Почитувани,
Двата дела од статијата "Ладилници" објавени во последните два броја ви се вистински погодок. Од нив дознав многу работи и "трикови" во врска со ладилниците. Сепак, сметам дека две работи недостасуваат:
1. Како да се одреди Rth на некој конкретен ладилник? Имено, често пати се случува во продавниците за електроника продавачите да немаат податок за Rth параметарот на ладилниците кои ги продаваат. Истиот проблем се јавува и кога сакаме да искористиме некој стар ладилник. Затоа би било добро да објасните како може да се одреди вредноста на Rth врз основа на димензиите на ладилникот или со некое мерење.
2. Со оглед на сиромашната понуда на ладилници во нашите продавници, би било добро да се даде и постапка за пресметка и самоградба на ладилник од алуминиумски лим. Значи, како да ги одредам димензиите на лимот за да добијам ладилник со одредена вредност на Rth?
Се надевам дека за овие работи ќе ми дадете некаков одговор или ќе ме упатите на некоја соодветна литература, а би било добро и да ги објавите во нов напис.
Со почит,
Крсте Ристовски
И јас сум размислувал за овие два проблема, но не сакав да импровизирам во текстовите и дополнително да ги оптоварувам тие две статии, кои веќе беа прилично обемни.
Одредувањето на Rth за ладилник не е едноставна работа која можеме дома да ја изведеме. За да се одреди Rth на ладилник потребна е контролирана атмосфера (амбиент), термометар кој ја мери температурата на амбиентот, термометар кој е во добра термичка спрега со ладилникот и ја мери неговата температура и елемент кој ќе го загрева ладилникот. Со отчитување на термометрите може да се пресмета термичката отпорност на ладилникот. Rth = (Ts-Ta)/q каде Ts е температурата на ладилникот, Ta е температурата на амбиентот, а q е топлотната моќност која се предава на елементот. За q може да земеме дека е тоа електричната моќност со која се загрева елементот. Проблемот тука е во тешкото набавување и високата цена на термометарот кој ја мери температурата на ладилникот. Тоа е термометар за температура до 100°C или повисока. Друг проблем е и термичката спрега на ладилникот со термометарот.
Ако веќе имате некој ладилник и ако сакате да оцените дали одговара или не за некоја намена, тогаш може да се постапи на следниот начин: На ладилникот, наместо оригиналниот елемент поставете транзистор со ист тип на куќиште. Потоа, предизвикајте на транзисторот-жртва трошење на исто толкава моќност како и кај оригиналниот елемент. За тоа ќе ви треба надворешно коло. Измерете ја температурата на ладилникот при тие услови. Термометарот треба да биде поставен на статив, нежно да го допира ладилникот а спојот помеѓу нив да се пополни со силиконска паста. Ладилникот задоволува ако неговата температура не надмине 75°C. Ако немате ваков термометар, тогаш едноставно со допир на ладилникот ќе ја оцените температурата. Ако ладилникот сè уште може да се држи температурата е околу 70°C и ладилникот одговара за соодветната намена. Ако ладилникот многу се загрее и не може да се држи со рака, тогаш најверојатно и транзисторот ќе се оштети и така ќе заклучиме дека ладилникот не може да се користи во нашиот случај. Се разбира, транзисторот може и да се спаси ако навреме забележиме дека температурата брзо расте и го исклучиме од колото. Ова е можно ако користиме термометар.
2) Користењето на рамни лимови како ладилници повеќе се јавува како згоден начин да се искористи металната кутија во која е сместен уредот како ладилник, а не како универзално решение кое ќе ги замени ладилниците. Постојат некои емпириски начини да се пресметаат вакви ладилници, но се добиваат големи површини. Понатаму, се јавува проблем на сместувањето на овие ладилници во кутијата на уредот. Затоа колку и да ни се чини практична употребата на рамни површини како ладилници, тоа не е така. Сепак, можеби во некоја прилика кога повторно ќе говориме за ладилниците, ќе дадеме пресметки за лимови во улога на ладилници. Ако сте нетрпеливи, тогаш нешто на ова тема можете да најдете во ЕМИТЕР бр. 11/96.
Кирил Крстевски