Сондата Касини, чијашто мисија за истражување на Сатурн и неговите прстени и сателити заврши во 2017 година, сè уште носи сензационални откритија. Новото изнеднадување се однесува на месечината Мимас, под чиешто “рошаво” ледено лице е детектирано присуство на течен океан.
Мимас е мала месечина, со дијаметар од само околу 400 километри. Нејзината површина исшарана со кратери не навестува ништо за постоењето на скриен океан. А сепак, новите анализи на податоците од сондата Касини откриваат дека оваа мала месечина на Сатурн крие океан од течна вода под својата ледена површина. Ова откритие, објавено во списанието Nature, повторно ја отвори вратата за можност живот да се развил и на други светови во Сончевиот систем, додавајќи го Мимас на листата од ледени месечини со внатрешни океани, на која се наоѓаат и месечините Енкелад, Европа и Ганимед.
Сатурн, вештачки обоен со сина боја се наѕира зад обоените сенки на неговите прстени и зад неговата месечина Мимас (сивата сфера), која крие течен океан под неговата површина. Фото: НАСА
Се проценува дека океанот на Мимас е длабок 20 до 30 km и се простира под ледена кора што е дебела околу 30 km. Постоењето на океанот се наметнало како можен заклучок што ги објаснува орбиталните аномалии на Мимас, кои не можеле да се објаснат само со карпесто јадро.
Океанот на Мимас е изненадувачки млад – неговата старост е проценета на помалку од 25 милиони години. За споредба, првиот океан на Земјата се формирал пред околу 4 милијарди години. Формирањето веројатно се случило при интензивни тектонски и плимни влијанија. Имено, во одреден момент од релативно блиското минато Мимас веројатно се движел по друга орбита при што искусил моќни гравитациски влијанија од другите месечини на Сатурн, а циклусите на плима и осека мошне веројатно ја загреале месечината, при што внатрешноста се стопила и се креирал океан.
Мимас е најмалата и највнатрешната од главните месечини на Сатурн. Нејзиниот новооткриен млад океан отвора нови патишта за истражување на потенцијалот за развој на живот надвор од Земјата. фото: НАСА
Откритието го проширува нашето знаење за дистрибуцијата на течна вода во Сончевиот систем. Тоа укажува дека дури и малите, навидум неактивни месечини можат да поседуваат скриени океани способни да обезбедат основните услови за одржување на живот. Присуството на внатрешен океан обезбедува потенцијално поволна средина за појава на примитивни форми на живот, засновани на органска хемија. Со тоа се зајакнува хипотезата за евентуално постоење на живот во вонземски средини.
Океанот на Мимас носи нови возбудливи предизвици за астробиолошките истражувања, отвора нови возбудливи патишта кон идни истражувања. Мошне извесно е дека идни вселенски мисии би можеле да бидат посветени на истражување на овој океан и барање докази за живот во него.