Рубрика: Омнибус
Маршот против Mонсанто даде резултати
Автор: Калина С. Андонова
Објавено на 20.06.2013 - 16:06

Граѓанскиот отпор му ја затвори вратата на Монсанто. Компанијата сега за сега го напушти освојувањето на Европа. Ова е мошне убава вест!
Американската мегакорпорација "Монсанто" и нејзините генетски модифицирани семиња се соочуваат со голем отпор, особено на европскиот пазар. Внимателно планираните лобирања не успеа да го скршат отпорот на милиони граѓани.
"Ние нема да лобираме за одгледување наши семиња во Европа. Контрапродуктивна е борбата против ветерници", вели разочараниот Brendon Mitchener, одговорниот на европскиот огранок на "Монсанто". Зборот "ветерници" е наменет за големиот отпор на потрошувачите на храна со ГМО-состојки. На отпорот му се придружиле и повеќе европски политичари. Mitchener вели дека европскиот пазар цврсто ја отфрла генетски модифицираната храна, и компанијата најавува повлекување и престанок на лобирањето за увоз на нивните производи. Канцеларијата за заштита на потрошувачите на Европската Унија, изјави дека на пазарот на ЕУ нема да се продава производ што е позитивен на тестот за ГМО.
Како што е познато, компанијата "Монсанто" неодамна беше причина за масовните протести организирани под името "Марш против Монсанто", кога луѓето во повеќе од 400 градови во 52 земји протестираа против компанијата и нејзините ГМ-семиња.
Еден од условите на луѓето кои беа вклучени во маршот беше обележување на ГМО-храната. Демонстрантите бараа храната со ГМО-состојки јасно да биде прикажана и означена на етикетата, за да можат корисниците да одлучат дали ќе сакаат да го купат тој производ или не.
"Монсанто" прави дополнителни напори во убедувањето на потрошувачите дека етикетирањето би било премногу скапо и дека тие не треба да знаат каков вид производ купуваат, бидејќи "храната со ГМО и онака е безбедна за исхрана", со што ЕУ не се сложува.
Поради неодамнешните протести, "Монсанто" не планира да аплицира за одобрување на нови генетски модифицирани култури и семиња во Европа. Ќе се насочат само на конвенционалните семиња на пченка, семе од репка и некој зеленчук.
Сепак, "Монсанто" само делумно се повлекува. Mitchener потврдил дека во Шпанија, Португалија и Романија, каде што пратениците и потрошувачите се помалку загрижени за ГМО-културите, "Монсанто" планира да продолжи да ги продава своите семиња.
Знаејќи ги амбициите на големите корпорации, сигурно е дека компанијата не се откажала од лобирањето во ЕУ, и дека притисоците веројатно ќе продолжат, но подалеку од очите на јавноста.
Граѓанскиот отпор ја подзатвори врата за ГМО-храната, засега само во Европа.