На 18 ноември 2026 година, во 10 часот 16 минути и 7 секунди по македонско време, Војаџер 1 ќе стане првиот објект направен од човек што ќе се најде на оддалеченост од повеќе од 1079 милијарди километри, односно на еден светлосен ден од Земјата. Ова практично значи дека на радиосигналот упатен од Земјата, којшто се движи со брзината на светлината, ќе му бидат потребни цели 24 часа за да стаса до леталото. За одговор од леталото, пак, ќе бидат потребни дополнителни 24 часа. Секоја размена, накратко, трае речиси 48 часа.
Потврдата доаѓа директно од Лабораторијата за млазен погон на НАСА (JPL), која управува со мисијата. Како што објасни агенцијата, комбинираните движења на сондата и Земјата околу Сонцето би можеле да предизвикаат малку флуктуација на точното време, но датумот останува ист – среда, 18 ноември.
Војаџер 1 и неговиот близнак, Војаџер 2, остануваат засега единствените објекти создадени од човек коишто ја напуштиле хелиосферата, меурот од честички и магнетни полиња генерирани од Сонцето, за да навлезат во меѓуѕвездениот простор. Војаџер 1 го премина прагот на 25 август 2012 година, по што следеше Војаџер 2 во декември 2018 година. Сепак, Војаџер 2 сè уште многу заостанува зад својот близнак. Оддалеченоста од еден светлосен ден оваа сонда ќе ја достигне дури во ноември 2035 година, а според најконзервативните проценки на НАСА, далеку од сигурно е дека леталото дотогаш ќе остане сè уште оперативно.
Обете сонди се лансирани во 1977 година – Војаџер 2 на 20 август, а Војаџер 1 на 5 септември, од Кејп Канаверал. Нивините мисии првично беа планирани да завршат по само четири години со проучување на Јупитер и Сатурн. Таа мисија заврши во ноември 1980 година со прелетот на Војаџер 1 покрај Сатурн. Сè што следеше потоа е еден долг бонус што трае веќе 46 години.
Додека Војаџер 1 го продолжи неговиот пат директно кон длабоката вселена, леталото Војаџер 2 успеа да го промени својот курс за спроведување на легендарната “Голема турнеја”, прелетувајќи покрај Уран и Нептун и останувајќи до денес единствената сонда што го сторила тоа.

Семејниот портрет на Сончевиот систем – серија фотогрaфии направени од леталата Војаџер
И покрај својата возраст, сондите сè уште испраќаат податоци кон Земјата. Војаџер 1 продолжува да пренесува научни информации од регион во вселената до кој ниеден друг човечки инструмент не стигнал. Но, времето си го прави своето и цената што треба да се плати е висока. Повеќето научни инструменти на сондата постепено биле исклучувани со текот на годините за да се заштеди енергија, тука вклучувајќи ги и камерите. Последна фотографија направена од Војаџер 1 останува легендарната Бледа сина точка (Pale Blue Dot) од 1990 година – снимка на Земјата како речиси невидлива сина точка наспроти огромната космичка темнина. Снимката беше направена на Денот на вљубените во 1990 година – пред цели 36 години.

Бледата сина точка – последната фотографија направена од камерите на Војаџер 1
Енергијата за работа ја обезбедуваат три радиоизотопски термоелектрични генератори (RTG), кои ја претвораат топлината од распаѓањето на плутониум-238 во електрична енергија, произведувајќи приближно 470 вати при лансирањето. Но, нивната моќност постојано опаѓа. Денес, тие обезбедуваат само 220-225 вати, едвај доволно за да работат малкуте инструменти што сè уште се активни. Во април годинава НАСА беше принудена да исклучи уште еден научен инструмент за да заштеди енергија и за да го продолжи уште малку животниот век на сондата.
Инженерите сега подготвуваат сложена реконфигурација на електричниот систем на леталото. За да добијат уште неколку години оперативен век, тимот на мисијата подготвува многу порадикална интервенција, неформално наречена Биг-бенг (Голема експлозија). Она што се надеваат да го постигнат од далечина е целосна реконфигурација на електричната хиерархија на бродот, со што треба да се заменат најстарите и енергетски најгладните компоненти со поефикасни алтернативи. Операцијата не е без ризик. Ако за време на постапката дојде до прекин во загревањето на критичните системи, горивните линии на погонот би можеле да замрзнат, ефективно спречувајќи ја сондата да ја насочи својата антена кон Земјата. Со ова би дошло до траен прекин на комуникациите. Поради оваа причина, тестот прво ќе се спроведе на Војаџер 2, кој има малку поголема енергетска маргина, и само ако е успешен процедурата ќе се повтори и на Војаџер 1.
По 18 ноември Војаџер 1 ќе продолжи да се оддалечува со брзина од околу 61 000 км/ч, упатувајќи се кон област од соѕвездието Змијоносец. Инженерите на JPL проценуваат дека неговите три RTG генератори конечно ќе престанат да произведуваат доволно електрична енергија некаде во почетокот на 2030-тите, со што сондата засекогаш ќе стивне. Но, нејзиното физичко патување нема да застане тука.
„На Војаџер 1 му беа потребни 35 години за да стигне до меѓуѕвездениот простор, но ќе му бидат потребни 40 000 години за да биде поблиску до ѕвездата AC+79 3888 (исто така позната како Gliese 445) отколку до нашето Сонце“, објаснуваат од НАСА. Една друга проценка, којашто се заснова врз нова студија за долгорочните траектории на сондите што го напуштаат Сончевиот систем, ја поставува оваа временска рамка на околу 44 000 години.
Како и да е , дури и откако ќе се испразнат батериите, Војаџер 1 ќе продолжи да носи една порака. Имено, во внатрешноста на обете сонди, останува најдрагоцениот товар што некогаш сме го испратиле во длабоката вселена – по еден златен диск, којшто претставува своевидна временска капсула на човештвото и Земјата. Дизајниран од тимот предводен од познатиот космолог, астроном и популарузатор на науката, Карл Саган, дискот
содржи околу сто фотографии од Земјата, снимени звуци од нашата планета, музика и поздрави на десетици различни јазици. Еден ден кога комуникацијата ќе престане, откако сондите повеќе нема да можат да испраќаат сигнали до нас, тие ќе станат наши тивки амбасадори – космичка ‘порака во шише’, фрлена во океанот на меѓуѕвездениот простор.



Златната плочата и нејзино поставувањето на една од сондите Војаџер