Почитувана Редакцијо!
Во проектот "100W-ен ГИТАРСКИ ЗАСИЛУВАЧ" објавен во броевите на ЕМИТЕР 01/07; 02/07 и 03/07 има некоја грешка и ве молам да ми помогнете да го решам проблемот. Се јавува краток спој со шасијата од кутијата, односно при вклучување на засилувачот на мрежата прегорува осигурувачот F1. Искусен мајстор направи тест, тој допре светилка со кутијата при тоа таа интензивно светеше.
Бранко Марјановиќ, преку e-mail

Нашиот изработен прототип на овој Гитарски засилувач при првото пуштање во пробна работа одлично работеше, а и сега одлично работи без никакви проблеми. Од ова што вие го наведувате, очигледно се работи за краток спој со шасијата од кутијата во која сте го монтирале засилувачот. За да го решите и да го отстраните проблемот направете ги следните проверки:
1. Одлемете го секундарот од трансформаторот од филтерскиот блок, потоа трансформаторот поврзете го на градската мрежа, ако прегори осигурувачот F1, тоа значи дека проблемот е во трансформаторот, а ако сè е во ред повторно поврзете го со филтерскиот блок.
2. Засилувачот исклучете го од напојувањето (филтерскиот блок), а потоа напојувањето приклучете го на мрежата, ако прегори осигурувачот значи проблемот е во филтерскиот дел, отстранете го! Ако сè е во ред, значи проблемот е во засилувачот. Најнапред причината барајте ја во излезните транзистори - проверете да не имаат краток спој со ладилникот (не се добро изолирани од ладилникот) или во краен случај се прегорени, ако сè е во ред проблемот барајте го понатаму.
3. На крај, проверете го заземјувањето во вашиот дом, дали е исправно, проверката нека ја направи мајсторот со светилката !?
Славко Стојковски


Повторно јас со уште неколку куси прашања:
1. Колкава струја троши проектот кодирана брава од брошурата за микроконтролери и дали напојувањето може да биде со адаптер од 12 V DC напон?
2. Видов една електрична брава и сакам да ве прашам дали тие работат (отвораат) на еднонасочен или наизменичен напон?
3. Кој е најдобриот начин да обезбедам напојување за PIC програматорот од 17V DC објавен во брошурата (дали ќе треба да го правам проектот стабилизиран исправувач од 3 до 30 V во ЕМИТЕР 1/08). Ако одговорот е, дали тој ќе обезбеди точно 17 VDC и ако е не дали има некој поедноставен начин?
Поздрав и благодарам однапред,
Н. Стефанов преку е-пошта

1) Проектот кодирана брава има потрошувачка од max. 20 mA, при вклучени релеи. Ова е со компонентите што се употребени во прототипот. Зависно од релеите што ќе ги употребите, потрошувачката може да биде малку поголема или помала. Согласно на оваа мала потрошувачка, може да употребите адаптер од 12V, бидејќи и најслабите од нив можат да дадат 100mA струја на својот излез.
2) Електричните брави коишто се поставуваат во денешно време на вратите, обично се напојуваат со еднонасочен напон од 12V. Комбинациите за напојување може да се најразлични, зависно од намените.
3) За програматорот за микроконтролери објавен во брошурата, потребниот напон за напојување може да биде од 17 до 25 V и можете да го добиете од каков било прост извор на еднонасочен напон. Наједноставно е доколку имате трансформатор кој на својот излез дава 15V, тој напон да го исправите со грец (или диоди) и да го исфилтрирате со електролитски кондензатор од 2200 до 4700µF. Посебни, т.е. специјални извори за напојување не се потребни.
Благодарам за вашиот интерес и добра работа.
Добре Блажевски-Доц


