PC напојување за 150W засилувач?

Здраво Емитер!!!
Имам три прашања.
1. Дали може две напојувања за PC 300W ATX да ми послужат како напојување за засилувач од 150W кој ги бара наведениве напони +24V и -24V, со што ќе ги добијам со комбинација на сериска врска на напоните од +12V и -12V и како може и до колку вати можам да одам со двете напојувања?
2. Каде може да најдам почетна литература за програмирање на микроконтролери? Убаво би било во ЕМИТЕР да објавите серија написи "Почетничка школа за програмирање на микроконтролери".
3. Дали знаете некоја веб-страница на интернет каде може да најдам голема архива на free електрични шеми од која било област.
Однапред ви благодарам
Александар, преку e-mail.

1. Ако имате сериозна намера да изработите квалитетен излезен засилувач, тогаш би ви препорачал да ја заборавите идејата за користење на напојување од некој персонален компјутер. Не знам точно со какво напојување располагате, но извесно е дека негативниот напон (-12V) не може да се оптовари со струја поголема од 0,5A. Ова значи дека моќноста на излезниот засилувач не би смеела да биде поголема од 5W. Дури и во случај кога напојувањето би дозволувало поголемо струјно оптоварување, ваквата идеја може да се смета само како експеримент, а не како добро решение. Напојувањето за персонален компјутер е проектирано со точно одредена намена и не можеме да го користиме како "универзално" напојување. Неговата пренамена не е едноставна задача, особено не кога се работи за напојување на излезен засилувач.
2. Минатата година во ова време во редакцијата подготвивме план за објавување на 2 брошури со наслов "Микроконтролери за почетници 1 и 2", кои би биле добра почетна литература за оваа проблематика. Меѓутоа, соработникот кој требаше да ги подготви целиот овој период е презафатен на своето работно место, па до сега не стигна да ја заврши ниту првата брошура. Да се надеваме дека ќе успееме во скоро време да ги подготвиме и објавиме. Како единствена друга литература на македонски јазик на тема микроконтролери би ви ги препорачал скриптите и учебниците од Електро-техничкиот факултет во Скопје. Исто така, би ви ја препорачал и српската книгата "PIC микроконтролери" која може да се набави во Логинг електроникс.
3. Не постои веб-страница (барем мене не ми е позната) на која можат да се најдат голем број електрични шеми од сите области на електрониката. Овој тип на веб-страници најчесто се од школски карактер во кои се обработени елементарни примери. Ако ве интересира некоја област поконкретно, тогаш најдобро е да ги искористите можностите што ги нудат интернет-пребарувачите. Со внесување на само неколку клучни зборови ќе ги добиете линковите на интернет-страниците кои нудат презентација на електрични шеми од таа област. Доколку, пак, не знаете што да барате, обидете се да ги внесете следните клучни зборови: "electronic circuit" или "electronic schematic" и ќе ги добиете линковите кои содржат архиви со помалку или повеќе корисни електрични шеми од речиси сите области на електрониката.
Дејан Трпески