Тим истражувачи откри фрагменти од метеор што паднал во Пацификот во 2014 година. Нивните првични анализи потврдуваат дека објектот потекнува од друг сончев систем.
Ви текнува на Ави Либ, астрофизичар и космолог на Универзитетот Харвард? Основачот на проектот Галилео, чијашто цел е потрага по вонземски артефакти – индиции на „технолошки потписи“ од вонземски цивилизации, објави дека сферулите, собрани во текот на изминатите месеци од морското дно во близина на брегот на Папуа Нова Гвинеја, се со потекло надвор од нашиот Сончев систем.
Парченцата биле дел од карпа која, пред да се нурне во водите на Пацификот, изминала повеќе светлосни години низ вселената од нејзината изворна локација, во околината на ѕвезда што не е нашето Сонце. Иако заклучоците сè уште треба соодветно да се ревидираат од други истражувачи, тврдењата на Либ веќе отворија жестока дебата во научната заедница, поделена на ентузијасти кои ги поддржуваат заклучоците на Либ и оние кои тврдат дека тој греши.
Ави Либ до слика од сферула. Фото: NewsNation/Youtube.
Сѐ започна во 2014 година, со доаѓањето на метеор којшто, пред да заврши во водите во Тихиот Океан, бил следен од сателити на американската влада. Необичната брзина на метеорот, класифициран како CNEOS 2014-01-08 (или поедноставно IM1), била премногу висока и некомпатибилна со објект што орбитирал околу Сонцето во нашиот ѕвезден систем. Токму оваа аномалија го привлекла интересот на повеќе научници, меѓу кои и на Ави Либ.
Научникот, кој веќе предизвика контроверзии со тврдењето дека Оумуамуа би можел да биде вонземска сонда, минатиот јуни поведе експедиција во потрага по остатоците од IM1. Користејќи низа моќни магнети, членовите на неговиот истражувачки тим го пребарале океанското дно во реонот каде што се претпоставуваше дека паднал метеорот. На крај, тие од седиментот на океанското дно собрале стотици мали сфери со дијаметар од 0,05 до 1,3 милиметри. Парчињата биле пронајдени на длабочина од приближно 2 километра, на 85 километри северно од островот Манус.
Материјал собран благодарение на моќните магнети од морското дно – забележлива е сферула со дијаметар од 0,4 mm богата со железо (бела стрелка) наспроти заднината од парчиња школки и други остатоци Фото: Ави Либ
Прелиминарната анализа на 57 од овие сферули, направена од страна на научници од Универзитетот Харвард (САД), укажува на тоа дека барем дел од нив имаат хемиски состав каков што не би го очекувале од примероци на метеори од нашиот Сончев систем. Ова ја поттикнало хипотезата дека IM1 најнапред го преминал меѓуѕвездениот простор пред да помине низ атмосферата на нашата планета – со други зборови, тој сосема извесно дошол од друг ѕвезден систем.
Анализите всушност утврдиле дека во составот на сферулите изобилуваат металите берилиум (Be), лантан (La) и ураниум (U), со концентрација каква што досега не била забележана во составот на ниту еден метеорит.
Ако резултатите од овие првични анализи и научни трудови бидат потврдени, тие ќе донесат поен плус во прилог на идејата, сè попопуларна во последните години, дека меѓу ѕвездите мошне веројатно има постојана размена на карпести материјали. Оваа хипотеза тврди дека објектите кои орбитираат околу една ѕвезда со доволно сила може да бидат исфрлени и да завршат во орбитата на друга ѕвезда, и тоа на прилично “редовна” основа. Но, имајте на ум дека во космички размери, терминот „редовно“ може да значи дека пристигнувањето на таков објект е сепак мошне ретко за тоа да биде набљудувано од страна на човекот.
Иако не е експлицитно кажано, Либ ја остава отворена хипотезата дека пронајдениот материјал можеби припаѓа дури и на некој тип на вонземска технологија. Но, она што прво треба да се утврди е дали метеоритот навистина има екстрасоларно потекло, па дури тогаш да се обидеме да разбереме дали тој материјал е природен или е вештачки создаден.