Рубрика: Астрономија и астронаутика
LICIACube ги објави првите спектакуларни снимки од ударот на DART
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 29.09.2022 - 13:45

Дидим и Диморфос во облак од материјал исфрлен од местото на ударот на DART. фото: ASI/NASA

Пред ударот камерите сместени во предниот дел на вселенското летало DART ни понудија хипнотички детален приказ на карпестата површина на Диморф, пред да леталото да се урне на неговата површина и со тоа ефективно да го прекине преносот. (види Прв тест за планетарна одбрана – леталото DART удри во астероид) Сега, орбиталниот сателит LICIACube, што го придружуваше DART речиси до неговата цел, ги испрати неговите први снимки од ударот на вселенското летало во астероидот Диморф.

Како што појаснивме и во претходните статии (види тука, тука и тука) вселенско летало DART беше поставено на патека за судир со астероидот Диморф, како дел од експериментот што требаше да открие дали може да се промени траекторијата на незаканувачки астероид. DART на неговата мисија имаше и придружник – малечкиот сателит LICIACube изработен од Италијанската вселенска агенција, чијашто цел беше од безбедно растојание да направи снимки од ударот и од исфрлениот материјал и да ги испрати назад до Земјата на анализа.

Првите снимки направени од LICIACube пристигнаа. Тие прикажуваат различни агли од малиот астероид Диморф смесен во орбита околу неговиот родител Дидим. Снимките се направени со помош на двојните камери LUKE (LICIACube Unit Key Explorer) и LEIA (LICIACube Explorer Imaging for Asteroid) вградени во сателитот.

Слика направена од LEIA на која се видливи Дидим и Диморфос заедно со облакот од материјал (растојание LICIACube – Диморф = 79,8 km) / фото: ASI/NASA

Сликата направена од LUKE на која е прикажан системот Дидим–Диморф и облакот од материјал (растојание помеѓу LICIACube – Диморф = 56,7 km) / фото: ASI/NASA

Сликата од LEIA – направена на оддалеченост од околу 80 километри од местото на ударот – нуди остар поглед на Дидим во облак од материјал што го опкружува блискиот Диморф.

Спектакуларните снимки на LUKE го прикажуваат моментот на исфрлање на материјалот при ударот, кој како светлосна ерупција што се шири во сите правци од местото на ударот, додека астероидот Дидим останува незасегнат од ударот.

Во исто време ударот го забележа и опсерваторијата Ле Мак (Les Makes) на француската островска територија Реунион (недалеку од Мадагаскар). Ле Мак е партнерска опсерваторија на Европската вселенска агенција и ќе биде вклучена во претстојната мисија Хера на агенцијата, програма која треба да биде лансирана во 2024 година и ќе ја има улогата на „форензички истражувач“ на DART.

Имено, мисијата Хера ќе го истражува астероидот Диморф нешто повеќе од три години по ударот што се случи оваа недела и ќе обезбеди нови информации за состојбата во бинарниот астероиден систем.

Во меѓувреме, аналитичарите од НАСА и Лабораторијата за применета физика на Универзитетот Џон Хопкинс ќе го започнат процесот на анализа на ударот на DART за да утврдат дали орбитата на Диморф претрпела промена како последица од ударот.

Клучни зборови:
Дидим и Диморфос во облак од материјал исфрлен од местото на ударот на DART. фото: ASI/NASA

Дидим и Диморфос во облак од материјал исфрлен од местото на ударот на DART. фото: ASI/NASA

Слика направена од LEIA на која се видливи Дидим и Диморфос заедно со облакот од материјал

Слика направена од LEIA на која се видливи Дидим и Диморфос заедно со облакот од материјал (растојание LICIACube – Диморф = 79,8 km) / фото: ASI/NASA

Сликата направена од LUKE на која е прикажан системот Дидим–Диморф и облакот од материјал

Сликата направена од LUKE на која е прикажан системот Дидим–Диморф и облакот од материјал (растојание помеѓу LICIACube – Диморф = 56,7 km) / фото: ASI/NASA