Се извинувам, ама како да дознам дали сум освоил награда на ФотоЕмитер или не? И, ако не сум, дали би можел да добијам критика зошто? Знам дека премногу барам, но јас сум на почетокот на една, се надевам, професионална фото-кариера, па би сакал да слушнам што мислите за моите фотографии.
Поздрав,
Димитар Егуменовски
Наградените фотографии од нашиот фотоконкурс ги објавуваме секој месец во списанието ЕМИТЕР, така што фотографиите пристигнати овој месец ќе бидат објавени во наредниот број на ЕМИТЕР.
На нашиот фотоконкурс учествуваат многу фотоаматери со многу фотографии па не е можно секому поединечно да му одговориме со критики и совети. Но затоа рубриката ФотоЕмитер е така конципирана што со нејзино редовно следење ќе дознаете многу работи кои ве интересираат: зошто некоја фотографија е наградена, зошто некоја друга не е, како правилно треба да се фотографира во одредени услови и за одредени сцени, како да се избегнат одредени грешки итн. Следете н# - ЕМИТЕР ви го дава она што другите љубоморно го кријат!
Што се однесува до вашите намери за професионална фото-кариера ве информираме дека некое специјализирано школо за фотографија во Македонија нема. Меѓутоа фотографијата се изучува како во Средното училиште за ликовни уметности така и на Факултетот за ликовни уметности во Скопје и на Европската филмска академија ЕСРА во Скопје. Добри познавања за фотографијата можете да стекнете и по курсевите за фотографија на фото-клубовите како и со учество во нивните форуми, кружоци или блогови. Како нова инстанца претставува и курсот по Основи на фотографија на Македонскиот центар за фотографија лоциран во културниот центар "Мала Станица". За жал, курсот е веќе започнат (трае од 14.04 до 12.05 о.г.) и не знам дали ќе можете да земете учество во него оваа година. Потоа, следете ги изложбите на фотографија (кои не се баш малку во Скопје), а задолжително посетете го 14-тото меѓународно биенале "Фотомедиа" кое ќе се одржи во ноември 2008. Таму ќе бидат собрани сите кои нешто значат во македонската фотографија. Лична едукација можете да стекнете и преку меѓународните специјализирани списанија за фотографија од кои најеминентен е францускиот PHOTO.
Слободан Таневски
и Емилијан Иљоски