Компанијата Neuralink за првпат успешно вгради еден од своите безжични чипови во човек. Илон Маск, којшто е еден од основачите на компанијата, објави на X дека производот се вика Телепатија (Telepathy). Симболично, нема што. Според компанијата, нивна цел е да им се помогне на луѓето со сложени невролошки состојби да водат поквалитетен живот, овозможувајќи враќање на видот или подвижноста во екстремитетите, на пример, но првично да помогне овие лица да користат компјутери и мобилна технологија.
Според објавените информации кои самиот Маск ги сподели преку X, првиот пациент со вграден чип успешно закрепнува, и добиени се ветувачки знаци за детекција на нервни импулси.
За потсетување, Neuralink веќе шест години го тестираше и развиваше чипот пред конечно, во мај минатата година да добие дозвола од американската Администрација за храна и лекови за вградување во човечки мозок. Во септември компанијата доби дозвола и од независното регулаторно тело за започнување на клинички тестови на луѓе.
Според информациите од компанијата, експерименталниот имплант, кој се напојува со батерија и може да се полни безжично, ги снима и ги пренесува мозочните сигнали безжично до апликација која потоа декодира каде сака да се движи човекот. Технологијата се потпира на имплант познат како „врска“(Link), уред со габарит од отприлика пет парички поставени една врз друга, а поставувањето во на човечкиот мозок се врши со инвазивна операција.
Компанијата на Маск не е единствената која работи на ова поле. Имено, во 2022 група научници од Универзитетот во Лозана успеа со вградување на импланти да “крене” од количка тројца целосно парализирани мажи, со повреди на ‘рбетниот столб, а мината година тимот, а минатата година успехот беше повторен (и надграден) со вградување на чип во главата на 40 годишен маж со повреда на ‘рбетот кој успешно прооде по операцијата. На теренот има и други приватни комании, како австралиската Синхрон, кои развија сопствени верзии на импланти за чиешто поставување не е потребно дупчење на черепот.
Но, да не заборавиме дека сиве овие истражувања се надградуваат на една научна пресвртница што пред повеќе од 30 години беше реализирана во лабораториите на ФЕИТ во Скопје, кога беше реализираа првата контрола на движење на физички предмет со употреба на сигнали кои произлегуваат од човечки мозок во светот, воопшто (Повеќе за ова тука и тука)
Но, да се навратиме кон достигнувањето на Невролинк. Чипот „Телепатија“, според нив треба да овозможи поврзување со телефон или компјутер, а преку оваа врска и контрола со кој било друг уред – само со мислите.
„Првите корисници ќе бидат оние кои ја изгубиле способноста да ги користат рацете и нозете“, истакна Маск на X.