Рубрика: Електроника
Електронски мозочен стимулатор (1)
Автор: Емилијан Иљоски
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во

Емитер 8-9/2014.

Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.


Уште од времето на Луиџи Галвани и Алесандро Волта, влијанието на електрицитетот врз човековиот организам претставува чудо пар екселанс, рамно на чудото на создавање на живот, па затоа тоа е прекриено со невидено голем број предрасуди. Изработете го овој електронски мозочен стимулатор, кој ни малку не заостанува зад скапите професионални уреди, и ослободете се од овие предрасуди!

Навистина, вообичаениот експеримент за ученици во основно образование кој, со помош на електрична струја, создава грчење на мускулите кај мртвата жаба, дури и денес предизвикува невидена стравопочит! Како електрицитетот да е божја работа која и вдахнува живот на неживата материја. Дури и денес, кога електричната енергија е испреплетена во сите сегменти на нашето живеење, влијанието на електрицитетот врз живата материја е недоволно истражено и, следствено, недоволно познато. Тоа им дава простор на бројни предрасуди, а и во крајна линија и на бројни измами во оваа област. Па затоа, веднаш ќе кажам, предложеното решение НЕ Е “направи сам свој” генератор на електрошокови, ниту пак со него можеме да предизвикаме какво било “бришење на меморијата” односно “перење мозок”. Уште помалку, тоа е уред кој е решение за сите ваши тешкотии. Засега, со овој уред ќе се ограничиме на стимулација на черепот со поставување на електродите на ушите (или зад ушите), односно ќе го употребуваме како CES (Cranial Electrical Stimulator – Електричен стимулатор на черепот) со апликација на многу мали напони и струи, притоа обезбедувајќи потполна безбедност за корисникот.

Иако според својата структура овој уред многу наликува на популарниот TENS, употребените струи во овој случај се многу помали, што и доликува на многу поголемата чувствителност на мозокот во однос на периферниот нервен систем. Инаку, дејството на електронскиот мозочен стимулатор е потполно холистично, односно генерираните струјни импулси на својот пат поминуваат низ различни ткива и, се разбира, имаат различен (и непознат) ефект врз нив. Дел од овие струјни импулси поминуваат и низ мозокот преку милиони (и милијарди) нервни клетки со различна функција. Здравата логика во вакви случаи ни наметнува еден единствен заклучок: колку и да е делотворен врз одреден тип на ткива, еден ист електричен импулс може со исто толкава магнитуда да биде штетен врз други ткива. Односно, во целина ефектот може да биде ништовен. Но, клиничката употреба на CES покажува очигледни/јасни благотворни дејства, првенствено во намалувањето на повеќе видови главоболки и состојби на анксиозност, депресија и несоница. Тој има релаксирачко дејство, но истовремено ја зголемува будноста и моќта за забележување детали.

Вистинскиот механизам на дејство на овие струјни импулси е недоволно истражуван и во голем број сегменти и непознат, но повеќето студии на ова поле се засноваат на хипотезата дека овие импулси предизвикуваат хемиски промени и лачење одредени хормони како серотонин или допамин, стабилизирајќи го притоа неврохормоналниот систем. Како и да е, дури и CES да покажува плацебо ефекти, неговата благотворност е докажана! Па ете причина повеќе да се конструира овој евтин и доверлив електронски мозочен стимулатор и да се поминат часови во изнаоѓање на “вистинската” формула за ефикасно отстранување на низа лични тегоби како и тегоби кај најблиските, пријателите и соседите.

Уредот е потполно безбеден за употреба и во никој случај не може да предизвика ефекти штетни по човековото здравје. CES технологијата е одобрена од Американската FDA уште од далечната 1977, и тоа подредена во класата 3 (Class III) заедно со пејсмејкерите, срцевите дефибрилатори или тестовите за дијагностицирање на HIV. Во Европската Унија таа е одобрена според упатството 93/43/EEC и одговара на CE нормите. Во последните 35 години, стотици илјади пациенти биле подложени на CES терапија, и не е забележан ниту еден негативен ефект по човековото здравје.

Инаку, нашиот електронски мозочен стимулатор може да се употреби и за магнетна стимулација на черепот, се разбира со помош на соодветни магнетни електроди, но ова претставува сосема поинаков пристап со помош на кој денес се формираат помалку или повеќе успешни терапии за борба против сериозни нарушувања како Алцхајмеровата или Паркинсоновата болест, биполарно или депресивно растројство, аутизам или шизофренија. Не би навлегувале во овие области, сепак, ние сме електроинженери или ентузијасти од областа на електрониката и за нас многу поважна е техничката функционалност на електронскиот уред отколку неговото терапевтско дејство. Но својствено ни е и да пешачиме по “сончевата страна на улицата” и да го употребуваме овој уред на ведар и забавен начин, иако неговите перформанси се изедначуваат со оние на скапите професионални уреди присутни на пазарот.

Технички карактеристики:

• Нагодливи електрични импулси со струја од 30 µA до 500 µA.
• Индикација на интензитетот на импулсите со помош на LED.
• Нагодлива фреквенција на повторување на импулсите од 0,25 Hz до 256 Hz во 6 подрачја.
• Нагодлив однос импулси/пауза во однос 1:1:2 и 1:1:6 (позитивен импулс : негативен импулс : пауза).
• Автоматско исклучување при завршување на терапијата во траење од 12,5 мин., односно 25 мин. и можност за стопирање и/или ресетирање на процесот во која било негова фаза.
• Потполно автономен и пренослив уред.
• Мала потрошувачка на електрична енергија. Повеќе од 50 25-минутни терапии со 4 стандардни ААА батерии (повеќе од 250 терапии со 4 АА алкални батерии).

 
Главни елементи и материјали:

ИК: CD4011B, CD4040B, CD4060B, CD4017B;
Кристал: 32,768 kHz

Клучни зборови:

Електронскиот мозочен стимулатор помага при главоболки и состојби на анксиозност, депресија и несоница

Изработената ППК на електронскиот мозочен стимулатор

Изработената ППК на електронскиот мозочен стимулатор


Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 8-9/2014. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.