земајќи го за пример романот на Жил Верн "Патување на Месечината", во свое време фантазија, а денес реалност. Точно е тоа дека технолошкиот напредок овозможил реализација на проекти, претходно незамисливи, но, исто така, апсолутно е точно дека при таа реализација ниеден проект не излегол надвор од некој физички закон! Според тоа, причината за нивната претходна стагнација не била во физичките закони, туку во недозреаност на технологијата. Конкретно, во случајот со Жил Верн, на пример, благодарејќи на физичките закони, уште во негово време беше позната нужната почетна брзина на леталото за да стаса до Месечината. Но, тогашната технологија не беше во состојба да ја досегне таа брзина, сè додека технолошкиот напредок не овозможил конструкција на ракетен мотор, кој функционира во склад со физичкиот закон за акција и реакција. Ете, нема ништо надвор од физичките закони!
Меѓутоа, што би се случило при евентуална реализација на нешто, што би било во спротивност со некој физички закон? Тој закон би бил соборен како неточен. Конкретно, перпетуум-мобилето би го соборило законот за запазување на енергијата и законот за кинетичка енергија. Но, нема никакви изгледи тоа некогаш да се случи, бидејќи физичките закони се инваријанта на просторот и времето, т.е. важат во секое време и во секој простор, независно од степенот на технолошкиот напредок!
Петар Лагудин
Здраво Емитер, поздрав до цела редакција.
Имам потреба од ваш совет за изградба на дигитален уред, односно бројач кој би бил составен од дисплеј со барем 4 цифри. Уредот би бил користен како бројач на намотки на моталка за винклување на трансформатори, каде како сензор би додал обичен микропрекинувач кој ќе го вклучува и исклучува мал брег на самата осовина од моталката.
Ве молам, доколку е можно да го обработите овој проект во некој од следните броеви. Проектов мислам дека не би бил скап, компонентите би требало да ги има и мислам дека уредот ќе биде од голема полза.
Слободан Тодоровски
Токму таков прект имаме објавено во бројот 4/07, а таа функција мислам дека може да се реализира и со бројачот објавен во бројот 5/05. За повеќе информации прегледајте ги посочените стари броеви (ако ги имате) или посетете го нашиот веб-сајт www.emiter.com.mk
Слободан Таневски