Истражување објавено во списанието Nature Scientific Report покажало дека студентите кои учат заедно во група постигнуваат многу подобри резултати од оние кои учат сами. Во истражувањето биле анализирани 80 000 интеракции меѓу 290 студенти. Било откриено дека поголемиот број интеракции на интернет се индикатор за повисоки оцени со кои тестираните студенти ги положиле испитите.
Студентите со добри оцени многу полесно формирале јаки врски со други студенти и со нив разменувале информации на поинаков и покомплексен начин. Се покажало и дека овие студенти имале тенденција да ги исклучуваат од групата оние што имале полоши резултати. Интересно било и тоа што исклучените од групата не само што подоцна не оделе на испит, туку престанале да одат и на предавања!
Мануел Сербиан (Manuel Cebrian), еден од коавторите на истражувањето, вели дека вакви групи се формираат уште во првите неколку дена од почетокот на учебната година, најчесто со комуницирање преку интернет, но и во директен, личен контакт. "Истражувањето покажува дека постои врска меѓу друштвените интеракции и размената на информации".
Интересно е тоа што членовите на групата си помагаат и се штитат од оние на кои учењето не им е примарно, колку и да се интересни како личности студентите со послаби резултати!
Ова истражување покажува дека ако на индивидуата ѝ успее да влезе во една ваква група, загарантирани ѝ се добри резултати и полесно ќе ги полага испитите. Во ова истражување било утврдено и дека групата се грижи и за другите животни потреби како што се здравјето, квалитетот на животот, социјалниот статус и друго. Исто така, било утврдено дека и студентите што имале висок степен на интелигенција и знаење постигнувале полоши резултати кога учеле сами, во однос на тоа кога биле поврзани во група. Кај членовите од групата ретко биле пронајдени студенти што пателе од депресија.
Заклучокот е дека полесно и подобро се учи поврзан во група, но притоа мора да се има на ум дека групата не трпи несериозни и недисциплинирани членови и веднаш ги елиминира.