Замена за IR2155 во ТЕНС-стимулаторот

Поздрав
1. Имам проблем со набавка на IC IR2155 за проектот ТЕНС-стимулатор (Е3/08) - го нема никаде. Каде го набавил авторот?
2. За проектот Дигитален ESR метар (Е 6/04) имам некој проблем со функционирање на истиот. Осцилаторот со IC CD4093 работи добро, т.е. дава 200 kHz. На пин 8 и 9 на CD74HCT74 место 100 kHz добивам 178 kHz. На излез на мерните сонди кога ќе се приклучи кондензатор секогаш покажува 000. Ве молам да ми кажете каде е проблемот.
Ѓорѓи Андов, преку e-mail

1. Навистина, во почетокот кога започнав со прибирање на материјали за изградбата на ТЕНС-стимулаторот беше малку проблематично да се набави дотичното коло. За изработка на прототипот јас го набавив IR2155 со помош на Алфа електроника од Битола, но во меѓувреме дознав дека наместо IR2155, кое потешко се наоѓа, може да се употреби колото IR2153, кое е поевтино и полесно се наоѓа (видете во ГАЦ електроника, Алфа електроника...).
Инаку, за ваша информација и на сите читатели кои имаат намера да го изработат ТЕНС стимулаторот, интегрираните кола IR2155 и IR2153 се потполно компатибилни за замена. Двете кола се испробани во уредот и нема никаква разлика во работата и параметрите на изградениот уред: фреквенцијата, излезниот напон и дисипацијата. Всушност, IR2153 е подобрена верзија на неговиот претходник, популарното коло IR2155, со вграден високонапонски полубранов драјвер и осцилатор сличен на тајмерот 555. Обезбедува поголема функционалност и олеснување во експлоатацијата од претходните верзии. Не постои никаква разлика ниту во електронските параметри на овие две кола, споредувајќи ги нивните каталошки податоци.
Петар Аврамовски

2. Не гледам некоја логична причина зошто CD74HCT74 би "генерирал" фреквенција која е речиси 2 пати поголема од потребната. Ова е веројатно недостаток на интегралното коло или лошо залемени компоненти. Доколку користите подножје за ова ИК отстранете го подножјето и заелемете го ИК директно на ППК. Заменете го и C17 со нов во случај веќе поставениот кондензатор да е неисправен.
Благој Ќупев