Рубрика: Електроника
Школа за електроника: операциски засилувачи
Автор: Горан Џамбазов
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во

Емитер 4/2009.

Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.


Во овој напис ќе ги најдете одговорите на прашањата: што е операциски засилувач, какви карактеристики има и кои се најважните параметри од каталозите на производителите што се потребни за да дизајнираме едно електронско коло со овие елементи.

Операцискиот засилувач е повеќестепено засилувачко коло изведено во интегрирана техника, со следните важни карактеристики: големо напонско засилување, голема влезна отпорност, мала излезна отпорност, симетричен влез и несиметричен излез. Името "операциски засилувач" потекнува од времето кога неговата главна примена била во аналогните компјутери, како елемент со кој се вршеле математичките операции: собирање, одземање, множење, делење, диференцирање, интегрирање итн. Неговата примена денес е многу проширена, а поради фактот што поголемиот број линеарни интегрирани кола произлегле од него, се смета и за основен елемент на линеарните интегрирани кола.
Пред појавата на интегрираните ко¬ла, операцискиот засилувач (ОЗ) се изведувал со дискретни елементи - прво со електронски ламби, а потоа со тразистори. Како монолитно интегрирано коло операцискиот засилувач првпат се појавува во 1963 година. Тоа е познатото коло µA702, дизајнирано од Боб Видлер (Bob Widlar) од Fairchild Semiconductor. Најтипичниот претставник на денешните операциски засилувачи, кој како пример се сретнува во учебници, списанија и книги за хоби-електроника е операцискиот засилувач µA741 (исто од Fairchild Semiconductor). Овој ОЗ се појавил во 1968 година, а денес го произведуваат и многу други производители на интегрирани кола, со ознаки кои го содржат бројот 741.
Интегрираните ОЗ се составени од барем три засилувачки степени: влезен диференцијален засилувач, степен за напонско засилување и излезен степен. Врската меѓу засилувачките степени е исклучиво директна, па долната гранична фреквенција на засилувањето е нула (се засилуваат и еднонасочните сигнали). Влезниот диференцијален засилувач врши неколку важни функции: обезбедува диференцијален влез со висока влезна отпорност, големо напонско засилување и голем фактор на потиснување на средната вредност на влезниот напон. Во вториот степен се врши дополнително напонско засилување и фреквенциска компензација. Излезниот степен обезбедува мала излезна отпорност и ја дава потребната моќност на потрошувачот.
Важно да се напомене е дека напојувањето на најголем број на ОЗ е со двоен симетричен напон, но постојат и ОЗ кои работат со единечен извор на напон.

Рубриката "Школа за електроника" е наменета за електроничарите-почетници, но многу корисни работи во неа ќе најдат и оние понапредните. Затоа слободно, преку писмо или e-mail, поставете ги прашањата што ве мачат и предложете ги темите од електрониката за кои сакате да читате на овие страници.

Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 4/2009. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.