Рубрика: Астрономија и астронаутика
НАСА бара помош од вас за одбрана на Земјата
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 26.06.2013 - 15:33

БЕЗ ПАНИКА! Не се работи за ништо надвор од вообичаеното – Земјата е во истата опасност како што била и вчера, и завчера, и пред еден месец, година, век... Па чуму тогаш волкава врева?
Вообичаено НАСА ги соопштува деталите за мисијата откако таа ќе биде веќе во финална фаза или, пак, пред лансирање, кога и нема многу место за измени. Овојпат тие се решија за поинаков пристап. Доколку имате идеја како да се формира одбрана на Земјата од потенцијално опасни астероиди или, пак, имате некоја сугестија на кој начин би можел да се "фати" астероид и да се стави во орбитата околу Земјата, тогаш од НАСА ве повикуваат да ги доставите вашите идеи за подобро да го оформат својот план за заробување астероид, кој треба да резултира со мисија во 2017 година.
Минатата недела НАСА упатија повик до сите академици, научници, студенти, професори, но и обични астрономи-аматери да ги достават нивните идеи за т.н. иницијатива за астероидите (Asteroid Initiative), проект во два дела, за идентификување на потенцијално опасните астероиди и изработка на планови за, како што споменавме, "заробување" астероид во орбитата, со можност за испраќање астронаути на неговата површина.
Од НАСА ги сакаат вашите идеи и предлози за реализација на оваа иницијатива, со тоа што ако ве изберат, ќе добиете можност нив да ги претставите лично на работилницата што НАСА ќе ја организира во септември, но ова ќе треба да го направите за без пари. Идеите и предлозите можете да ги доставите најдоцна до 18. јули.
На 27 јули, во 11 часот наутро по американско пацифичко време (односно 20 часот по средноевропско / македонско време), НАСА ќе одржи онлајн-форум на кој на сите заинтересирани ќе им даде можност да прашаат и да добијат одговори Иницијативата за астероидите. Линкот за форумот е http://www.nasa.gov/mission_pages/asteroids/initiative/asteroid-rfi.html