Фотоконкурс??? Многу смотана работа, зошто не е електронски конкурс, на пример, за некоја нова работа која е полезна за општеството? Сликањето може да е полезно само ако се сликаат свадби, голи жени за Плејбој итн.
Јас имам еден проект за возилата на плин. Се работи за октан коректор или, ако е полесно, timing advanse procesor. Со него се приспособува моторот на плин, бидејќи кривата на палење не е иста со кривата на бензините. Со ова моторот забрзува подобро отколку на бензин, ама бидејќи на вас не ви се потребни шеми кои ги имате и така премногу (засилувачи и полначи) не ви ја праќам.
Поздрав.
Марјан Николовски

Тоа што вас не ве интересира фотографијата апсолутно не значи дека е таа бесполезна и "смотана". Но, очигледно вие сте еден од оние што сакаат само електроника и ништо друго. Меѓутоа, како што сакате во ЕМИТЕР да прочитате за работи од електрониката кои вас ве интересираат, тоа го сакаат и другите. Затоа, кога веќе сте напреднале во електрониката, немојте само да ни давате предлози и да ни нудите шеми - седнете и подгответе напис за некој проект кој сте го изработиле и споделете ги своите сознанија со останатите читатели.
Мислам дека ова е добра прилика да ја започнете соработката со ЕМИТЕР. Дали конечно ќе преминете од зборови (предлози и критики) на конкретни дела - проекти и написи во ЕМИТЕР?
Поздрав,
Слободан Таневски

Здраво. Бев иритиран од Фотоконкурсот и затоа така напишав. Мали се наградите, ако ме разбирате, ама во секој случај фотографијата е поевтина од електрониката. Кај нас сè застанува кога е во прашање кутијата, напојувањето, монтажата. Затоа, мој предлог е да се најдат соработници столари, бравари, електровинклери и др., кои за читателите на ЕМИТЕР ќе даваат услуги со некој попуст. Сакам да кажам да се заангажираат умовите повеќе. Има многу интелигентни луѓе кај нас, ама се соочуваат со проблеми од ваков тип – многу работи кај нас ги нема, а ако ги има се скапи. Затоа јас 50 % од материјалите ги порачувам од Канада, од Дигикеј.
Инаку, го сакам ЕМИТЕР, го купувам од првиот број и сите ги чувам. Електрониката ја сакам само ако носи пари или заштедува од домашниот буџет, сè друго што може да се купи поевтино отколку да се изработи е бесмислено. Инаку, не сум подготвен да напишам некој напис или проект за објавување во ЕМИТЕР. Не знам како да го осмислам во целина, а немам ни дигитална камера за да ги сликам работите кои сакам да ви ги покажам.
Сега за домашни услови правам ветерница за електрична енергија и имам проблем. Ја осмислив со делови од машина за перење и алтернатор, ама тој треба да се превинклува и никој во Скопје не знае тоа да го пресмета и да го превинклува за да добијам повеќе вртежи. Механичкото зголемување на вртежите не ми се допаѓа, затоа што ќе има многу загуби во ременици и ремени. Ако познавате некој кој ќе го реши овој проблем, тогаш бинго. Инаку, перките (елисата) ги изработив од пластична одводна цевка, така што целиот овој проект е доста евтин.
Марјан Николовски

