Рубрика: Биологија
Лилјаците имаат вродено чувство за брзината на звукот
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 05.05.2021 - 15:00

Двајца истражувачи од Школата за зоологија при Универзитетот во Тел Авив откриле дека лилјаците имаат вродено чувство за брзината на звукот. Во нивниот труд објавен оваа недела во Proceedings of the National Academy of Sciences, Еран Амичај (Eran Amichai) и Јоши Јовел (Yossi Yovel) ги опишаа експериментите што тие ги спровеле со помош на диви и на лабораториски одгледувани лилјаци, и резултатите кои даваат интересни импликации во врска со начинот на којшто лилјаците го перцепираат звукот.

Веќе подолго време научниците знаат дека голем број видови лилјаци користат ехолокација за да ја утврдат оддалеченоста на некој предмет од нив – тие испраќаат звучен сигнал и потоа го мерат времето потребно за тој да се врати до нив по одбивање од околните објекти, градејќи на овој начин слика за околниот простор и оддалеченоста на специфични предмети. Она што досега сè уште не беше утврдено е дали способноста за ехолокација е вродена или стекната. За да одговорат на ова прашање, истражувачите спровеле два вида експерименти – едниот со лилјаци одгледани во заробеништво, во лабораторија, и другиот со заробени диви лилјаци.

Првиот експеримент вклучувал одгледување на лилјаците од возраст на младенчиња сè дури не ја досегнале возраста кога веќе самите се способни да најдат храна. Секој од лилјаците бил обучен да јаде од одредена цел поставена на оддалеченост од 130 см од местото на кое тие се наоѓале. Некои од лилјаците биле одгледувани во средина во која воздухот бил збогатен со хелиум, каде звукот  патувал побрзо низ воздухот поради помалата густина. Потоа, секој од лилјаците бил тестиран според две сценарија. Во првото сценарио била тестирана способноста на лилјаците да ја достигнат хранилката под нормални услови, при што била мерена и брзината со којашто лилјаците пристигнувале на целта. Во второто сценарио лилјаците биле тестирани на ист начин, но притоа се движеле низ воздух збогатен со хелиум.

Истражувачите откриле дека примероците кои летале во средина исполнета со воздух збогатен со хелиум имале тенденција да потценат растојанието потребно за пристигнување до целта. Притоа истото се случувало и со примероците одгледувани во ваква средина и со оние кои растеле во нормални атмосферски услови.

Во вториот експеримент истражувачите фатиле неколку диви лилјаци и ги научиле да јадат од истата цел како и лилјаците од првиот експеримент. Потоа ги спровеле истите тестови како и во првиот експеримент, а добиените резултати биле исти – лилјаците кои летале низ воздух збогатен со хелиум исто така го потценувале растојанието потребно за пристигање до целта.

Според истражувачите добиените резултати укажуваат дека лилјаците поседуваат вродено чувство за брзината на звукот.

Клучни зборови: