Рубрика: Медицина
Реактивирање на нервите во ‘рбетниот столб со електрични стимулации
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 01.11.2018 - 15:00

Електричните стумулации им помогнаа на три луѓе со повреди на ‘рбетниот столб да ја повратат контролата на нивните мускули во нозете и да го подобрат нивниот од. Еден од пациентите што претходно не можел да оди, сега може да се движи со помош од друг или со соодветно помагало. Сите учесници во истражувањето ја задржале способноста за поголема подвижност дури и по престанок на терапијата со стимулации, додека двајца од пациентите покажале понатамошни подобрувања во нивната способност да одат исправено.

Но, истражувачите предупредуваат дека техниката наречена епидурална електрична стимулација сè уште е во рана фаза на примена и сè уште не е јасно дали ќе може да помогне кај дел од повредените луѓе. Засега, техниката е демонстрирана само кај лица коишто задржале делумна контрола на моторните функции под местото на повредата. Трудот е објавен на 31 октомври во Nature.

Во еден претходен труд објавен само неколку дена порано во истото списание, Меган Џил и нејзините колеги од Клиниката Мајо во Рочестер, опишуваат како по 43-неделен тренинг поддржан со електрични стимулации овозможиле пациентот кој бил целосно парализиран под местото на повредата да може да оди на лентата за вежбање. Добри вести за функционирањето на електричните стимулации пристигнаа и од Универзитетот во Луисвил, каде Клодија Анџели и нејзините колеги со помош на електрична епидурална стимулација успеале да им помогнат на двајца од четворицата повредени. Имено, едниот по 15-неделен, а другиот по 85-неделен тренинг, можеле повторно да одат исправено со помош на соодветни помагала. Нивните истражувања се објавени кон крајот на септември во New England Journal of Medicine.

Но, неврологот Грегоар Куртин од Швајцарскиот федерален технички институт во Лозана, во трудот објавен во Neuroscience Nature, тврди дека пристапот на неговиот тим со прецизен тајминг на електричната стимулација може да покаже уште подобри резултати од непрекинатата стумулација којашто може и да блокира некои од електричните сигнали што патуваат низ нервите од нозете кон мозокот.

Повредите на ‘рбетниот столб ја нарушуваат комуникацијата помеѓу невроните во рбетот и мозокот, со што се јавува нарушување на моториката, а во некои случаи и парализа, во пределот под повреденото место. Во најголем дел од повредите сè уште постои дел од врската помеѓу невроните во ‘рбетот лоцирани под повреденото место и мозокот, но врската е недоволна за да му овозможи на лицето да се движи.

Тимот на Куртин употребил електрични стумулации за да им даде дополнителна побуда на овие неврони, засилувајќи ги сигналите што преку преостаната врска биле упатени до мозокот. За оваа цел тие најнапред расчистиле кои делови од ‘рбетот учествуваат во движењата што се преземаат при чекорењето, како што се, на пример, затегнувањето на колкот или пружањето на стопалото. Потоа тие вметнале импланти за електрична стимулација кај три лица со различно ниво на нарушување на моториката во нивните нозе што се должи на повреда на ‘рбетот. Мапирањето на движењата овозможило тимот да испрограмира секвенца од електрични пулсеви што ќе го стимулираат ‘рбетот во точно време и во прецизна локација со цел да се олесни движењето. Овој начин на електрична стимулација самостојно не предизвикувала движење и функционирала само кога повредените се обидувале самите да се придвижат.

По само два дена, пациентите се привикнале на третманот. Веќе по една недела тие можеле да одат со помош на помагала што придржувале дел од нивната телесна тежина. Еден од учесниците во испитувањата воопшто не можел да ги придвижи нозете, додека на друг левата нога му била целосно одземена. Третиот пациент имал поголема моторичка способност во нозете, но не можел да ги подига нозете при неговите обиди да оди.

По петмесечна рехабилитација придружена со стимулации состојбата на повредените уште повеќе се подобрила. Тимот забележал подобрувања во мобилноста дури и кога електричната стимулација била исклучена. Двајца од учесниците во програмата можеле самостојно да се движат со помош на патерици, додека пациентот со најтешка повреда веќе можел да ја движи претходно парализираната нога додека лежел.

Тимот на Куртин разви и технологија што ќе им овозможи на пациентите да употребуваат епидурална електрична стимулација надвор од лабораторијата. Се работи за пренослив сензор што ја иницира стимулацијата, придружен со апликација што работи со гласовна команда. На овој начин корисникот може да ја избере точната форма на потребна стимулација. Уредите сè уште се развој, но учесниците во истражувањето веќе ги користат како помош за одење, па дури во еден случај и за возење на трицикл. Куртин планира оптимизација на техниката и зголемување на нејзината ефикасност и безбедност во наредните три години.

Клучни зборови: