Почитувани,
Ме интересира како може да се испита исправноста на автомобилска бомбина со унимер или посебен испитувач. Би ви бил премногу благодарен ако објавите шема на испитувач на бомбини и да не заборавам: среќно во новите простории.
Поздрав,
Диме Мрмески
Бомбината не е евтин дел и затоа се исплатува самоградба на уред за испитување на бомбини. Сличен уред, кој е наменет за испитување на високонапонските трансформатори кај ТВ-приемниците и мониторите е опишан во ЕМИТЕР бр. 5/03. Ова нè наведе на помислата дека истиот уред би можел да се искористи и за проверка на исправноста на бомбините. Бомбината е исто така високонапонски трансформатор, но значително се разликува од високонапонскиот трансформатор кај ТВ-приемниците. Прво во работната фреквенција. Кај VN-трансформаторот таа изнесува 15625Hz (фреквенцијата на хоризонталниот осцилатор), додека кај бомбината таа се пресметува според формулата f=n•C/(T•B•30), каде што n е бројот на вртежи на моторот во една минута, T е бројот на тактови на моторот, C е бројот на цилиндри на моторот, B е бројот на бомбини на моторот. На пример, бомбината кај еден четирицилиндричен, четиритактен мотор кој работи со 7000 вртежи во минута работи со 230Hz (67 пати помала од VN-трансформаторот). Трансформаторите за овие фреквенции се изработуваат на јадро од магнетни лимови и имаат значително поголема индуктивност на примарниот и секундарниот крај. Но, разликата во фреквенциите не би требало да претставува проблем, затоа што уредот го испитува трансформаторот со импулси со траење од 2ms кои се повторуваат на секои 100ms, значи со фреквенција од 10Hz. Уредот може да прикаже неисправна бомбина доколку бомбината има делумно краткоспоена примарна намотка или пак делумно краткоспоена секундарна намотка. Намотка во прекин (примарна или секундарна) може да се открие со обичен унимер.
Бидејќи тестерот на VN-трансформатори ние не го тестиравме со бомбина, пред да се решите да го изградите и користите овој уред треба да се провери постапката со веќе изграден. Тука, можеби ќе ви помогне некој од нашите читатели кои веќе го имаат изработено уредот. Причина повеќе за неопходноста од тестирање на овој уред со бомбина пред да го изработите е што побудните импулси со кои се испитува трансформаторот се многу мали, многу помали од оние со кои работи бомбината. Но како и да е, со вашето прашање побудивте кај нас интерес и можеби во некои од следните броеви ќе прикажеме уред наменет исклучиво за испитување на бомбини.
Кирил Крстевски
Јас го имам Easy Pic 3 програматорот за кој пишувавте во ЕМИТЕР 7-8/06. Можам да му внесам само hex file и тоа преку USB конекцијата со помош на pic flash софтверот. Но, со останатите програми, како што се mbasic: mc, mpascal и mp lab не можам. Поточно, самите програми имаат можност за конекција преку RS232 конекцијата (серискиот порт) и испраќање на програмата во форма на ASCII, HEX и decimal формат. Според литературата, конекцијата се врши преку USART Терминалот и кога ќе го испратиш file-от треба да пишува received ok. Кај мене не пишува дека испраќањето е завршено. Ова е битно за мене, бидејќи програма напишана во basic, c и pascal не можам да ја користам. Не помагаат ниту програмите за обработување во hex file, бидејќи pic-от не работи иако преработената програма ја има прифатено без грешка.
Ве молам помогнете ми.
Поздрав од вашиот редовен читател од Тетово
Драган Симовски.
За програмирање на микроконтролерите кои се наоѓаат на развојната плочка EASY PIC 3 се користи уредно поставениот USB интерфејс. За тоа постои софтвер за програмирање (PicFlash) кој се интегрира во сите програмски едитори на "Микроелектроника". Повикувањето на програматорот од менито на едиторот се врши со притискање на функциското копче F11 или со избор Tools => PicFlash Programmer. Со оваа акција, автоматски се презема компајлираниот фајл за напишаната програма во .HEX или во .BIN формат и се вчитува во микроконтролерот. Оваа опција ја имаат сите програмски едитори на Микроелектроника mikroC, microPascal и microBasic.
Доколку сакате да вчитате некоја друга искомпајлирана програма во неведените формати, тогаш само повикајте го PicFlash, (при инсталација креира shortcut на десктопот на компјутерот), вчитајте го во него и преку Write опцијата преснимете ја програмата во PIC-от.
Сериската порта која се наоѓа на развојната плочка се користи за RS232 комуникација. Истата не се користи за програмирање, затоа што колото МAX232 не е поврзано на пиновите за програмирање на микроконтролерот, туку тие се веќе искористени за програмирање преку USB интерфејсот.
