Научниците пронајдоа две карпести егзопланети, не многу поголеми од Земјата, што орбитираат околу ѕвезда мошне блиска до нас. HD 260655 е ѕвезда од типот црвено џуџе, односно ѕвезда од М-класа со мала маса, а оддалечена околу 33 светлосни години од нас.
Откритието на егзопланетите го објави Рафаел Луки од Универзитетот на Чикаго и Институтот за астрофизика од Андалузија, Шпанија, на неодамнешниот состанок на Американското астрономско друштво во САД.
За да стекнете претстава за колку мала оддалеченост од нас се работи, тие 33 светлосни години во галактички размери скалирани во модел на галаксијата со површината на Скопје, би биле исто како Сонцето да е во Ново Лисиче а ѕвездата HD 260655 во Ѓорче Петров, додека центарот на нашата галаксија (Млечниот пат) би бил некаде околу Непал. Ова е мошне важно бидејќи ги става двете нови планети доволно блиску до нас за да ги направиме главни цели на набљудување за неодамна лансираниот вселенски телескоп Џејмс Веб.
Планетите за првпат беа забележани кон крајот на 2021 година, кога вселенскиот телескоп TESS (Transiting Exoplanet Survey Satellite) на НАСА ги забележа како поминуваат меѓу нас и нивната ѕвезда, при што беше забележана варијација во интензитетот на светлината од ѕвездата, односно извесно затемнување, додека планетите поминувале пред неа.
Ова само по себе било мошне интересно, но кога тимот на Луки ги разгледал претходните набљудувања на истата ѕвезда направени со телескопи на Земјата, тие откриле дека наизменично “нишање” во нејзиното движење, нешто за што знаеме дека се случува под влијание на гравитацијата на планетите што орбитираат околу дадената ѕвезда. Ова нишање не било доволно силно за да ги уверинаучниците во присуството на планетите во тоа време, но во комбинација со набљудувањата на ТЕSS, заклучокот дека нешто има во орбитата е неизбежен.
Kомбинирајќи ги податоците од TESS, кои овозможија проценка на пречникот на двете планети според степенот до кој ја блокираат светлината на нивното Сонце, со податоците за нишањето, кои овозможиле пресметка на нивните маси, сега беше возможно да се пресмета и густината на планетите. Притоа било откриено дека и покрај тоа што тие се малку поголеми од Земјата, планетите имаат густина прилично слична на нашата.
Ова значи дека не се работи за водени светови или светови во кои доминираат гасови, какви што се оние од нашиот надворешен Сончев систем. Според тимот обете планети се конзистентни со тоа дека што имаат карпест состав. Ова не мора да значи дека тие се близнаци на Земјата, ниту дека на нив може да опстојува некаков живот онаков каков што го знаеме.
Планетата којашто е најблиску до нејзината ѕвезда можеби е подеднакво жешка како и Венера, а и другата сè уште може да има површинска температура до 284 °C.
Но, дури и да се покаже дека овие два света се претопли за да може да поддржуваат сложен живот, тие сепак се важни цели за проучување, затоа што од нив би можеле да дознаеме повеќе за некој свет што би бил вистински налик на Земјата, секако ако го откриеме на она вистинско растојание во “зелената зона” од неговата ѕвезда.