Рубрика: Астрономија и астронаутика
Роверот Perseverance го фотографираше својот скршен придружник, хеликоптерот Ingenuity
Објавено на 08.02.2024 - 15:30

Хеликоптерот Ingenuity може да се забележи на песочната дина горе лево.

На последната фотографија од Ingenuity, малечкиот хеликоптер со двоен ротор се гледа како лежи неподвижен на песочна дина, среде карпестиот пејзаж на Марс. Фотографијата е направена на 4 февруари 2024 година, во 13 часот и 5 минути по локално соларно време, нешто повеќе од две недели откако хеликоптерот претрпе оштетување кое значеше крај на неговата мисија.

Роторите на Ingenuity се оштетија за време на неговиот лет на 18 јануари, при слетување. Хеликоптерот вообичаено се служеше со пејзажните карактеристики, како карпите на пример, како помош при навигацијата. Но, при 72-риот лет, едноличниот пејзаж го оставил дронот без визуелни “помагала” за ориентација. За жал, на 72. лет Ingenuity слета принудно и изгуби контакт со роверот. Кога контактот беше повторно воспоставен, фотографиите од хеликоптерот покажаа дека неговиот ротор е тешко оштетен. Во JPL сѐ уште ја анализираат штетата на елисите, но какви и да бидат заклучоците, едно е сигурно – мисијата на Ingenuity официјално заврши.

Фотографиите од перспектива на Perseverance ја покажуваат штетата на Ingenuity Фото: NASA/JPL-Caltech/ASU

За потсетување, Ingenuity слета на Марс заедно со роверот Perseverance на 18 февруари 2021 година. Својот прв, историски лет во атмосферата на Марс го имаше во април истата година. Во изминативе 3 години дуото го истражуваше регионот на кратерот Језеро, во потрага по артефакти од древното водено минато на Црвената планета, време кога пред милијарди години можеби се појавил и живот на површината на планетата. Притоа хеликоптерот ги идентификуваше од воздух местата од интерес, кои роверот потоа ги истражуваше одблизу.

На фотографијата се гледа сенката на оштетениот ротор на хеликоптерот Ingenuity. Фотографијата е направена по неговиот последен лет, на 18 јануари оваа година. Фото: NASA/JPL-Caltech​​​​​​​

Ingenuity всушност беше прототип и неговата основна цел беше да покаже дека е можно да се лета низ ретката атмосфера на Марс. Хеликоптерот требаше да изврши само пет лета во текот на 30 дена. Но, како и речиси сите досегашни мисии, малиот дрон ги надмина очекувањата – направи вкупно 72 лета во текот на преку 1000 дена.

НАСА веќе развива уште едно беспилотно летало кое ќе лета “низ облаците” на еден друг свет. Леталото Dragonfly, со нуклеарен погон, треба да ја истражува најголемата месечина на Сатурн, Титан. Но, до почетокот на оваа мисија има уште неколку години – според календарот на НАСА, мисијата Dragonfly ќе стартува најрано во 2028 година.

Клучни зборови:
Хеликоптерот Ingenuity може да се забележи на песочната дина горе лево.

Хеликоптерот Ingenuity може да се забележи на песочната дина горе лево. Фото: NASA/JPL-Caltech/ASU

Фотографиите од перспектива на Perseverance ја покажуваат штетата на Ingenuity

Фотографиите од перспектива на Perseverance ја покажуваат штетата на Ingenuity Фото: NASA/JPL-Caltech/ASU

На фотографијата се гледа сенката на оштетениот ротор на хеликоптерот Ingenuity

На фотографијата се гледа сенката на оштетениот ротор на хеликоптерот Ingenuity. Фотографијата е направена по неговиот последен лет, на 18 јануари оваа година. Фото: NASA/JPL-Caltech