Златко Николовски
"Логинг Електроникс"
Почитувани,
Двата дела од статијата "Ладилници" објавени во последните два броја ви се вистински погодок. Од нив дознав многу работи и "трикови" во врска со ладилниците. Сепак, сметам дека две работи недостасуваат:
1. Како да се одреди Rth на некој конкретен ладилник? Имено, често пати се случува во продавниците за електроника продавачите да немаат податок за Rth параметарот на ладилниците кои ги продаваат. Истиот проблем се јавува и кога сакаме да искористиме некој стар ладилник. Затоа би било добро да објасните како може да се одреди вредноста на Rth врз основа на димензиите на ладилникот или со некое мерење.
2. Со оглед на сиромашната понуда на ладилници во нашите продавници, би било добро да се даде и постапка за пресметка и самоградба на ладилник од алуминиумски лим. Значи, како да ги одредам димензиите на лимот за да добијам ладилник со одредена вредност на Rth?
Се надевам дека за овие работи ќе ми дадете некаков одговор или ќе ме упатите на некоја соодветна литература, а би било добро и да ги објавите во нов напис.
Со почит,
Крсте Ристовски
И јас сум размислувал за овие два проблема, но не сакав да импровизирам во текстовите и дополнително да ги оптоварувам тие две статии, кои веќе беа прилично обемни.
Одредувањето на Rth за ладилник не е едноставна работа која можеме дома да ја изведеме. За да се одреди Rth на ладилник потребна е контролирана атмосфера (амбиент), термометар кој ја мери температурата на амбиентот, термометар кој е во добра термичка спрега со ладилникот и ја мери неговата температура и елемент кој ќе го загрева ладилникот. Со отчитување на термометрите може да се пресмета термичката отпорност на ладилникот. Rth = (Ts-Ta)/q каде Ts е температурата на ладилникот, Ta е температурата на амбиентот, а q е топлотната моќност која се предава на елементот. За q може да земеме дека е тоа електричната моќност со која се загрева елементот. Проблемот тука е во тешкото набавување и високата цена на термометарот кој ја мери температурата на ладилникот. Тоа е термометар за температура до 100°C или повисока. Друг проблем е и термичката спрега на ладилникот со термометарот.
Ако веќе имате некој ладилник и ако сакате да оцените дали одговара или не за некоја намена, тогаш може да се постапи на следниот начин: На ладилникот, наместо оригиналниот елемент поставете транзистор со ист тип на куќиште. Потоа, предизвикајте на транзисторот-жртва трошење на исто толкава моќност како и кај оригиналниот елемент. За тоа ќе ви треба надворешно коло. Измерете ја температурата на ладилникот при тие услови. Термометарот треба да биде поставен на статив, нежно да го допира ладилникот а спојот помеѓу нив да се пополни со силиконска паста. Ладилникот задоволува ако неговата температура не надмине 75°C. Ако немате ваков термометар, тогаш едноставно со допир на ладилникот ќе ја оцените температурата. Ако ладилникот сè уште може да се држи температурата е околу 70°C и ладилникот одговара за соодветната намена. Ако ладилникот многу се загрее и не може да се држи со рака, тогаш најверојатно и транзисторот ќе се оштети и така ќе заклучиме дека ладилникот не може да се користи во нашиот случај. Се разбира, транзисторот може и да се спаси ако навреме забележиме дека температурата брзо расте и го исклучиме од колото. Ова е можно ако користиме термометар.
2) Користењето на рамни лимови како ладилници повеќе се јавува како згоден начин да се искористи металната кутија во која е сместен уредот како ладилник, а не како универзално решение кое ќе ги замени ладилниците. Постојат некои емпириски начини да се пресметаат вакви ладилници, но се добиваат големи површини. Понатаму, се јавува проблем на сместувањето на овие ладилници во кутијата на уредот. Затоа колку и да ни се чини практична употребата на рамни површини како ладилници, тоа не е така. Сепак, можеби во некоја прилика кога повторно ќе говориме за ладилниците, ќе дадеме пресметки за лимови во улога на ладилници. Ако сте нетрпеливи, тогаш нешто на ова тема можете да најдете во ЕМИТЕР бр. 11/96.
Кирил Крстевски
Здраво Емитер!!!
Имам три прашања.
1. Дали може две напојувања за PC 300W ATX да ми послужат како напојување за засилувач од 150W кој ги бара наведениве напони +24V и -24V, со што ќе ги добијам со комбинација на сериска врска на напоните од +12V и -12V и како може и до колку вати можам да одам со двете напојувања?
2. Каде може да најдам почетна литература за програмирање на микроконтролери? Убаво би било во ЕМИТЕР да објавите серија написи "Почетничка школа за програмирање на микроконтролери".
3. Дали знаете некоја веб-страница на интернет каде може да најдам голема архива на free електрични шеми од која било област.
Однапред ви благодарам
Александар, преку e-mail.
