Поздрав
1. Имам проблем со набавка на IC IR2155 за проектот ТЕНС-стимулатор (Е3/08) - го нема никаде. Каде го набавил авторот?
2. За проектот Дигитален ESR метар (Е 6/04) имам некој проблем со функционирање на истиот. Осцилаторот со IC CD4093 работи добро, т.е. дава 200 kHz. На пин 8 и 9 на CD74HCT74 место 100 kHz добивам 178 kHz. На излез на мерните сонди кога ќе се приклучи кондензатор секогаш покажува 000. Ве молам да ми кажете каде е проблемот.
Ѓорѓи Андов, преку e-mail
1. Навистина, во почетокот кога започнав со прибирање на материјали за изградбата на ТЕНС-стимулаторот беше малку проблематично да се набави дотичното коло. За изработка на прототипот јас го набавив IR2155 со помош на Алфа електроника од Битола, но во меѓувреме дознав дека наместо IR2155, кое потешко се наоѓа, може да се употреби колото IR2153, кое е поевтино и полесно се наоѓа (видете во ГАЦ електроника, Алфа електроника...).
Инаку, за ваша информација и на сите читатели кои имаат намера да го изработат ТЕНС стимулаторот, интегрираните кола IR2155 и IR2153 се потполно компатибилни за замена. Двете кола се испробани во уредот и нема никаква разлика во работата и параметрите на изградениот уред: фреквенцијата, излезниот напон и дисипацијата. Всушност, IR2153 е подобрена верзија на неговиот претходник, популарното коло IR2155, со вграден високонапонски полубранов драјвер и осцилатор сличен на тајмерот 555. Обезбедува поголема функционалност и олеснување во експлоатацијата од претходните верзии. Не постои никаква разлика ниту во електронските параметри на овие две кола, споредувајќи ги нивните каталошки податоци.
Петар Аврамовски
2. Не гледам некоја логична причина зошто CD74HCT74 би "генерирал" фреквенција која е речиси 2 пати поголема од потребната. Ова е веројатно недостаток на интегралното коло или лошо залемени компоненти. Доколку користите подножје за ова ИК отстранете го подножјето и заелемете го ИК директно на ППК. Заменете го и C17 со нов во случај веќе поставениот кондензатор да е неисправен.
Благој Ќупев
Јас сум вас редовен читател и продолжете така, најдобри сте!!!
А сега имам едно прашање и се надевам дека ќе ми помогнете. Се работи за тоа како да дизајнирам коло за автоматска постепена побуда (регулација) на тиристор, тоа што јас сега го правам со помош на потенциометар, т.е. регулацијата на тиристорот да го прави некое друго ел. коло. На пример, кога ќе го вклучам уредот под напон (на пр. светилка на 220V) таа да се пали постепено додека не се достигне максимален напон на нејзините краеви.
Поздрав и ви благодарам однапред,
Мики Ристовски
Вие веројатно имате коло со фазна регулација со тријак слично на колото за регулација на светло објавено во ЕМИТЕР бр. 5/07. За жал, ова коло не може лесно да се преправи во коло кое автоматски, полека ќе ја зголемува моќноста на потрошувачот. Инаку, вакво коло се користи кај контролата на колекторските електромотори. Софт Старт колото (како што се нарекува ова коло) го спречува наглото придвижување на роторот кај овој тип електромотори и со тоа ги ублажува почетните удари кои се јавуват помеѓу четкичките на моторот и колекторските ламели. Со тоа се штеди колекторот кај овие мотори и продолжува векот на машината. Наменските кола за управување со тријак, покрај другите предности над колата за фазна регулација, ја имаат и оваа Софт Старт функција. Едно такво коло U2010 е опишано во ЕМИТЕР 11/07. Во истиот број е дадена и основна апликација со ова коло. Ако успеете да го изработите овој склоп, ќе добиете одличен регулатор на моќност со тријак и Софт Старт функција во едно.
Кирил Крстевски
Здраво!
Сакам да прашам нешто. Дома имам постар компјутер, од 2003 година отприлика. На задната страна има место само за два USB конектори. Користам Windows Me.
Неодамна си купив USB 2.0 Apacer Handy Steno AH222. Кога ќе го ставам USB стикот во конекторот назад, компјутерот не го препознава, ми бара драјвери. Ме интересира каде можам да најдам драјвери за да може PC-то да го препознава USB-то?
Пробав и едно друго нешто. На прозорчето што излезе пишуваше дека бара драјвери за USB-то, ама имаше и опција "Skip File". Па кликнав "Skip File" за да ги занемарам сите побарувања за драјвери и потоа USB-то се отвори. Не знам дали може така со сила да го отворам на секое уклучување?
Пробав и на страната на Apacer, таму најдов драјвер баш за Apacer Handy Steno AH222, но беше наменет за Win98. Го симнав и го донесов дома, но не знам дали може да го инсталирам?
