Рубрика: Аудио и видеотехника
Пасивни свртници за звучни кутии (прв дел)
Автор: Владимир Филевски
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во

Емитер 1-2/1996.

Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.


Во квалитетните звучни кутии (а и во помалку квалитетните) вградени се најмалку по два звучника – едниот (бас, woofer) ги репродуцира ниските и средните фреквенции, а другиот (високотонецот, tweeter) ги репродуцира високите. Заради постигнување на подобра репродукција на звукот понекогаш се користи и трет звучник (среднотонец, midrange) кој ги покрива само средните фреквенции. Во ова продолжение прво ќе ја разгледаме основната теорија, а потоа ќе ги анализираме двонасочните (двопојасните) свртници од прв, втор и трет ред, заедно со формулите за нивна пресметка и мноштво совети за градба.

Многу е тешко да се направи широкопојасен звучник кој ќе може да го репродуцира целиот аудио спектар (од 50Hz до 15000Hz) и при тоа да имаат рамна фреквентна карактеристика и добра дисперзија на високите тонови. Дури и ако се постигне тоа, остануваат уште два големи проблема – интермодулациското изобличување и ефектот на Доплер (знаете, она со возот), кој е исто така изобличување и тоа поголемо од интермодулациското. Овие два типа на изобличување настануваат кога звучникот емитира два тона (или повеќе) со различни фреквенции, а тоа нормално секогаш се случува при репродукција на музиката. Уште многу одамна P.W.Klipsch (конструкторот на познатата звучна кутија) докажал дека кај некои звучници Доплер изобличувањето може да стигне огромни 10% па и повеќе, независно од измерените мали вредности на хармониските изобличувања. Меѓу другите, како лош пример ја одбрал (и ја измерил) тогашната нова атракција BOSE 901 – кутија со девет мали широкопојасни звучници. Нормално, и сегашниот BOSE 901/VI го има истиот проблем со изобличувањата. Изобличувањата заради ефектот на Доплер растат со зголемувањето на амплитудата на движење (одот) на мембраната на звучникот, а тоа особено е изразено кај ниските фрквенции и кај малите звучници. Мал звучник има мала површина на мембраната и таа мора да прави големи поместувања напред – назад за да може да потисне доволен волумен на воздух. За да се намали амплитудата (а со тоа и изобличувањето) мора да се зголеми површината на мембраната на звучникот, односно да се зголеми пречникот, но тогаш пак се појавуваат проблеми во репродукцијата на високите тонови. Исклучок се планарните звучници – на пример електростатските, кои имаат одлична репродукција на високите фреквенции заради малата маса на мембраната, и занемарливи изобличувања заради големата површина на мембраната и нејзините многу мали амплитуди.

Исправки и дополнувања:
"Пасивни свртници за звучни кутии (прв дел)"

Во текстот "Пасивни свртници за звучни кутии (прв дел)" во делот каде што се изложени двонасочните свртници од втор ред (стр. 16 и 17) не е доволно јасно назначено дека во паралелната свртница (сл. 14) басот и високотонецот не мора да бидат со иста импеданса туку по потреба може да имаат различна импеданса (Rw≠Rt). Поради тоа, како дообјаснување, на сликата ви ја прикажуваме шемата на оваа свртница заедно со формулите за пресметка.
Во сериската свртница од втор ред (сл. 15) мора да биде исполнет условот Rw = Rt = R па формулите за пресметка на елементите може да го добијат следниот облик:
L2 = R / [1,414 (2Pifc)]
C2 = 1,414 / (2PifcR)


Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 1-2/1996. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.