Оваа вест неделава го обиколи светот веднаш откако студијата што го опишува опоравокот на тројцата мажи беше објавена во научното списание Nature Medicine. Истражувањето беше предводено од тим од Швајцарскиот федерален институт за технологија (EPFL) и Универзитетската болница Вауд во Лозана, кои го примениле нивниот систем за “репарација” врз тројца пациенти со целосни повреди на 'рбетниот столб. Од што точно се состои овој систем? Клучни се електродите имплантирани директно во 'рбетниот мозок кои ја симулираат работата што ја врши мозокот кога им дава инструкции на екстремитетите да се движат.
Повредите на 'рбетниот мозок го блокираат прoтокот на електричните сигнали од мозокот кои доставуваат инструкции до нервите одговорни за движење на екстремитетите. Станува збор за повреди кои ретко заздравуваат и предизвикуваат различни форми на парализа. Како да се заобиколат овие повреди? Тимот, предводен од невронаучникот Грегоар Куртин и неврохирургот Џоселин Блох, со години работи на електрична стимулација за реактивирање на 'рбетните неврони. Ако се сеќавате, за нивната работа веќе известивме пред точно пет години во Реактивирање на нервите во ‘рбетниот столб со електрични стимулации
Во новите клинички истражувања биле вклучени три лица со целосна повреда на 'рбетниот мозок. На пациентите им биле имплантирни електроди директно врз 'рбетниот мозок, под пршлените, кои емитуваат електрични импулси што ги имитираат сигналите што минуваат низ ‘рбетниот мозок. Имплантите се, всушност, поврзани со софтвер за вештачка интелигенција. Со нивно контролирање научниците успеале да го активираат 'рбетниот мозок онака како што тоа природно би го направил мозокот на пациентот кога човекот треба да застане, да оди, да плива или да вози велосипед.
Еден од учесниците во истражувањето е триесетгодишниот Мишел Рокати кој останал парализиран по сообраќајна несреќа со мотор пред четири години. Минатиот декември тој го испробал системот, пркосејќи на неговата повреда и на замрзнатиот ветер во центарот на Лозана. Два мали далечински управувачи прикачени за помагалото на Мишел безжично биле поврзани со таблетот кој ги препраќал сигналите до пејсмејкер-уредот вграден во стомакот на Мишел. Пејсмејкерот, всушност, ги пренесува сигналите до електро-катетерот сместен во медулата – на овој начин се стимулираат специфичните неврони кои го активираат движењето на Мишел. По само еден ден од вградување на имплантот Мишел веќе можел да ги контролира движењата на торзото, а по 5 месеци специфична рехабилитација тој веќе може да оди со помош на дубалка. И ова не е сè, благодарение на софтверот, Мишел може да вози велосипед и да плива.
Сепак, истражувачите укажуваат дека нивниот пристап засега има ограничувања. За вградување на имплантите потребно е да пациентот да поседува барем 6 сантиметри здрав рбетен мозок – место каде се поставуваат електродите.
Истражувачкиот тим користи специфична, заобиколна стимулација. Во други истражувања научниците се обидуваат да овозможат моторна контрола на пациентите преку директна стимулација на мозочните сигнали. Овие алтернативни пристапи покажале слични резултати. Обата пристапи ветуваат многу за постигнување на крајната цел – обновување на 'рбетниот мозок по повреда.
Во меќувреме швајцарскиот тим доби одобрување и од американската Администрација за храна и лекови за спроведување на клинички тестирања во САД, чин што може да го забрза процесот за пристигнување до комерцијално достапна технологија.