Рубрика: Аудио и видеотехника
Тест: Мултимедија звучници (1)
Автор: Владимир Филевски
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во

Емитер 6/1999.

Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.


Напредокот на компјутерската технологија овозможи раѓање на сосема нови области, кои се во блиско сродство со компјутерите. Мултимедија е една сложена целина на компјутерска, аудио и видео техника. Во овој тест ќе бидат објаснети особеностите на мултимедија звучниците, под кои обично се подразбираат звучници наменети за персоналните компјутери или за конзолите за играње (Sega, Nintendo, Sony Playstation), иако можат да бидат користени и за синтисајзери или за преносни CD плеери. Овие звучници се активни - имаат вграден стерео засилувач со мала моќност, најчесто околу 5W (синус, RMS) по канал, а во поскапите модели често има вграден еден електронски склоп кој дава поширока стерео слика ("3 D", "surround sound",...). Компјутерските игри, едукативниот софтвер, релаксацијата со музичките CD-а во CD ROM драјвот при работата со компјутерот - сето тоа има потреба од добри звучници. Но, мултимедија звучниците не можат да дадат Hi-Fi звук, туку најмногу само квалитетен. Една од причините за таа ограниченост е неопходноста од ниската цена, а останатите причини ќе бидат објаснети во вториот дел од овој тест. Во овој дел се дадени резултатите од тестот на сабвуферите Yamaha YST-MSW5 и Target TRG-S400.

Мултимедија звучниците најчесто се многу мали, така што не можат да дадат доволно длабоки басови. Ако тоа после некое време почне да ви пречи, нема потреба да ги менувате звучниците - доволно е да додадете еден мултимедија сабвуфер. Мултимедија сабвуферите се разликуваат од класичните сабвуфери по многу помалите димензии и по барањето да не емитираат големо магнетно поле надвор од кутијата. Магнетното поле кое постои околу класичните звучници би имало негативно влијание врз сликата на блискиот компјутерски монитор. Оклопот за магнетното поле (magnetic shielding) се изведува со дополнителен магнет и метална “чашка” со која е затворен магнетот од звучникот. Ваков оклоп мора да имаат сите мултимедија звучници, не само сабвуферите.

 

Yamaha YST-MSW5

Сабвуферот YST-MSW5 е минијатурен, со димензии 28cm x 15cm x 20cm, од кои горните 7cm се простор за засилувачот. Дизајнот е функционален и едноставен - на предната плоча од кутијата на сабвуферот доминира добро обликуваниот отвор од бас-рефлекс цевката, додека самиот бас-звучник е скриен зад заштитното платно. Бас-звучникот има пречник од само 12cm, но Yamaha вели дека може да даде 40Hz. Бидејќи не е наведено колку dB е тоа под референтното ниво, може да се претпостави дека тоа се однесува на  -10dB, што сепак е одлична вредност за вака мала кутија. Моќноста на вградениот засилувач коректно е декларирана како 15W RMS (т.е. синусна) на 4W, при 10% изобличување. Тоа значи дека сигурно може да даде околу 10W моќност без изобличување, што е сосема доволно за нормално гласна музика.

 

Target TRG-S400

Овој сабвуфер има интересен дизајн - цилиндер со дијаметар 22cm и должина 40cm, хоризонтално поставен. Ваков облик првпат е употребен кај автомобилските сабвуфери, но овде дизајнот е подобар, со одличен детал - гумена рељефна обвивка на цилиндерот. На едниот крај од цилиндерот, зад металната мрежа се наоѓа еден голем бас-звучник со 20cm дијаметар, а на другиот крај е поставен засилувачот и конекторите. Принципот на работа е компресиона кутија. На картонската кутија нема никакви дополнителни информации, а ни во документацијата - ако така може да се нарече еден лист A4 формат со три сликички на кои е прикажано као треба да се поврзе сабвуферот. Никаде не е наведена моќноста на вградениот засилувач, што и не е така лоша идеја - кој ќе гледа некакви неверојатно огромни бројки.

Клучни зборови:

Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 6/1999. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.