Емитер 1/2010.
Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.
Откривањето на огромни екстрасоларни планети од типот гасовити џинови, во последно време стана неинтересно секојдневие. Меѓутоа, сега истражувачите го насочиле своето внимание кон мисии кои ќе детерминираат екстрасоларна планета доволно слична на нашата Земја, со орбита во "животната зона", така што таа може да поддржува живот. Па да видиме до каде тие стасале.
Во изминатата декада астрономите речиси секојдневно објавуваа откривање на екстрасоларни планети, во натамошниот текст ќе ги викаме егзопланети (exoplanets). Досега се откриени околу 350 такви планети, главно гасовити џинови од типот на "Јупитер". Планетите се откриени со детекција на пертурбации во траекторијата на ѕвездата. Да објасниме, овие пертурбации, кои ја оддаваат невидливата планета, се појавуваат бидејќи планетата и ѕвездата кружат како една целина околу заедничка тежишна точка т.н. барицентар. Подетално за ова види ЕМИТЕР бр. 5/02: "Планети надвор од сончевиот систем". На овој принцип во прво време беше можно да се детектираат само планети џинови, бидејќи само тие дејствуваат врз ѕвездата со доволно големо гравитациско дејство, кое предизвикува видливи пертурбации во нејзината орбита. Но, во 2005 год., со помош на подобрен софтвер за детекција, екипа од универзитетот Беркли (Berkeley), Калифорнија, ја откри првата "каменита" егзопланета од типот на Земја во орбита околу ѕвездата Gliese 876. Ѕвездата Gliese 876 е оддалечена 15 светлински години, нејзината маса изнесува само една третина од масата на сонцето, релативно е поладна, па припаѓа во групата на т.н. Црвени џуџиња. На основа на детектираните пертурбации екипата сфати дека најновата планета не е гасовит џин од типот "Јупитер", туку е само 7-8 пати помасивна од нашата Земја, па ја нарекле "Супер-Земја" и ја означиле со Gliese 876 d. Ова беше првата егзопланета, која не е гасовит џин, туку "каменита" планета, прв свет сличен на нашиот, но во друг соларен систем. Таа нема шанса да биде "животна" планета, бидејќи орбитира многу близу до својата ѕвезда, "но, ако ние сме откриле во нашата близина карпеста егзопланета слична на Земјата, секако дека во целата наша галаксија треба да има многу такви планети", вели Грег Логлин (Greg Laughlin) од универзитетот во Калифорнија, член на екипата пронаоѓачи.
Ривал на тимот од Калифорнија е една швајцарска група астрономи. Таа во јуни, 2008 година објави дека детектирале дури 3 карпести егзопланети од типот Супер-Земја, кои орбитираат исто така околу црвено џуџе, оддалечено 40 светлински год. Најмалата од нив е само 4 пати помасивна од Земјата.
Овие откритија беа поттик за некои трагачи по "втората Земја", неа да ја бараат во орбита околу црвените џуџиња, од прост резон: малите егзопланети со маса колку земјата, кај црвените џуџиња предизвикуваат поголеми пертурбации, видливи и од стационарните телескопи на земјата. Но, никој со сигурност не може да каже дали некоја каменита екзопланета, која орбитира околу црвено џуџе во животна зона, навистина ќе биде "животна" планета? Дека постојат такви егзопланети помеѓу 100 милијарди ѕвезди во нашата галаксија, во тоа астрономите не се сомневаат. Но, до сега тие научиле само како ѕвездите покажуваат постоење на егзопланети околу нив, меѓутоа ако на некоја од нив постои живот, дали астрономите ќе знаат него да го детерминираат? На тоа Грег Логлин одговора: "да, но тоа не може да се случи од Земјата, туку од орбита околу Земјата". Зошто? Поради тоа што во просторот над атмосферата на Земјата ѕвездите не трепкаат, таму нема денови и ноќи, па телескопот може да набљудува иста ѕвезда со недели без прекини, што е многу битно.
Согласно со тоа, повеќето мисии за потрага по "втората Земја" се свртени кон телескопи од орбита, и кон ѕвезди слични на Сонцето, сметајќи дека само тие можат да поддржуваат аналогии на Земјата. Две такви мисии веќе се во тек, француската Корот (Corot) и американската Кеплер, од кои се очекува да откријат повеќе "егзо-Земји", меѓу кои и некоја која орбитира околу ѕвезда од тип на Сонцето, во орбита слична на Земјината. Понатаму, во 2013 год. НАСА планира да лансира во орбита гигантски инфрацрвен телескоп JWST (James Webb Space Telescope), дизајниран не да открива егзопланети, туку индикации за живот на некоја од нив. Астрономите се надеваат дека до 2014 год. ќе објават прв провизорен доказ за живот надвор од нашиот сончев систем!
Во продолжение ќе ги разгледаме плановите за овие мисии...
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 1/2010. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.