Даниел Мекин Фримен, кандидат за доктор по социологија и Дара Шифрер, вонреден професор по социологија, спровеле истражување со цел да утврдат како изучувањето на некоја од уметностите влијае врз постигнувањата во доменот на математиката и како овие постигнувања варираат врз основа на социо-економскиот состав на училиштето. Притоа тие ги користеле информациите достапни во американската голема национална репрезентативна база на податоци. Имено, училиштата со понизок социо-економски статус (СЕС) имаат поголем процент на ученици кои имаат право на бесплатен ручек или оброк по пониска цена.
Истражувачите откриле дека посетувањето часови по музичко образование во училиштата со повисок или среден СЕС било поврзано со повисоки резултати по математика. Како што укажуваат истражувачите, ова и не е некое изненадување, со оглед на начините на кои музиката и математиката се преклопуваат.
„Ако размислувате за ова на интуитивно ниво, читањето [и практикувањето] музика е налик на правење пресметки“, вели Мекин Фримен. „Се разбира, тоа е различен тип на математика, но токму затоа за учениците овој вид на математика може да биде попривлечен отколку учењето на пресметки“.
Сепак, позитивната врска помеѓу посетувањето часови по музичко образование и постигнувањата по математика е првенствено изолирана во училиштата каде поголемиот дел од учениците се од социјално привилегирани групи. Студијата укажува дека ова би можело да се должи на тоа што часовите по уметност во училиштата со ниска СЕС се со послаб квалитет и/или пак со недоволно ресурси. Учениците во училиштата со низок СЕС, исто така, во просек посетувале помалку часови по музика и уметност споредено со другите нивни врсници, што исто така укажува дека училиштата со низок СЕС немаат доволно ресурси кога станува збор за чaсовите по уметност.
Според истражувачите училиштата со недоволно ресурси имаат помала веројатност дури и да имаат инструменти за работа, а камоли соодветен наставник/инструктор кој ќе може да ги научи учениците да читаат музика на начин на којшто тие би можеле да направат паралела со аритметиката.
Според нив наодите укажуваат дека учењето не треба да се ограничува на училниците и кабинетите или да се врши удвојување на часовите по математика на уштрб на часовите по уметност, како што тоа се случува во некои училишта, туку напротив дека ваквиот пристап е кусоглед и контрапродуктивен.
Нивната препорака е “создавање средина во која учениците имаат пристап до добро заокружена наставна програма” што би можело индиректно да влијае врз постигнувањата од областа на математиката. Ова би значело дека за учениците часовите по музика или ликовно образование треба да бидат што поатрактивни, проследени со личен ангажман што ќе ги наведе учениците со нетрпение да ги очекуваат. Па така, практичните вежби со свирење на инструмент во бенд или соло, или со сликање, мошне веројатно ќе го вклучат мозокот во режим на потсвесно вежбање математика, од што сите ќе имаат придобивка ;)
Истражувањето беше објавено деновиве во Sociological Perspectives.