Како се испитува автомобилска бобина?

Почитувани,
Ме интересира како може да се испита исправноста на автомобилска бомбина со унимер или посебен испитувач. Би ви бил премногу благодарен ако објавите шема на испитувач на бомбини и да не заборавам: среќно во новите простории.
Поздрав,
Диме Мрмески

Бомбината не е евтин дел и затоа се исплатува самоградба на уред за испитување на бомбини. Сличен уред, кој е наменет за испитување на високонапонските трансформатори кај ТВ-приемниците и мониторите е опишан во ЕМИТЕР бр. 5/03. Ова нè наведе на помислата дека истиот уред би можел да се искористи и за проверка на исправноста на бомбините. Бомбината е исто така високонапонски трансформатор, но значително се разликува од високонапонскиот трансформатор кај ТВ-приемниците. Прво во работната фреквенција. Кај VN-трансформаторот таа изнесува 15625Hz (фреквенцијата на хоризонталниот осцилатор), додека кај бомбината таа се пресметува според формулата f=n•C/(T•B•30), каде што n е бројот на вртежи на моторот во една минута, T е бројот на тактови на моторот, C е бројот на цилиндри на моторот, B е бројот на бомбини на моторот. На пример, бомбината кај еден четирицилиндричен, четиритактен мотор кој работи со 7000 вртежи во минута работи со 230Hz (67 пати помала од VN-трансформаторот). Трансформаторите за овие фреквенции се изработуваат на јадро од магнетни лимови и имаат значително поголема индуктивност на примарниот и секундарниот крај. Но, разликата во фреквенциите не би требало да претставува проблем, затоа што уредот го испитува трансформаторот со импулси со траење од 2ms кои се повторуваат на секои 100ms, значи со фреквенција од 10Hz. Уредот може да прикаже неисправна бомбина доколку бомбината има делумно краткоспоена примарна намотка или пак делумно краткоспоена секундарна намотка. Намотка во прекин (примарна или секундарна) може да се открие со обичен унимер.
Бидејќи тестерот на VN-трансформатори ние не го тестиравме со бомбина, пред да се решите да го изградите и користите овој уред треба да се провери постапката со веќе изграден. Тука, можеби ќе ви помогне некој од нашите читатели кои веќе го имаат изработено уредот. Причина повеќе за неопходноста од тестирање на овој уред со бомбина пред да го изработите е што побудните импулси со кои се испитува трансформаторот се многу мали, многу помали од оние со кои работи бомбината. Но како и да е, со вашето прашање побудивте кај нас интерес и можеби во некои од следните броеви ќе прикажеме уред наменет исклучиво за испитување на бомбини.
Кирил Крстевски