Рубрика: Електроника
IEEE со Признание за научен дострел – пресвртница, постигната во Македонија во 1988 година
Објавено на 05.10.2023 - 13:00

Комитетот за историја при IEEE, најголемата меѓународна организација на електроинженерите во светот, го додели признанието IEEE Milestone за постигнувањето на монументална пресвртница – „Првата контрола на движење на физички предмет со употреба на сигнали кои произлегуваат од човечки мозок”, што се случи во просториите на ФЕИТ во 1988 година. Ова е прв случај признанието IEEE Milestone за клучно откритие да биде доделено за остварување на врска помеѓу мозок и компјутер.

А сега да објасниме какво е достигнувањето од доменот на компјутерската техника, роботиката и електрониката што беше за првпат во светот демонстрирано во Македонија, во Скопје, во просториите на тогашниот Електротехнички факултет, денешен ФЕИТ.

Стево Божиновски и Михаил Шестаков од Електротехничкиот факултет, заедно со Лилјана Божиновска од Институтот за физиологија од Медицинскиот факултет во Скопје успеале да контролираат мобилен робот преку човечки мозочни сигнали. Со тоа за првпат во светот создадоа врска помеѓу две различни научни дисциплини – роботиката и неврофизиологијата. Ова откритие ја поставува основата на директната комуникација мозок-робот.

При демонстрациониот експеримент од 1988 година робот се движеше по затворена линија нацртана на подот, при што беше контролиран со команди за движење/запирање преведени од евоцирани ритмички промени во ЕЕГ алфа сигнали од човечки мозок. Во експериментот бил користен робот од типот Елехоби Лијн Тракер (Elehobby Line Tracer), купен на пазарот Акихабара во Токио, Јапонија, во 1984 година.

Лабораторијата во зградата на ФЕИТ, на којашто се гледа субјектот-студент седнат на стол како го набудува контролираниот робот (фотографија од трудот објавен во Зборникот од конференцијата на ИЕЕЕ одржана 1988 г. во Њу Орлеанс) 

Настанот се случи во Лабораторијата за интелигентни машини и системи за биоинформација во Електротехничкиот факултет (ЕТФ) при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје (денешен ФЕИТ). Научниот труд во којшто беа објавени резултатите од ова истражување е публикуван истата 1988 година, во Зборникот со трудови на конференцијата на IEEE за инженерство во медицината и биологијата (IEEE Engineering in Medicine and Biology Society Conference), во Њу Орлеанс, САД.

При ова пионерско достигнување за прв пат во историјата се остварени следните подвизи:

• Воспоставена е врска помеѓу две претходно далечни области на истражување, роботика и сигнали на ЕЕГ;
• Сoздаден е нов комуникациски канал помеѓу луѓето и роботите;
• Решен е траен предизвик, постигнато е инженерско решение на проблемот на психокинеза;
• Презентиран е блок-дијаграм за интерфејс мозок-компјутер;
• Користен е алгоритам за машинско учење во истражување со поврзување на мозок и компјутер.

Постигнувањето е значително пред своето време. За ова говори и тоа што сличен резултат, контрола на робот со помош на мозочни сигнали, бил постигнат цели 11 години подоцна, во 1999 година, во САД.

FMS опремата на Movit Line Tracer роботот, прикажан на роботскиот полигон и затворената линија што тој ја следи доколку се активира (фотографија од трудот објавен во Зборникот од конференцијата на ИЕЕЕ одржана 1988 г. во Њу Орлеанс)

Во чест на ова значајно откритие и монументално постигнување на македонската наука, на 10 октомври 2023 ќе биде откриена спомен плоча во просториите на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ).

На плочата ќе стои:

Прва роботска контрола од сигнали на човечки мозок, 1988 година
Во 1988 година, во Лабораторијата за интелигентни машини и системи за биоинформација, човечките мозочни сигнали контролираа движење на физички предмет (робот) за прв пат во светот. Овој чиј ги поврза електроенцефалограмските (ЕЕГ) сигнали собрани од мозок со истражување во доменот на роботика, отворајќи нов канал за комуникација помеѓу луѓето и машините. Уредите контролирани од ЕЕГ (инвалидски колички, егзоскелети, итн.) донесоа благодат за голем број корисници и ја проширија улогата на технологијата во современото општество.”*

Со развојот на технологијата и иновациите во електрониката и вештачката интелигенција, роботите стануваат незаменлив дел во индустриските погони, одбраната и заштитата, истражувањето на предели тешко достапни за луѓе – вселена, длабоки океани, подземни окна итн. Сѐ почесто ги среќаваме и во нашето секојдневие: во домаќинствата, во образованието, во индустријата за забава.

Од ден на ден роботите стануваат подоверливи и побезбедни, поради што веќе се користат и во сфери во кои нивната примена директно влијае за спасувањето на човечки животи – изведување на хируршки прецизни операции на далечина, ласерски прецизно третирање на тумори и мноштво други интервенции што секојдневно се случуваат ширум светот. А убаво е да знаеме дека некаде во зачетокот на сиот овој подем свој исклучителен придонес во оваа револуција има и Македонија.

Преземено од IEEE Macedonia Section 


* Написот што ќе стои на плакетата испишан во оригинал на англиски јазик гласи:
First Robotic Control from Human Brain Signals, 1988
In 1988, in the Laboratory of Intelligent Machines and Bioinformation Systems, human brain signals controlled the movement of a physical object (a robot) for the first time worldwide. This linked electroencephalogram (EEG) signals collected from a brain with robotics research, opening a new channel for communication between humans and machines. EEG-controlled devices (wheelchairs, exoskeletons, etc.) have benefitted numerous users and expanded technology’s role in modern society.

Клучни зборови:
Лабораторијата во зградата на ФЕИТ, на којашто се гледа субјектот-студент седнат на стол како го набудува контролираниот робот

Лабораторијата во зградата на ФЕИТ, на којашто се гледа субјектот-студент седнат на стол како го набудува контролираниот робот (фотографија од трудот објавен во Зборникот од конференцијата на ИЕЕЕ одржана 1988 г. во Њу Орлеанс)

FMS опремата на Movit Line Tracer роботот, прикажан на роботскиот полигон и затворената линија што тој ја следи доколку се активира

FMS опремата на Movit Line Tracer роботот, прикажан на роботскиот полигон и затворената линија што тој ја следи доколку се активира (фотографија од трудот објавен во Зборникот од конференцијата на ИЕЕЕ одржана 1988 г. во Њу Орлеанс)