Емитер 10/2010.
Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.
Во минатото продолжение ги обработивме основните концепти кои се применуваат при мерењата во аудиотехниката со нагласок на основните недостатоци на овие процедури. Продолжуваме со дефинирање на потребните основни мерења со нагласок на нивната структура и нивното значење. Ќе стане збор за излезната моќност, фреквентниот одѕив, хармониските и интермодулациските изобличувања, односот сигнал-шум, преслушувањето, потиснувањето на заедничкиот сигнал (CMRR), фазниот одѕив, одѕивот на транзиенти, дампинг факторот и џитерот (Jitter).
Пред извесно време, еден добар пријател, инаку по вокација музичар, ми постави едно навистина едноставно прашање: "Зошто, вие електроничарите, ја мерите со толкава прецизност и ѝ оддавате толкаво значење на амплитудно-фреквенциската карактеристика, која јас истата, со помош на регулацијата за високи, средни или ниски фреквенции можам на крајно едноставен начин да ја сменам?!?"
Одговорот во основа, исто така, да е едноставен: Основни одлики на секој систем би требало да бидат: линеарност и временска и причинско-последична непроменливост. Преведено во нашиот случај тоа би требало да значи дека секогаш кога ќе го ставиме потенциометарот за волумен на "двојка", системот (засилувачот) треба секогаш да даде иста гласност за сите фреквенции за кои е предвиден да работи. А кога ќе го свртиме истиот на "петка", системот треба да даде за соодветен и секогаш ист процент поголема моќност.
Репликата на мојот пријател музичар беше уште поедноставна и пологична: "Тогаш зошто квалитетен и скап уред со перфектно линеарна амплитудно-фреквенциската карактеристика, сосема поинаку се однесува на "двојка", "петка" и на максимална моќност кога зборуваме за субјективната оцена на квалитетот на звукот. Да не зборуваме за тоа што станува ако споредиме два различни уреда со еднакво совршени карактеристики!".
И навистина, нашите мерења како да губат на вредност неуспевајќи во потполност да ја отсликаат вистинската состојба, односно да ги пронајдат и да ги квантизираат вистинските причинители за реално постоечките разлики помеѓу аудиосистемите. Како што веќе потенцирав, тоа во добра мера се должи на сложеноста на нашето сетило за слух, но и на индолентноста кон проблемот и немањето намера да се реши истиот.
Битно е да се знае дека мерењата во аудиотехниката доживеаја многу порази во минатото изневерувајќи многу инженери и следбеници токму поради слабата корелација со слушните тестови односно субјективното поимање на квалитетот на звукот. Тоа првенствено се должи на фактот дека одредени основни мерења како мерењето на хармонските и интермодулациските изобличувања или мерењето на шумот со А–пондерирана крива, беа извршувани без воопшто да се води грижа за нивната поврзаност со субјективното. На тој начин мерењата во аудиотехниката изгубија многу на кредибилитет. И сега, кога имаме обиди да се изведе работата на вистинскиот пат, има голем степен на недоверба поради претходните неуспеси, но и поради фактот што работите се движат со невидено бавно темпо. Сепак, одреден позитивен тренд и правилен пристап кон мерењата е присутен особено кај радиодифузерите и кај аудиопрофесионалците задожени за озвучување на големи простори, во прв ред за да се осмислат нови типови мерења кои поточно би ги квантификувале разните форми на недостатоци во звучната слика кои предизвикуваат нејзина субјективна негативна оцена.
Во продолжение ќе ги разгледаме основните мерења кај аналогните и кај дигиталните аудиоуреди: излезната моќност, фреквентниот одѕив, хармониските и интермодулациските изобличувања, односот сигнал-шум, преслушувањето, потиснувањето на заедничкиот сигнал (CMRR), фазниот одѕив, одѕивот на транзиенти, дампинг факторот и џитерот (Jitter).
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 10/2010. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.