1. Ако имате сериозна намера да изработите квалитетен излезен засилувач, тогаш би ви препорачал да ја заборавите идејата за користење на напојување од некој персонален компјутер. Не знам точно со какво напојување располагате, но извесно е дека негативниот напон (-12V) не може да се оптовари со струја поголема од 0,5A. Ова значи дека моќноста на излезниот засилувач не би смеела да биде поголема од 5W. Дури и во случај кога напојувањето би дозволувало поголемо струјно оптоварување, ваквата идеја може да се смета само како експеримент, а не како добро решение. Напојувањето за персонален компјутер е проектирано со точно одредена намена и не можеме да го користиме како "универзално" напојување. Неговата пренамена не е едноставна задача, особено не кога се работи за напојување на излезен засилувач.
2. Минатата година во ова време во редакцијата подготвивме план за објавување на 2 брошури со наслов "Микроконтролери за почетници 1 и 2", кои би биле добра почетна литература за оваа проблематика. Меѓутоа, соработникот кој требаше да ги подготви целиот овој период е презафатен на своето работно место, па до сега не стигна да ја заврши ниту првата брошура. Да се надеваме дека ќе успееме во скоро време да ги подготвиме и објавиме. Како единствена друга литература на македонски јазик на тема микроконтролери би ви ги препорачал скриптите и учебниците од Електро-техничкиот факултет во Скопје. Исто така, би ви ја препорачал и српската книгата "PIC микроконтролери" која може да се набави во Логинг електроникс.
3. Не постои веб-страница (барем мене не ми е позната) на која можат да се најдат голем број електрични шеми од сите области на електрониката. Овој тип на веб-страници најчесто се од школски карактер во кои се обработени елементарни примери. Ако ве интересира некоја област поконкретно, тогаш најдобро е да ги искористите можностите што ги нудат интернет-пребарувачите. Со внесување на само неколку клучни зборови ќе ги добиете линковите на интернет-страниците кои нудат презентација на електрични шеми од таа област. Доколку, пак, не знаете што да барате, обидете се да ги внесете следните клучни зборови: "electronic circuit" или "electronic schematic" и ќе ги добиете линковите кои содржат архиви со помалку или повеќе корисни електрични шеми од речиси сите области на електрониката.
Дејан Трпески
Здраво,
Додека ја читав табелата за потребни материјали во написот за Соларни колектори во домашна изведба - 1. дел (ЕМИТЕР 6/07), забележав дека во неа ги имате дадено цените на потребните материјали за правење на соларните колектори, и си реков дека би било убаво да ги пишувате и цените на потребните материјали на сите електронски склопови, кои ги објавувате како проекти за самоградба. Мислам дека е добро да ги пишувате цените на електронските елементи и материјали потребни за изработка на некои електронски склопови од ЕМИТЕР, затоа што тогаш ние читателите ќе знаеме колку пари ќе ни требаат за тоа што ќе сакаме да го направиме. Веројатно цените на тие склопови треба да бидат оние што се во продавниците на вашите бизнис партнери како, на пример, ГАЦ електроника и др. (знам дека ЕМИТЕР не ги продава потребните елементи). Нели би ни било полесно за нас читателите на ЕМИТЕР ако во написите ги имате напишано цените на потребните материјали, отколку ние да се трудиме да ги бараме? И уште нешто. Сакам да знам дали е можно во ЕМИТЕР да објавите статија за тоа како да направиме радиоконтролиран модел на авион и тоа во самоградба, со елементи кои ни се достапни за тоа (знам дека барам многу).
Ви благодарам што одвоивте време за да го прочитате мојот e-mail, и навистина ќе ценам ако ја прифатите и мојата идеја.
Поздрав,
Небојша Наумчески од Гостивар.
Ова што го предлагате сме го размислувале уште од почетокот на ЕМИТЕР, но сме заклучиле дека не може да се реализира поради следниве причини:
Цените на електронските материјали се различни од продавница до продавница. Значи, ако информациите за цените ги земеме од една продавница, а читателот купува од друга тогаш вкупниот износ може многу да се разликува, па многумина од читателите ќе реагираат до нас дека сме ги "излажале". Од друга страна, не е можно (немаме време, ниту простор) да дадеме цени од сите продавници, а ако наведеме цени само од некои тогаш оние другите може да ни се налутат зошто и нивните цени не сме ги дале. Да резимирам: наведувањето на цените на потребниот материјал бара голем ангажман од нас, а за возврат сепак таа информација ќе биде непотполна поради што некои читатели и фирми ќе бидат незадоволни. Затоа уште одамна сме одлучиле да не ги објавуваме цените на елементите за објавените проекти, иако сме свесни дека такво нешто е корисно за читателите. Но, затоа, пак, во ЕМИТЕР ги има рекламите на повеќето продавници за електронски материјали, па секој заинтересиран читател пред да одлучи да изработува некој од нашите проекти може да се информира кај нив за цените на сите потребни елементи.
За самоградба на радиоуправуван модел на авион сме пишувале повеќе пати и во рубриката "Моделарство и макетарство" каде што била прикажана градбата на авионот, и во рубриката "електроника" каде што биле прикажани уредите за телекоманда. Ви испраќам еден документ со содржините на сите претходни броеви од кој можете да најдете во кои сè броеви на ЕМИТЕР имало написи за она што ве интересира.
Поздрав,
Слободан Таневски