Рубрика: Астрономија и астронаутика
Прв тест за планетарна одбрана – леталото DART удри во астероид
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 27.09.2022 - 13:30

Површината на Дидим фатена од камерите на DART неколку моменти пред ударот

По 10 месеци поминати во вселената, леталото DART (Double Asteroid Redirection Test ест за пренасочување на двоен астероид) на НАСА ја имаше честа да ја направи првата демонстрација на планетарна одбранбена технологија во светот. Тој синоќа успешно ја погоди својата цел – избраниот астероид. Ова е прв обид за поместување на астероид од неговата траекторија во вселената.

Во 7 часот о 14 минути по локално време (односно 1 часот и 14 минуи по полноќ по македонско време), контролата на мисијата сместена во Лабораторијата за применета физика Џон Хопкинс (APL) во Лорел, Мериленд, објави дека ударот бил успешен.

Како дел од севкупната планетарна одбранбена стратегија на НАСА (повеќе за ова види тука, тука, тука и тука), ударот на DART со астероидот Диморф демонстрира остварлива техника за интервенција како заштита на планетата од астероид или комета што се на пат да удрат во Земјата. Се разбира, доколку некоја од овие закани биде откриена на време.

Астероидот Дидим (горе лево) и неговата месечина, Диморф, околу 2,5 минути пред ударот на вселенското летало ДАРТ. Сликата е направена од DRACO на оддалеченост од 920 километри од целта. Оваа слика е последната што содржи целосен приказ на двата астероиди. (Фото: НАСА/Џон Хопкинс АПЛ)

Како што појасни администраторот на НАСА, Бил Нелсон „Во основа, DART претставува невиден успех за планетарната одбрана, но исто така е мисија на единство што носи вистинска корист за целото човештво. Додека НАСА го проучува космосот и нашата матична планета, ние исто така работиме и на заштита на тој дом, а оваа меѓународна соработка ја претвори научната фантастика во научен факт, демонстрирајќи еден начин да се заштити Земјата“.

DART ја таргетираше астероидната месечина Диморф, мало тело со печник од само 160 метри коешто орбитира околу поголемиот астероид Дидим со пречник од 780 метри. Ниту еден од двата астероида не претставува закана за Земјата.

Астероидната месечина Диморф, видена низ окото на вселенското летало DART 11 секунди пред ударот. Снимката е направена на далечина од 68 километри од целта. Оваа слика е последната што го содржи целиот Диморф во видното поле. Фото: НАСА/Џон Хопкинс АПЛ

Патувањето во еден правец на мисијата потврди дека НАСА може успешно да управува со вселенско летало за тоа намерно да се судри со астероид со цел да го помести од траекторијата, техника позната како кинетичко влијание. Истражниот тим сега ќе го набљудува Диморф користејќи земски телескопи со цел да потврди дека ударот на DART успеал да ја промени орбитата на астероидот околу Дидим. Истражувачите очекуваат ударот да ја скрати орбитата на Диморф за околу 1% или приближно 10 минути; прецизното мерење на тоа колку астероидот бил отклонет е една од примарните цели на целосниот тест.

Единствениот инструмент на леталото, Didymos Reconnaissance и Asteroid Camera for Optical Navigation – DRACO, заедно со софистицираниот систем за наведување, навигација и контрола кој работи во тандем со алгоритмите за автономната навигација во реално време со маневрирање за мали тела (Small-body Maneuvering Autonomous Real Time Navigation – SMART Nav), овозможи DART да ја идентификува целта и да направи разлика помеѓу двата астероиди, насоченувајќи се кон помалото тело.

Последната целосна слика од површината на астероидната месечина Диморф, направена на оддалеченост од 12 километри над површината од астероидот и 2 секунди пред ударот. Сликата покажува дел од астероидот со ширина од 31 метар. Северот на Диморф е кон врвот на сликата.Фото: НАСА/Џон Хопкинс АПЛ

Овие системи го водеа вселенското летало тешко 570 килограми низ последните 90 000 километри од неговиот пат низ вселената до Диморфос. DART удри во астероидот со  брзина од 22 530 километри на час во обид да ја забави орбиталната брзина на астероидот. Последните снимки од DRACO, добиени од леталото неколку секунди пред ударот, нудат детален близок приказ на површината на Диморф.

