Научната фантастика може наскоро да стане реалност. Вчера НАСА ја лансираше првата мисија со којашто се тестира технологија за одбрана на Земјата од потенцијални закани од космосот – удар на астероид или на комета. Леталото ДАРТ (Double Asteroid Redirection Test) беше лансирано со ракетата на Спејс Екс, Фалкон 9 од нивната база во Калифорнија.
Сценариото на мисијата е нешто налик на мешавина од филмовите Длабок удар и Армагедон – промена на патеката на движење на астероид со кинетички удар, но со една многу битна разлика: избраниот објект на којшто ќе се тестира технологијата не претставува никаква опасност за Земјата. ДАРТ мисијата треба да покаже дека леталото е способно автоматски да пристигне до целта и да се удри во астероидот по што тој би ја сменил патеката на движење – извршувајќи поместување со метода на кинетички удар.
Лансирањето на ДАРТ од космодромот на Спејс Екс
ДАРТ е на пат во една насока кон астероидниот систем Дидим, кој се состои од пар астероиди. Целта на ДАРТ е помалиот астероид, Диморф, со пречник од приближно 160 метри, којшто орбитира околу Дидим, чијшто дијаметар е околу 780 метри. Бидејќи Диморф орбитира околу Дидим со многу побавна релативна брзина отколку што двојката орбитира околу Сонцето, резултатот од кинетичкото влијание на ДАРТ врз бинарниот систем може да се измери многу полесно отколку промената во орбитата на еден астероид околу Сонцето.
“Средбата” со системот Дидим треба да се случи некаде помеѓу 26 септември и 1 октомври следната година, намерно удирајќи во Диморф со приближно 6 километри во секунда. Научниците проценуваат дека со кинетичкиот удар орбитата на Диморф околу Дидим ќе се скрати за неколку минути.
Промената на траекторијата ќе биде прецизно мерена со употреба на земски телескопи, додека самиот удар и облакот “прашина” што ќе се крене по него ќе бидат снимени со LICIACube, летало од типот CubeSat коешто го го обезбедува Италијанската вселенска агенција а коешто го придружува ДАРТ до целта. Резултатите потоа ќе бидат потврдени со компјутерски модели, што е клучно за предвидување на ефективноста на кинетичкото влијание како сигурен метод за отклонување на опасноста од удар на астероид.
Отприлика 4 години по ударот од ДАРТ, проектот Хера на Европската вселенска агенција ќе изврши детално испитување на двата астероида, фокусирајќи се особено на кратерот што настанал по ударот од ДАРТ и на прецизно одредување на масата на Диморф.
Инаку од НАСА објавија дека ДАРТ имал успешно одвојување од втората фаза на ракетата, биле примени првите телеметриски податоци, и успешно бил извршен процесот на поставување на леталото во безбедна позиција за отворање на неговите соларни панели. Распосланите панели би требало да овозможат доволно енергија за работа на инструментите на ДАРТ и за јонскиот мотор којшто е една од технологиите кои се тестираат во живо во текот на оваа мисија.
Следната недела веќе треба да се вклучи камерата за набљудување и оптичка навигација ДРАКО (Didymos Reconnaissance and Asteroid Camera for Optical navigation – DRACO), по што би биле направени и првите снимки од патувањето на ДАРТ. Во наредните 10 месеци леталото ќе ја измине патеката долга речиси 11 милиони километри до Дидим и Диморф, водено од софицираниот систем за наведување, навигација и контрола, наречен СМАРТ Нав (Small-body Maneuvering Autonomous Real Time Navigation – SMART Nav). Системот ќе овозможи ДАРТ да ги разликува астероидите како два одделни објекти, по што ќе го насочи за удар во Диморф.
Повеќе внатрешни оддели на наса се вклучени во поддршката за безбедно одвивање на проектот ДАРТ којшто е под водство на Лабораторијата за применета физика при Универзитетот Џон Хопкинс.
НАСА ви овозможува и вие да учествувате во оваа историска мисија, и да станете “Заштитник на планетата” со одговарање на прашањата од нивниот квиз што може да го најдете тука, по што ќе добиете беџ и сертификат кои ќе можете да ги преземете или споделите на социјалните мрежи.