Најдов и други системски фајлови на Интернет за USB 2.0, готови, само за снимање наменети, ама не знам и нив дали да ги снимам?
Друго. Јас сум студент и ми треба нов компјутер, на факултет сме зависни од компјутери. Е сега, дома имам останат постар колор монитор, тастатура, глувче, а централната единица која одеше со нив повеќе не функционира, се расипа. Сакам да купам само централна единица, без периферии, без монитор, без глувче, без тастатура итн итн. Но, драјверите за мониторот останаа загубени во централната единица која се расипа и не можам да најдам драјвери за мониторот. Ме интересира дали можам да го поврзам мониторот што ми остана (и за кој немам драјвери) со централната единица што планирам да ја купам и да работат без проблем и без опасност од оштетување?
Топли поздрави,
Зоран Јанкулоски.
Моделот на USB стикот е речиси потполно ист како мојот (Apacer handy Steno AH22). Драјверите кои сте ги нашле на страната на производителот треба да завршат работа. Немате потреба од инсталација на дополнителните драјвери кои сте ги нашле.
Јас имам неколку компјутери, од кои едниот е P3 на 450 MHz (Katmai), со Windows 98 оперативен систем. Инсталацијата на USB стикот на ова "машинче" ми мина без проблеми со драјверите од сајтот на производителот, со тоа што ми го побара и ЦД-то со Win98.
Мониторот можете без проблем да го поврзете на новата конфигурација, бидејќи сите актуелни графички картички поддржуваат Plug’n’play уреди како што се мониторите.
Инсталацијата на драјвери за монитор е пожелна од аспект на правилен приказ на боите, ако тоа ви е битно (ако се занимавате со дизајни, изработка на реклами и сл.). Но, не со секој модел на монитор оди и драјвер за колорната шема. Со некои да, со некои не. Значи, инсталација е пожелна, но не е задолжителна.
А драјвери за вашиот монитор можете да најдете на Интернет, пред с#, на сајтот на производителот, или на сајтови кои се специјализирани за драјвери, како, на пример:
www.driverguide.com;
www.hardwarehell.com/drivers.shtml;
pcdrivers.com/;
driverzone.com/;
www.windrivers.com/......
Зоран Ивановски
Здраво ЕМИТЕР!!!
Имам неколку прашања до редакцијата, а се однесуваат на проектот: "Малошумен микрофонски предзасилувач" објавен во ЕМИТЕР 12/07 и некои други споредни прашања. Сакам да го изработам овој малошумен микрофонски предзасилувач, и поради тоа имам неколку прашања:
1. Досега сум вклучувал микрофон директно на звучната картичка од компјутерот и ме интересира ако го изработам овој микрофонски предзасилувач дали можам да го приклучам на влезот од компјутерот?
2. Зашто служи тримерот P1?
3. Колку чини плочката ППК 237 и дали со купонот уште важи 50% попуст?
Однапред ви благодарам !
Гаврило Ангелоски,
преку e-mail
Од поставените прашања можам да заклучам дека не сте редовен читател на ЕМИТЕР, дури и дека го немате ни спомнатиот број на ЕМИТЕР или пак дека не читате внимателно. Да не беше вака, во ЕМИТЕР 12/07 на последните страници (ЕМИТЕР ППК СЕРВИС) ќе ја најдевте цената на ППК (60 денари), а на наредната страница ќе го најдевте купонот за порачка и купонот за 50% попуст. Што се однесува до првото прашање, еве краток одговор, иако за електрет микрофоните можете да најдете многу повеќе податоци во многу броеви на ЕМИТЕР.
На влезот на звучната картичка од компјутерот се приклучува "Електрет микрофон", кој звукот не го репродуцира во "стерео", како што наведувате, туку во моно – истиот сигнал оди во двата канала. Електрет микрофоните се посебен тип кондензаторски микрофони кои во својата капсула имаат и FET транзистор чија задача е да го засили сигналот, но уште повеќе големата излезна импеданса на капсулата да ја претвори во мала вредност. Карактеристично за овој тип микрофони е што се приклучуваат со 3 жици: маса, аудиосигнал и напојување. Спомнатиот "Малошумен микрофонски предзасилувач", како што е наведено во текстот, е дизајниран да се користи со динамички микрофон, но на неговиот влез може да се приклучи и електрет микрофон, а како тоа да се направи можете да видите во написот "Акустички активиран прекинувач" во овој број на ЕМИТЕР.
Славко Стојковски
Почитувана редакцијо на ЕМИТЕР. Јас сум редовен читател на списанието кој со нетрпеливост го очекува секој нов број. Неодамна наидов на проблем па ме интересира ако можете да ми помогнете. Сакам да врзам 4 звучници од 200W на засилувач од 500WRMS. Знам дека имам два начина како на шемите кои ги приложувам, но ме интересира кој е подобриот и зошто?
