Рубрика: Аудио и видеотехника
Како до квалитетни звучни кутии? - 3. дел: Секирата во мед, рачката во рака
Автор: Емилијан Иљоски
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во

Емитер 3/2007.

Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.


Во минатиот број на ЕМИТЕР најдовме начин како да ги измериме основните параметри кои го опишуваат однесувањето на еден звучник. Параметри со кои можеме да предвидиме како истиот звучник би "свирел" во некоја веќе изработена кутија или обратно, каква е таа кутија во која истиот би свирел најдобро. Значи, првиот чекор е направен, останува уште да изодиме еден долг пат до крајната цел - квалитетна звучна кутија.

Сепак, процесот на проектирање на една звучна кутија повеќе е уметнички чин отколку наука, равенки или пресметки. Гледајќи ја вистината во очи, ние можеме да го потрошиме целиот животен век пресметувајќи ја идеалната звучна кутија за соодветен звучник, а да не стигнеме подалеку од “почетничката среќа” на некој кој им посветил само неколку работни часови на оваа проблематка.

Сакам да кажам дека наспроти нашиот приод кон проблематиката познавам повеќе успешни градители, особено од редот на музичарите, кои без познавање на основните параметри на звучниците изработуваат звучни кутии со извонреден “акустички” квалитет. Тоа го постигнуваат со примена на некој “познат рецепт”, односно со примена на некое веќе познато техничко решение. Тие едноставно знаат дека моделот XY на JBL одлично свири во ваква и ваква кутија и тоа го реализираат. Ако стават некој друг звучник наместо оригиналниот и проверениот, тие многу лесно утврдуваат дека таа конфигурација не свири како што треба и сите недостатоци на добиениот звук му ги припишуваат на односниот звучник. И ова го претставува индолентниот однос на гореопишаните “експерти” спрема техничкото решение на звучната кутија.

Многу е лесно да се изработи кутија за некој скап и проверен звучник. За истиот можат да се најдат повеќе проверени решенија, па не ни треба никаков Thielle-Small параметар, никаков програм за пресметка на истите или за пресметка на кутијата туку само одредена мајсторска (читај: столарска) зрелост да го реализираме проектот. Многу е потешко да се проектира квалитетна звучна кутија за некој поевтин звучник со инфериорни технички карактеристики за кој ги немаме ни Thielle-Small параметрите, а камоли некаков пример за изработена кутија со истиот! Тука, и само тука, доаѓа до израз магијата на нашето знаење, уметноста на нашето битие. Ние сме тука да го изодиме овој потежок пат со цел да ги осознаеме основните “магионичарски трикови” кои се применуваат при изработка на една звучна кутија.

Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 3/2007. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.