Емитер 11/2008.
Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.
Само најскапите рачни електрични брусилки од познатите марки имаат вградено кола за мек старт. Мекото стартување значително ги намалува трошоците за одржување на машината и го продолжува нејзиниот век. Во овој текст е опишан уред за мек старт кој не се вградува во машината, туку на него се приклучува која било машина. Со ова, секоја машина приклучена на уредот добива мек старт, дури и оние машини кои сé уште на пазарот немаат верзија со мек старт. Во првиот дел од овој напис го опишавме принципот на работа на колото, а сега ќе се задржиме на некои конструкциски детали и изработка на склопот.
Вака како што е направен, уредот може да работи со оптоварување до 2200W. Најдобро е да се приклучи продолжен кабел со три приклучоци, така што на уредот ќе може да се приклучат повеќе машини со колекторски мотор но под услов да не работат сите одеднаш. Ова е случајот кога со сите машини работи еден човек. Обично една комбинација која ја користат најголем број бравари ја сочинуваат голема и мала брусилка. Кај тие подобро опремените се сретнуваат три машини: голема брусилка, мала брусилка и брусилка на статив (за прецизно отсекување на парчиња). Сите три машини може да бидат приклучени на истиот уред за мек старт (но не истовремено) и сите три машини ќе стартуваат меко. Дупчалките за разлика од брусилките имаат вградено коло за регулација на моќноста и бројот на вртежите, така што не треба да се приклучуваат на овој уред. Исто така, брусилки со вграден Soft Start не треба да се приклучуваат на уредот. На овој уред не се приклучуваат и машини со асинхрон мотор. Тие и така имаат мек старт, односно мал почетен момент. Тие, пак, имаат проблем со малиот почетен момент наспроти машините со колекторски мотор кај кои почетниот момент е голем. На неискористените приклучоци не треба да се приклучува некој уред кој постојано е вклучен, на пример, светилка или, пак, радио. На овој начин се губи мекото стартување. Колото за детекција на вклученост го детектира моментот на вклучување на светилката, таа меко стартува и тријакот потоа цело време е вклучен. Мекото стартување не само што ги штеди четкичките и механизмот на машината, туку го амортизира и почетниот удар при стартувањето на машината. Така, на пример, ако работите со брусилка од 2000W без мек старт, тогаш при стартувањето треба цврсто да ја држите машината, инаку постои опасност таа да ви ‘’излета’’ од раце и да ве повреди. Со овој уред брусилката од 2000W можете да ја стартувате и држејќи ја со една рака. Сепак, не се навикнувајте на оваа работа и секогаш брусилката држете ја цврсто при стартувањето. Можеби уредот во меѓувреме откажал и може да бидете изненадени. Ако машината во време на работа се исклучи и по кратко време додека сè уште врти по инерција пак се вклучи, нема да се почувствува мек старт. Тоа е последица на тоа што кондензаторот C12 не може моментално да се испразни. Но, тогаш дискот секако е во движење, па нема потреба од меко стартување.
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 11/2008. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.