Со гордост објавуваме дека нашиот соработник Д-р Анис Сефиданис, професор на Факултетот за машинска интелигенција и роботика при Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ – Охрид, се стекна со официјален патент за својот пронајдок – „Паметен споменик“.
„Паметниот споменик“ на Сефиданис на иновативен и еколошки начин ја обединува виртуелната реалност и вештачката интелигенција, создавајќи нов медиум за интеракција помеѓу луѓето и ВИ. „Еколошки” значи дека не ви е потребен никаков дополнителен хардвер, како што се паметни телефони или пак очила за проширена реалност, за да ја користите оваа технологија. Хибридните споменици им овозможуваат на корисниците, вклучувајќи ги и оние кои се „офлајн”, да бидат во интеракција со дигитални артефакти поддржани со вештачка интелигенција на природен, непосреден начин.
Од промоцијата на Споменик на иднината во мај 2024 година на која виртуелен патник низ време-просторот на холографски пергамент ја донесе глаголицата на Кирил и Методиј во Охрид
Потврда за регистрираниот патент за пронајдокот Паметен споменик (лево) на д-р Анис Сефиданис (десно)
Оваа иновација е само уште една од серијата технологии на Друштвото за истражување и развој Сефиданис од Охрид, од областа наречена дигитална хуманост, во која се вркстува информатиката и уметноста, а има за цел да одговори на предизвиците на новите експоненцијални технологии. Д-р Сефиданис е конструктор на два иновативни споменици, како и хуманоидни роботи „Алшар” и „Алшар 2.0”, кои го најавија новиот правец на дигитална култура и уметност, за кои Емитер пишуваше претходно:
• Виртуелниот аватар на Григор Прличев, прв македонски виртуелен споменик, кој го воскреснува ликот на поетот преку дигитална реконструкција (види повеќе)
• Споменикот на иднината, промовиран по повод Денот на светите браќа Кирил и Методиј, симбол на синтезата меѓу технологијата и духовното наследство (прочитај повеќе)
Со овие достигнувања се подигнува нивото на научната и истражувачка дејност во Македонија, и на тој начин се овозможува подобро позиционирање на светската мапа на државите предводници на технолошки иновации.
Патентот е издаден од Заводот за индустриска сопственост и важи до 2044 година. Целосните информации се достапни на следниот линк: Преглед на патентот