Навистина нема потреба да бидете иритирани од Фотоконкурсот и од другите неелектроничарски теми. Како што вам електрониката ви е хоби, така на други тоа им е фотографијата. Затоа дозволете и другите читатели кои имаат други интереси, различни од вашите, да имаат што да прочитаат во ЕМИТЕР и да се занимаваат со своето хоби. Како многу пати до сега пак ќе повторам: во Македонија не е можно комерцијално да егзистира списание кое ќе биде САМО за електроника. И уште нешто - токму постоењето на другите рубрики во ЕМИТЕР привлекува и други читатели и спонзори со што се овозможува натамошно излегување на списанието, а со тоа и опстанок на рубриката "електроника". Затоа наместо со лутина треба да гледате со благодарност кон другите теми и читатели.
А проблемите во врска со набавка на делови и изработка на кутии ги имаме и ние. За жал, и покрај разговорите со неколку електровинклерски, лимарски и пластичарски работилници, никој од нив не беше заинтересиран за соработка на тоа поле. Слична ситуација е и со електроничарските продавници - освен ретки исклуоци, повеќето од нив ниту се рекламираат во ЕМИТЕР, ниту, пак, се заинтересирани да набават одредени делови за проектите кои сакаме да ги подготвиме и објавиме во списанието. Токму затоа многу интересни проекти останале необјавени во ЕМИТЕР. За жал, ЕМИТЕР нема моќ да "убеди" некоја фирма да увезува или да изработува некои делови и уреди кои се од интерес на читателите - тие сметаат дека нема доволен пазар за таков ангажман и затоа не ги прифаќаат нашите предлози. А веројатно во голема мера се во право, бидејќи само малкумина читатели (нивни потенцијални муштерии) се занимаваат со изработка на електронски или електрични/машински и слични уреди. Главна причина за ова е што денешните луѓе с# помалку имаат време и пари за личен ангажман во изработка на уреди, но и тоа што денес е исплативо само малку уреди да се изработуваат во домашна режија кога ист или сличен уред го има во продавниците или на тезгите за "багателна" цена. Сепак, не треба да се гледа на електрониката само како на начин да се заштеди со самоградба, туку и како на поле за лична наобразба или за креативна занимација (хоби). Во таков случај цената на изработениот уред паѓа во втор план. Меѓутоа, во денешно време ни ова не може да дојде до израз, бидејќи за повеќето луѓе (особено помладите) има многу полесни начини за разонода, на пример, компјутерите, многуте ТВ-канали, видеоигрите и слично.
Токму поради овие причини секој напреден електроничар и секој друг напреден самоградител и хобист треба да се труди своето хоби и своето знаење да го прошири на што повеќе луѓе. Еден од начините тоа да се направи е да се објавуваат написи во ЕМИТЕР. Доколку вие не сте во можност самите да подготвите некој напис, тоа може да го направиме заеднички: некој од нашите соработници ќе го подготви написот според стандардите на ЕМИТЕР, но за тоа да биде квалитетно и без грешки потребно е ваше активно учество во насока да ни ја доставите целокупната документација од проектот, ако е потребно да дадете некои дополнителни објаснувања и евентуално да ни го отстапите уредот на проба неколку дена. А ако немате фотографии од уредот, нив лесно ќе ги направиме ние. На тој начин секој ваш проект може да се најде на страниците на ЕМИТЕР и да биде од полза за многумина други читатели.
Доколку сте заинтересирани за ваква соработка, јавете се или дојдете во редакцијата на разговор. Истиот овој повик го упатувам и до сите останати читатели кои имаат интересни проекти, а немаат време или се чувствуваат несигурни самостојно да подготват написи за објавување во ЕМИТЕР.
Слободан Таневски


Здраво!
Проблемите со ел мрежа ми наложуваат потреба од набавка на UPS off-line, со цел заштита на ново купениот PC. Поради многу скромните финансиски средства (како и повеќето студенти), ме интересира, како ваш долгогодишен читател дали би можеле да ми обезбедите шема за изработка на таков уред, со солидни перформанси со излез 230V 50Hz.
Однапред ви благодарам,
Дејановски Александар

Нов UPS со скромни можности може да најдете на автопазар за цена од 1500 денари. Веројатно толку се и по продавниците. За таа цена нема да можете да го набавите ниту трансформаторот потребен за изработка на истиот. Затоа, не губете време во потрага по шема за UPS, туку земете си еден готов. Сиромавиот некогаш не мора двапати да плаќа ако послуша вистински совет :-).
Кирил Крстевски

Веројатно најевтино решение е да си купите готов уред кој ќе биде поевтин од тоа што може да се изработи за ист квалитет. Ако ви е скапо да купите UPS, моја препорака е да си купите продолжен кабел со добар филтер за заштита од пренапон. Не сум убеден дека евтините UPS уреди имаат добра пренапонска заштита, како што има продолжен кабел со добра пренапонска заштита. Значи, јас "гласам" за добра пренапонска заштита.
Благој Ќупев