Емитер 1/2007.
Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.
И покрај големиот број на написи во ЕМИТЕР кои се однесуваат на градба на звучни кутии, сепак, авторот на овој напис секојдневно се среќава со бројни докази дека добар дел од "нашите" домашни градители се користат со "екстрасензорски" феномени и "финти" за да изградат некоја звучна кутија. Да не заборавиме дека електроакустиката е наука создадена од човека и сите параметри се познати и дефинирани од истиот, така што гатањето, магијата, бабините деветини, тајните волшебни еликсири, како змијското масло или "одокотивната" метода, односно стапчето и канапчето не се дозволени во оваа област.
Тука не сакам да дојдам во конфликт со плејадата аудиофили кои на појавата на звукот придаваат дури и волшебни својства. Впрочем, и самото перцепирање на аудиоспектарот е чисто индивидуален своевиден феномен. Перцепирање на музика како дел од аудиоспектарот е уште повеќе индивидуално и несомнено е врзано со вкусот на секоја единка па, “gusto non disputan” – за вкусовите не се расправа! Сепак, градењето на една звучна кутија треба да се заснова на научно потврдени техники, кои ги земаат предвид барем основите на Електроакустиката. Во оваа серија написи особено внимание ќе му посветам на користените техники и тајни на занаетот за изработка на една звучна кутија.
- “Абе, каква кутија? Дај ми ги ти драјверите! Што може да направи едно “парче” дрво?” Ова е чест коментар во моето секојдневие! Неретка е појавата во оваа област некој да се “залета” да купи скапи драјвери од неколку стотини евра по парче, божем ќе изработел звучна кутија ала оние од неколку илјади или десетици илјади евра, за на крај како резултат да добие едно длабоко и грдо разочарување кое ќе го крие во гаражата заедно со истрошениот мебел. Длабоко поради тоа што звучната кутија дава звук како оние “петпарашки”, а грдо поради применетите столарски експерименти.
Таков е пристапот кон проблематиката, поради тоа што во нашиот свет на дигитални комуникации и на роботи кои се движат низ Марс, проблемот на електромеханичките претворувачи изгледа сосема тривијален. Како да е тоа некој проблем од минатиот век на кој му ставија точка уште во далечната 1924 година, во каменото доба на електроакустиката кога бил направен првиот електродинамички звучник од Американските пронаоѓачи C. W. Rice и E. W. Kelley (Рајс и Кели).
Дали е проблемот толку прост? Очигледно дека не е! Особено кога ќе го истакнеме фактот дека звучниците се надалеку најлошата алка во секој електроакустички уред. Тие произведуваат изобличувања од редот на неколку проценти (неколку редови на големина поголеми од засилувачите), огромни амплитудни изобличувања, неретко поголеми од 10 dB (да не заборавиме 10 dB е еднакво на 10 пати поголема моќност) и лесно уочливи фазни поместувања. Денешните звучници се со тешки ограничувања! Ако барате звучник кој ќе го пренесе целиот аудиоопсег од 20 до 20 000 Hz со потполно рамна амплитудно-фреквенциска карактеристика при звучно ниво од 100 dB и да е голем само еден кубен дециметар; тоа би било исто како да барате автомобил со мотор од 100 коњски сили да троши 1 литар гориво на 1000 километри, да чини 1 евро и да има век на траење 1000 години!
Дека навистина звучниците се најслабата компонента во секој систем можам да го потврдам и со личен пример. Имено, кога за прв пат го изработив својот 200W засилувач од врвна класа, со голем ентузијазам го пробав на постоечките звучници од тогаш “фамозниот” рисивер HSR140 на ЕИ Ниш, кој патем речено во тоа време (1981 год.) беше апсолутно најдобриот систем кој можеше да се купи за динари, разочарувањето беше огромно! Добиениот звук речиси во ништо не се разликуваше од звукот што го “вадеше” ХСР-от. Неосновано, сомнежите паднаа на квалитетот на изработениот засилувач, но подоцна се покажа дека проблемот е во звучниците! Сега, од оваа дистанца, најдговорно можам да тврдам дека 50% од товарот во квалитетна репродукција го носи носачот на звукот (ЦД-плеер, грамофон итн.) а останатите 50% им припаѓаат на звучниците! Односно дека предностите на одреден квалитетен засилувач доаѓаат до израз дури тогаш кога овие две алки се за неколку класи поквалитетни од самиот засилувач. Еден многу прост експеримент може и вас да ве увери во ова тврдење, ако имате “мини”-систем и некој поквалитетен систем, пробајте да им ги пермутирате (замените) звучниците!
Кој е тој фактор што придонесува ситуацијата да биде ваква? Првенствено тоа се должи на фактот дека електрониката во последните 50 години се развива со брзина на светлина додека физиката, односно разбирањето на физичките процеси оди со чекор на желка и затоа сè уште не се пронајдени соодветни квалитетни претворувачи на звучен притисок во електрична енергија и обратно, така што во текот на 80 години развиток на звучниците се развиле многу типови на електроакустички претворувачи, но повеќето од нив текот на времето ги однесе во архивите на неуспешни решенија. Во денешно време може да се каже дека се присутни само три вида електроакустички претворувачи:
1) Електродинамички звучници;
2) Пиезо-електрични звучници;
3) Електростатски звучници.
И тоа само првите два вида се нашироко присутни во пракса. Електростатските звучници поради нивната цена, како и потребата од “специјални” засилувачи присутни се само кај аудиофилите со многу “длабок” џеб. Од друга страна, пиезо-електричните звучници спаѓаат во најниската класа по амплитудно-фреквенциски карактеристики како и по цена. Остануваат за употреба за нашата намена само првите, електродинамичките звучници. Затоа ним ќе им посветиме повеќе внимание.
Овој серијал ќе содржи повеќе продолженија, во овој прв дел ќе подискутираме за предрасудите кои владеат во оваа област, а во следните продолженија темите ќа бидат параметрите што го опишуваат однесувањето на еден звучник, како да се измерат тие параметри, како да се проектира соодветна звучна кутија за конкретен звучник со помош на соодветен софтвер, а секако и да ги совладаме и потребните столарски вештини за изработка на квалитетни звучни кутии.
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 1/2007. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.