Еден од најтешките проблеми со кои се соочуваме во време на еколошка транзиција е конфликтот помеѓу производството на чиста енергија и влијанијата врз биодиверзитетот и животната средина на структурите што ја произведуваат. Но, иако веќе подолго време се знае дека ветерните турбини претставуваат проблем за локалните птици и лилјаци, една нова студија објавена неодамна во Journal of Applied Ecology, која го разгледува влијанието на капацитетите за искористување на сончевата енергија, открива дека и фотонапонските системи создаваат неочекувани проблеми за екосистемот.
Според англиската влада, од 2019 година до денес, 20% од новата енергија произведена во Обединетото Кралство (ОК) потекнува од соларни постројки – полиња покриени со фотонапонски панели што значително придонесуваат за транзицијата на оваа земја кон користењето на обновливи извори. Во моментов речиси 50% од сите потреби за енергија во ОК се покриени од обновливи извори. Она што сè уште недостасува, сепак, се студии за влијанието на овие извори врз екосистемот.
Тимот предводен од Елизабет Тинсли од Универзитетот во Бристол се фокусирал на лилјаците, следејќи го нивното присуство и активност во две полиња со иста форма и големина – едното култивирано, а другото покриено со соларни панели. Она што тие го откриле е дека таму каде што има панели, бројот на лилјаци е преполовен.
Лилјаците имаат важна улога во екосистемот, бидејќи се меѓу најважните предатори на инсекти во нивната околина. Тие се и мошне чувствителни на промените во нивното живеалиште и затоа се користат како индикатори за здравјето на еден екосистем. Намалувањето на нивното присуство во близина на фотонапонските системи не е добра вест.
Додека тимот работи за да разбере што точно ги вознемирува лилјаците, се анализиаат најверојатните хипотези. Една од можностите е дека присуството на панелите го намалува и присуството на инсекти, што е поттикнато пак од немањето доволно вегетација со која тие се хранат. Друга можност за отсуството на лилјаци се рамните и рефлектирачки површини на самите панели. Имено, со оглед на тоа што лилјаците се ориентираат во просторот и се движат со помош на ултразвук, сосема можно е мултиплицираното ехо да им создава проблеми во навигацијата.
Но, како што за The Conversation истакнува Герет Џонс од Универзитетот во Бристол, кој не бил директно вклучен во студијата, „Нашите резултати, сепак, не смеат да бидат пречка за енергетската транзиција, туку мора да нè поттикнат да формулираме стратегии што ќе ги подджат лилјаците во фотонапонските системи“.
П.С. Би сакале да ве потсетиме во оваа прилика на проектот “Детектор на лилјаци” објавен во Емитер 2/2013, што ќе ви овозможи да ги слушнете нечујните за човечкото уво, ултразвучни фреквенции на лилјаците, вашите тивки и срамежливи соседи од покривите и парковите.