Во ЕМИТЕР бр. 10/09 и бр.11/09, имавме можност помеѓу другите содржини да прочитаме и два написа на тема перпетуум-мобиле, со поента дека "според физичките закони, таков механизам реално не може да постои". На таквата констатација се спротивстави читателот г. Вани Николов во рубриката ПИСМА, но со сосема погрешни гледишта, кои може да ги заведат другите читатели на ЕМИТЕР, па тоа ме наведе да го напишам овој коментар.
Ќе започнам од поимот перпетуум-мобиле. На латински јазик тој израз значи "вечно движење", но на јазикот на физиката, тоа е општ назив за механизам кој би требало сам од себе да создава енергија без надворешен извор, и така да врши перманентна механичка работа.
Механичка работа во физиката значи совладување на отпор, кој мора да го врши некоја сила, за да одржува некое тело во перманентно движење, кое на телото му дава кинетичка енергија (закон за кинетичка енергија). Од тука произлегува дека за перманентна механичка работа нужна е перманентна обнова на кинетичката енергија во механизмот, а таа не може да се создава од ништо, туку од некој друг вид енергија! Тоа го налага законот за запазување на енергијата, кој гласи: "енергијата не може ниту да се создава, ниту да се уништува, туку само да се претвора од еден во друг вид (кинетичка, потенцијална, електрична, топлинска, хемиска, нуклеарна…).
Сега можеме да се вратиме на перпетуум-мобилето. Тој систем, веќе рековме, ниту произведува, ниту добива од надвор некој вид енергија, па според тоа не може да врши механичка работа!
Оваа констатација главно беше изнесена и во написите во ЕМИТЕР од Томе Скендеровски, но читателот г. Вани Николов очигледно не ја разбрал, и ја нарекол "догма" - цититрам: "Во прилогот Перпетуум-мобиле 2. дел бев непријатно изненаден од написот на г. Томе Скендеровски, кој претпоставувам, припаѓа на светот на науката, а ваму ни сервира една догма, односно догматско гледање на работите". Понатаму тој напишал: "Зачудува тоа што тоа свое тврдење го темели на магла, односно без ниту еден аргумент".
Па, ајде да расчистиме што е тоа догма? Според научните енциклопедии таа е начело во кое "мора да се верува без да се проверува"! Се разликува од научните принципи по тоа што "не мора да се докажува". Од тука поимот догматизам значи некритичко прифаќање на некое начело како вистина, која "не треба, или не смее, да се проверува" (случај кај религијата). Гледајќи од тој аспект, констатацијата дека перпетуум-мобилето не постои во реалноста, не може да биде догма, како што тоа го тврди г. Николов, туку таа е логички заклучок произлезен од физички закони, кои, исто така, не може да се "магла", туку елементарни физички начела. Ова е првата заблуда на г. Николов.
Но, еве ја и неговата втора заблуда, цитирам: "Па господа "технички писмени" сетете се, ако малку го следите историскиот развој на технолошкиот напредок, колку такви како вас го повторувале тој збор, а потоа останувале со отворена уста…во науката не постои збор не може, само што перпетуум мобилето бара многу повеќе размислување и работа и еден ден ќе биде решен и тој проблем".
Овде г. Николов ја протолкувал реализацијата на проекти, порано незамисливи, но денес реализирани благодарејќи на технолошкиот напредок, како божем тие да беа реализирани надвор од физичките закони!? Во тој контекст и многумина неупатени грешат земајќи го за пример романот на Жил Верн "Патување на Месечината", во свое време фантазија, а денес реалност. Точно е тоа дека технолошкиот напредок овозможил реализација на проекти, претходно незамисливи, но, исто така, апсолутно е точно дека при таа реализација ниеден проект не излегол надвор од некој физички закон! Според тоа, причината за нивната претходна стагнација не била во физичките закони, туку во недозреаност на технологијата. Конкретно, во случајот со Жил Верн, на пример, благодарејќи на физичките закони, уште во негово време беше позната нужната почетна брзина на леталото за да стаса до Месечината. Но, тогашната технологија не беше во состојба да ја досегне таа брзина, сè додека технолошкиот напредок не овозможил конструкција на ракетен мотор, кој функционира во склад со физичкиот закон за акција и реакција. Ете, нема ништо надвор од физичките закони!
Меѓутоа, што би се случило при евентуална реализација на нешто, што би било во спротивност со некој физички закон? Тој закон би бил соборен како неточен. Конкретно, перпетуум-мобилето би го соборило законот за запазување на енергијата и законот за кинетичка енергија. Но, нема никакви изгледи тоа некогаш да се случи, бидејќи физичките закони се инваријанта на просторот и времето, т.е. важат во секое време и во секој простор, независно од степенот на технолошкиот напредок!
Петар Лагудин