Однапред благодарам,
Мирко Станковски,
преку e-mail
Теоретски двата начина се идентични. Звучниците A и B мора да бидат идентични. Истото важи и за C и D. Парот A-B не мора да биде идентичен со парот C-D, но мора да можат да издржат 1/4 од излезната моќност на засилувачот. Практично можно е да настане прегорување на едниот звучник при работа, а тогаш е подобра првата варијанта.
Владимир Филевски
Се извинувам, ама како да дознам дали сум освоил награда на ФотоЕмитер или не? И, ако не сум, дали би можел да добијам критика зошто? Знам дека премногу барам, но јас сум на почетокот на една, се надевам, професионална фото-кариера, па би сакал да слушнам што мислите за моите фотографии.
Поздрав,
Димитар Егуменовски
Наградените фотографии од нашиот фотоконкурс ги објавуваме секој месец во списанието ЕМИТЕР, така што фотографиите пристигнати овој месец ќе бидат објавени во наредниот број на ЕМИТЕР.
На нашиот фотоконкурс учествуваат многу фотоаматери со многу фотографии па не е можно секому поединечно да му одговориме со критики и совети. Но затоа рубриката ФотоЕмитер е така конципирана што со нејзино редовно следење ќе дознаете многу работи кои ве интересираат: зошто некоја фотографија е наградена, зошто некоја друга не е, како правилно треба да се фотографира во одредени услови и за одредени сцени, како да се избегнат одредени грешки итн. Следете н# - ЕМИТЕР ви го дава она што другите љубоморно го кријат!
Што се однесува до вашите намери за професионална фото-кариера ве информираме дека некое специјализирано школо за фотографија во Македонија нема. Меѓутоа фотографијата се изучува како во Средното училиште за ликовни уметности така и на Факултетот за ликовни уметности во Скопје и на Европската филмска академија ЕСРА во Скопје. Добри познавања за фотографијата можете да стекнете и по курсевите за фотографија на фото-клубовите како и со учество во нивните форуми, кружоци или блогови. Како нова инстанца претставува и курсот по Основи на фотографија на Македонскиот центар за фотографија лоциран во културниот центар "Мала Станица". За жал, курсот е веќе започнат (трае од 14.04 до 12.05 о.г.) и не знам дали ќе можете да земете учество во него оваа година. Потоа, следете ги изложбите на фотографија (кои не се баш малку во Скопје), а задолжително посетете го 14-тото меѓународно биенале "Фотомедиа" кое ќе се одржи во ноември 2008. Таму ќе бидат собрани сите кои нешто значат во македонската фотографија. Лична едукација можете да стекнете и преку меѓународните специјализирани списанија за фотографија од кои најеминентен е францускиот PHOTO.
Слободан Таневски
и Емилијан Иљоски
Здраво!
Поради моето школување надвор од земјава Емитер го купувам повремено, но неговите содржини секако прават да му посветам поголем дел од своето време. Од сите содржини најмногу се задржувам на електрониката, претежно поради тоа што по малку се занимавам и со хоби-електроника. Да преминам на она што сакам да ве прашам/замолам: Дали сте во можност да објавите напис за изработка на плочки со печатени кола во домашни услови, за тоа што с# е потребно и како оди самата постапка. Да напоменам дека поседувам софтвер за дизајн на електрични кола и би сакал да научам како да изработам една таква плочка со печатено коло.
Со надеж дека позитивно ќе одговорите, однапред Ви благодарам.
Зоран Георгиевски од Штип.
За изработка на плочките и начинот на нивното дизајнирање во ЕМИТЕР имаме пишувано повеќе пати. Цртањето и изработката на плочките со печатени кола (ППК) во аматерски услови може да се направи на различни начини: со алкохолен фломастер (опишано во ЕМИТЕР 7-8/97 и 4/06), со самолепливи ленти (Е 12/99), со фотопостапка (Е 4/98) и со пренос на тонер од ласерски печатач (Е 4/06). При тоа може да се користат различни киселини за нагризување, што исто така било објаснето во спомнатите написи. Дизајнот на шемата и ППК може да се направи рачно или со соодветна компјутерска програма: со Corel DRAW (види во Е 4/99 и 11/03), со Protel (ЕМИТЕР 1, 2 и 3/98), со Eagle (ЕМИТЕР 2, 3 , 4 и 5/06) или со некоја друга.
Плочките најдобро е да се дупчат со моделарски дупчалки кои имаат голем број на вртежи (преку 10000) и се со моќност од 20 до 100W. Такви дупчалки можете да набавите во продавниците за електронски материјали или во продавниците за електрични алати.
Слободан Таневски