Здраво ЕМИТЕР!!!
Имам неколку прашања до редакцијата, а се однесуваат на проектот: "Малошумен микрофонски предзасилувач" објавен во ЕМИТЕР 12/07 и некои други споредни прашања. Сакам да го изработам овој малошумен микрофонски предзасилувач, и поради тоа имам неколку прашања:
1. Досега сум вклучувал микрофон директно на звучната картичка од компјутерот и ме интересира ако го изработам овој микрофонски предзасилувач дали можам да го приклучам на влезот од компјутерот?
2. Зашто служи тримерот P1?
3. Колку чини плочката ППК 237 и дали со купонот уште важи 50% попуст?
Однапред ви благодарам !
Гаврило Ангелоски,
преку e-mail
Од поставените прашања можам да заклучам дека не сте редовен читател на ЕМИТЕР, дури и дека го немате ни спомнатиот број на ЕМИТЕР или пак дека не читате внимателно. Да не беше вака, во ЕМИТЕР 12/07 на последните страници (ЕМИТЕР ППК СЕРВИС) ќе ја најдевте цената на ППК (60 денари), а на наредната страница ќе го најдевте купонот за порачка и купонот за 50% попуст. Што се однесува до првото прашање, еве краток одговор, иако за електрет микрофоните можете да најдете многу повеќе податоци во многу броеви на ЕМИТЕР.
На влезот на звучната картичка од компјутерот се приклучува "Електрет микрофон", кој звукот не го репродуцира во "стерео", како што наведувате, туку во моно – истиот сигнал оди во двата канала. Електрет микрофоните се посебен тип кондензаторски микрофони кои во својата капсула имаат и FET транзистор чија задача е да го засили сигналот, но уште повеќе големата излезна импеданса на капсулата да ја претвори во мала вредност. Карактеристично за овој тип микрофони е што се приклучуваат со 3 жици: маса, аудиосигнал и напојување. Спомнатиот "Малошумен микрофонски предзасилувач", како што е наведено во текстот, е дизајниран да се користи со динамички микрофон, но на неговиот влез може да се приклучи и електрет микрофон, а како тоа да се направи можете да видите во написот "Акустички активиран прекинувач" во овој број на ЕМИТЕР.
Славко Стојковски