Охрид гордо и стамено го оправдува епитетот на духовно средиште на Балканот. На 9. август, во 21 часот, на плоштадот на уметноста Долна Порта беше промовиран првиот дигитален паметен споменик кај нас, кој ги вкрстува вештачката интелигенција и виртуелната реалност во уникатно футуристичко искуство за граѓаните и посетителите на древниот Охрид. Вториот Хомер, Григор Прличев, со овој несекојдневен паметник ‘воскресна’ во својот роден Охрид. Очите на публиката светкаа од радост, а најзаслужен за ова искуство е раководителот на проектот проф. д-р Анис Сефиданис.
Претставениот холограм е интердисплинарен проект во кој се преплетуваат решенија од сферите на вештачката интелигенција, холографијата и виртуелната реалност. Тимот што учествуваше во реализацијата на овај проект го сочинуваа Магдалена Маркоска, како проект менаџер, магистерот по роботика Павел Тасков беше задолжен за автоматиката, додека разработката на идејниот концепт на аватарот беше под палката на директорот на охридската библиотека “Григор Прличев“, магистерот Милчо Јованоски.
Тимот којшто го реализираше овој несекојдневен проект
Тродимензионалниот модел на виртуелниот карактер до последното влакно го разработуваше магистрантот од Универзитетот во Марибор, охриѓанецот Александар Илиевски, а анимациите преку кој му вдахнавме дух на аватарот ги изработи студентот од Универзитетот “Св. Апостол Павле” во Охрид, Шабан Брзев. Посебните алгоритми за препознавање на македонски говор, вкучувајќи го и охридскиот дијалект, и целокупната платоформа за интеракција ја работеа Дамјан Петковски, Михаил Анѓелески, обајцата студенти на Универзитетот “Св. Апостол Павле” во Охрид и Петар Мишов, иден студент. Машинскиот дел, поточно статиката на уредот го разработија дипломираните машински инженери Томе Скендеровски и Џезо Сефиданоски.
За виртуелниот модел на ликот беа користени оригинални фотографии, автентични скулптури, кои се обработуваа со помош на напредни методи на машинска интелигенција за реконструкција на виртуелни карактери. Целата технологија се развиваше на Суперкомпјутерот NVIDIA DGX кој се наоѓа екслузивно во лабораториите на приватниот Институт за експоненцијални технологии Сефиданис во Охрид.
Овој виртуелен споменик што го оживува ликот и делото на великиот Григор Прличев ќе е достапен за охриѓани и туристите 24/7 и претставува интересен спој на информатичките и хуманистичките науки. Всушнот, тоа одлично ја исполнува целта на овој проект – да се сочува и освежи споменот, ликот и делото на великанот Прличев.
Засега, аватарот комуницира на македонски јазик, но идните напори за подобрување и усовршување на овој проект ќе се фокусираат во насока на симултано преведување на повеќе светски јазици со што овој значаен лик од нашето минато ќе се доближи до пошироката светска публика.