Јупитеровата месечина Европа е еден од ретките светови во нашиот Сончев систем со услови погодни за потенцијален развој на живот. Претходните истражувања веќе покажаа дека под кората на водениот мраз се крие солен океан од течна вода со карпесто дно, налик на земските поларни океани. Меѓутоа, планетарните научници сè уште не беа сигурни дали во овој океан се присутни сите хемиски состојки неопходни за живот, а особено дали има јаглерод. Сега, користејќи ги податоците од вселенскиот телескоп Џејмс Веб, астрономите детектираа присуство на јаглерод диоксид во одреден регион на ледената површина на Европа. Дали е ова знак дека во океаните под површината постои живот сличен на земскиот?
Анализата покажува дека јаглеродот најверојатно потекнува од подземниот океан, односно не бил транспортиран од метеорити или други надворешни извори. Понатаму, тој бил депониран во геолошки блиска временска рамка. Ова откритие има важни импликации за потенцијалната населливост на океанот на Европа. Имено, како што знаеме, животот на Земјата се заснова на јаглерод, па осознавањето на точниот хемиски состав на океанот под површината на оваа јупитерова месечина би дал одговор на тоа дали тој е можеби способен да изнедри и одржува живот сличен на земскиот.
Како што тоа го потенцираат авторите на еден од двата публикувани научни труда во кои се анализираат и толкуваат резултатите од набљудувањата на телескопот Џејмс Веб, „Сега сметаме дека постојат докази дека јаглеродот што го гледаме на површината на Европа потекнува од океанот. Тоа не е тривијална работа. Јаглеродот е биолошки суштински елемент за животот“.
Приказ на површината на Европа со NIRCam (блиско-инфрацрвена камера) на вселенскиот телескоп Џејмс Веб на НАСА (прв панел од лево) и композициски приказ на податоците добиени од Webb NIRSpec/IFU (следните три панели). Во композициските карти, белите пиксели одговараат на јаглерод диоксидот во големиот регион на Tara Regio (средно и десно), со дополнителни концентрации во делови од хаотичниот регион Powys Regio (лево). Вториот и третиот панел нудат докази за присуство на кристализиран јаглероден диоксид, додека четвртиот панел укажува на јаглерод диоксид со сложена и аморфна форма. Фото: Џеронимо Вилануева (NASA/GSFC), Саманта Трумбо (Универзитет Корнел), НАСА, ЕСА, АДС. Обработка на слики: Џеронимо Вилануева (NASA/GSFC), Алиса Паган (STScI)
Истражувањето утврди дека јаглеродниот диоксид на Европа е најзастапен во регионот Тара (Tara Regio), геолошки млада област но со мошне сложена кора, позната како „терен на хаос“. Имено, оваа област претрпела серија геолошки настани, кои допрва треба да се идентификуваат, при кои површинскиот мраз неколку пати бил уништен и последователно реформиран. Притоа се случувала и интензивна размена на материјал помеѓу подземниот океан и замрзнатата површина.
Научниците долго дебатираа за тоа колку европскиот океан е поврзан со неговата површина. Всушност ова прашање беше еден од поттиците за истражување на Европа. Сега научиците се сигурни дека мошне извесно ќе научат повеќе основни работи за составот на океанот дури и пред да се пристапи кон дупчење на мразот за да се дојде до скриениот океан.
Мошне битен наод е тоа што јаглеродниот диоксид не е стабилен на површината на Европа. Според тоа, научниците сметаат дека тој бил исфрлен во геолошки неодамнешен период, заклучок што само се зајакнува поради неговата концентрација во регион со млада почва.
Овие првични наоди ветуваат многу за понатамошните набљудувања на Јупитер и Европа, при кои научниците ќе имаат повеќе време за истражување.
Површината на Јупитеровата месечина Европа снимена со инструментот NIRCam на вселенскиот телескоп Џејмс Веб на НАСА. Веб детектираше присуство на јаглерод диоксид на ледената површина на Европа, материјал што најверојатно потекнува од подземниот океан на месечината. Фото: Џеронимо Вилануева (NASA/GSFC), Саманта Трумбо (Универзитет Корнел), НАСА, ЕСА, АДС. Обработка на слики: Џеронимо Вилануева (NASA/GSFC), Алиса Паган (STScI)
Приказ на површината на Европа со NIRCam (блиско-инфрацрвена камера) на вселенскиот телескоп Џејмс Веб на НАСА (прв панел од лево) и композициски приказ на податоците добиени од Webb NIRSpec/IFU (следните три панели). Во композициските карти, белите пиксели одговараат на јаглерод диоксидот во големиот регион на Tara Regio (средно и десно), со дополнителни концентрации во делови од хаотичниот регион Powys Regio (лево). Вториот и третиот панел нудат докази за присуство на кристализиран јаглероден диоксид, додека четвртиот панел укажува на јаглерод диоксид со сложена и аморфна форма.
Фото: Џеронимо Вилануева (NASA/GSFC), Саманта Трумбо (Универзитет Корнел), НАСА, ЕСА, АДС. Обработка на слики: Џеронимо Вилануева (NASA/GSFC), Алиса Паган (STScI)