Петнаесет дена пред ударот, DART  го распореди својот придружник – малиот италијански CubeSat сателит за сликање на астероиди (LICIACube), чијашто цел беше да обезбеди снимки од ударот на DART и од облакот од исфрлена материја што ќе настане при ударот во астероидот. Сликите од LICIACube заедно со сликите направени од DRACO, треба да обезбедат приказ на ефектите од судирот што ќе им помогне на истражувачите подобро да ја карактеризираат ефективноста на техниката на кинетичко влијание при отклонување на астероид. Бидејќи LICIACube не носи голема антена, сликите ќе бидат испраќани до Земјата една по една во текот на наредните недели.

Последниот поглед на DART кон астероидната месечина Диморфос пред ударот. Ова последна слика е направена од висина од околу 6 километри над површината од астероидот и само 1 секунда пред ударот. Ударот на DART се случи за време на преносот на сликата до Земјата, што резултираше со делумна слика. Сликата покажува дел од астероидот со широчина од 16 метри. Фото: НАСА/Џон Хопкинс АПЛ

Со оглед на оддалеченоста од 11 милиони километри на астероидниот пар од Земјата, глобалниот тим користи десетици телескопи стационирани ширум светот и во вселената за да го набљудува астероидниот систем. Во текот на следните недели, тие ќе имаат податоци за составот и количината на материјалот исфрлен при ударот и прецизно ќе ја измерат орбиталната промена на Диморф, со што ќе ја утврдат ефикасноста на DART во отклонување на астероидот. Резултатите ќе помогнат да се потврдат и подобрат научните компјутерски модели кои се клучни за предвидување на ефективноста на оваа техника како сигурен метод за одбрана од астероиден удар.

За околу четири години од сега, проектот Хера на Европската вселенска агенција ќе спроведе детални истражувања и на Диморф и на Дидим, со посебен фокус на кратерот настанат при ударот на DART и на прецизно мерење на масата на Диморф.

За сите што пропуштија – снимка од синоќешниот пренос во живо
Клучни зборови:
Површината на Дидим фатена од камерите на DART неколку моменти пред ударот

Површината на Дидим фатена од камерите на DART неколку моменти пред ударот

Последните слики од DART пред ударот

Астероидот Дидим (горе лево) и неговата месечина, Диморф, околу 2,5 минути пред ударот на вселенското летало ДАРТ. Сликата е направена од DRACO на оддалеченост од 920 километри од целта. Оваа слика е последната што содржи целосен приказ на двата астероиди. (Фото: НАСА/Џон Хопкинс АПЛ)

Астероидната месечина Диморф, видена низ окото на вселенското летало DART 11 секунди пред ударот.

Астероидната месечина Диморф, видена низ окото на вселенското летало DART 11 секунди пред ударот. Снимката е направена на далечина од 68 километри од целта. Оваа слика е последната што го содржи целиот Диморф во видното поле.
Фото: НАСА/Џон Хопкинс АПЛ

Последната целосна слика од површината на астероидната месечина Диморф,

Последната целосна слика од површината на астероидната месечина Диморф, направена на оддалеченост од 12 километри над површината од астероидот и 2 секунди пред ударот. Сликата покажува дел од астероидот со ширина од 31 метар. Северот на Диморф е кон врвот на сликата.
Фото: НАСА/Џон Хопкинс АПЛ

Последниот поглед на DART кон астероидната месечина Диморфос пред ударот. Ова последна слика е направена од висина од околу 6 километри над површината од астероидот и само 1 секунда пред ударот. Ударот на DART се случи за време на преносот на сликата до Земјата, што резултираше со делумна слика. Сликата покажува дел од астероидот со широчина од 16 метри. Фото: НАСА/Џон Хопкинс АПЛ