Рубрика: Омнибус
Резултати од анкетата “Читателите и Емитер”
Автор: Слободан Таневски
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во

Емитер 9/1996.

Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.


На оваа и следната страница се резултатите од анкетата што ја објавивме во бројот 5-6/96. Иако графичкиот приказ кажува скоро се, сепак неколку работи заслужуваат и посебен коментар.
Како прво одзивот на оваа анкета од ваша страна е зачудувачки мал. Иако имаше доволно време (повеќе од 2,5 месеци) во нашата редакција пристигнаа само 53 анкетни ливчиња. Овој број сепак е доволен за анализа и извлекување заклучоци, но мора да признаеме дека очекувавме барем 2-3 пати повеќе. На што се должи вака слабиот одзив можеме само да претпоставуваме. Дали на сезоната на годишни одмори или пак на традиционалната незаинтересираност на македонскиот граѓанин да влијае на работите што го опкружуваат, дури ни на оние што се од негов интерес. Како и да е резултатите од анкетата се пред нас, па да ги погледнеме.

Одговорите на првото прашање не упатуваат дека првиот контакт со ЕМИТЕР бил случаен или по препорака на пријател. Затоа во наредниот период треба повеќе внимание да обрнеме на рекламирање на списанието и негово пласирање во училиштата.
Интересен е податокот дека поголемиот број од читателите (барем од оние што ни испратиле анкетни ливчиња) го читаат ЕМИТЕР редовно, а половината од нив го позајмуваат својот примерок на еден или повеќе пријатели. Земајќи ги во предвид одговорите на третото прашање дојдовме до заклучок дека секој примерок на ЕМИТЕР во просек го читаат по 2,3 читатели.
Резултатите од шестото прашање кажуваат дека скоро половина од читателите не читаат други специјализирани списанија за што најчесто оправдување е дека се нема време или пари за нив. Оние што читаат најчесто ги читаат југословенските и хрватските списанија SAM, MAJSTOR, GALAKSIJA, ELEKTRO...
Седмото прашање ни дава одговор дека продавници за електронски материјали има само во неколку градови во Македонија - Скопје, Битола, Кавадарци, Прилеп, Струмица, Штип, Куманово и Титов Велес, со забелешки дека во помалите места тие се слабо снабдени.
Немањето можност за набавка на материјали за практичните градби е една од најчестите причини (покрај немањето на време, пари и знаење) која ја наведуваат читателите кои не изработиле ниту еден уред што бил прикажан во ЕМИТЕР. Овие читатели ги упатуваме на малите огласи преку кои за дел од објавените проекти можат да набават комплет делови. Исто така ги известуваме дека повеќето продавници за електронски материјали, како што стои во нивните реклами, го испраќаат бараниот материјал и по пошта.
Оние читатели што изработиле некој уред (64%) во просек изработиле по 2,6 уреди, така што во однос на вкупниот број читатели во просек се добива по 1,7 изработени уреди на секој читател. Ова е многу скромна бројка особено ако се земе предвид дека списанието постои скоро една година. Интересно е и тоа што најчесто се изработувани поедноставните склопови (ФМ предаватели, микрофонски предзасилувач, засилувач А5О...) додека за изработка на посложените склопови ретко кој читател се одлучил. Ваквиот резултат е реален со оглед на снабденоста на нашиот пазар, финансиските можности и знаењата на повеќето читатели; меѓутоа сепак дел од читателите (11,3% според избраниот одговор под 12.и.) изразуваат желба да има повеќе посложени проекти и апликации.
Најголем број од читателите се заинтересирани за теми од областа на аудио техниката со завидно голем интерес и за останатите области (прашање број 9). Распределбата на одговорите на ова прашање, како и на прашањата од 10 до 17, ќе бидат репер во понатамошната работа на редакцијата. Особено корисни се критиките, мислењата и предлозите што ги добиваме како одговор на седумнаесетото прашање. За повеќето од искажаните предлози редакцијата веќе има размислувано, но досега не биле реализирани поради низа објективни причини. Дел од овие предлози ќе бидат реализирани наскоро, а веќе во овој број започнуваме со рубриката “Писма” и со повторно месечно излегување на списанието. Сепак дел од предлозите за кои е потребна поголема материјална база и соодветен кадар ќе мора да причекаат некои “подобри времиња”.
Иако беше јасно дека поголемиот дел од читателите на ЕМИТЕР се од машки пол сепак резултатот што го добивме на осумнаесетото прашање е зачудувачки - анкетен лист ни испратила само една читателка и тоа на возраст од 13 години. Резултатот е зачудувачки ако се земе во предвид фактот дека само на Електро-техничкиот факултет во Скопје на насоките “Електроника и телекомуникации” и ”Компјутерска техника, информатика и автоматика” околу половина од студентите се од женски пол, а не е мал ни бројот на девојките во средните електро-технички училишта. Дека нешто “не штима” во нашиот образовен систем и во насочувањето на интересите на младите укажува и сознанието дека само околу 1% од учениците од електро-техничките училишта го набавуваат ЕМИТЕР организирано преку училиштето (и покрај попустот што редакцијата го дава во тој случај). Фактот дека нашите ученици и студенти многу малку читаат стручна литература надвор од онаа што е задолжителна се потврдува во одговорите на дваесет и второто прашање: најголем дел од читателите на ЕМИТЕР се хобисти, а најмал - ученици и студенти. За ублажување на оваа состојба редакцијата ќе превземе соодветни активности иако сме свесни дека многу повеќе можат да постигнат самите училишта и факултети.
Што се однесува до старосната структура на читателите таа е прилично рамномерно распоредена, освен во групата под 14 години. Заради приближување на електрониката и кон овие читатели, понатаму во секој број на ЕМИТЕР ќе има написи што ќе одговараат на таа возраст - во овој број тоа е проектот “Треперливи светла со светлечки диоди”.
Иако со овој преглед и осврт анкетата “Читателите и ЕМИТЕР” официјално е завршена, сепак нагласуваме дека редакцијата и понатаму е отворена за вашите критики, мислења и предлози.
За крај ни останува да се заблагодариме на читателите што учествуваа во оваа анкета и да го презентираме списокот на оние што имаа среќа да добијат некоја од наградите што ги обезбедивме со помош на нашите донатори.

НАГРАДЕНИ:
1. Илија Костовски од Струга добива лемило од “Ваце електроника”
2. Ѓорѓи Сидеров од Т. Велес добива лемило од “Ваце електроника”
3. Зоран Христовски од Струмица добива лемило од “Ваце електроника”
4. Вилдан Мемеди од Гостивар добива лемило од “Ваце електроника”
5. Марија Бечвиноска од Битола добива лемило од “КАМ-ЕЛ електроника”
6. Методија Николовски од Прилеп добива шублер од “КАМ-ЕЛ електроника“
7. Зоран Нешковски од Кочани добива универзална клешта од “КАМ-ЕЛ електроника“
8. Рашко Муриќ од Скопје добива вакуум пумпа од “КАМ-ЕЛ електроника“
9. Томе Мучев од Струмица добива комплет шрафцигери од “КАМ-ЕЛ електроника“
10. Јорданчо Ангелов од Кочани добива комплет делови за 2X10W засилувач од “ДД електроника“
11. Рино Шаровиќ од Скопје добива лемило од “ДД електроника“

Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 9/1996. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.